Последни написи

Габон стана најголем снабдувач на резервни делови за руските авиони

Една локална компанија за која нема податоци извезла резервни делови во Русија дури за 1,5 милијарди долари. Габон и Русија ги засилија врските по ланскиот државен удар во африканската земја

Во 2023 година, делови од авиони во вредност од речиси 2 милијарди долари беа увезени во Русија од странство, а повеќето од нив – за речиси 1,5 милијарди долари – наводно биле испратени од Габон од една локална компанија, според царинските податоци на Руската Федерација, кои ги прегледал „Москва тајмс“. Компанијата наведена во руските царински декларации веројатно воопшто не постои – нема податоци за неа во локалната база на податоци на правни лица во Габон. Во исто време, износот на увозот надминува половина од годишниот буџет на Габон. Руските компании за кои биле увезени резервни делови од Африка имаат знаци на прикриени компании.

Според руските царински декларации, најголемиот увозник на делови за авиони во 2023 година е компанијата Ter Assala Parts, регистрирана во Габон. Нејзиниот корисник е неименуван државјанин на Киргистан. Компанијата не е наведена наведена во трговскиот регистар на Габон. Местото на регистрација на компанијата во главниот град на Габон, Либревил, и се наоѓа во станбена зграда.

За да увезе стока во Русија, компанијата мора да достави пакет документи до Федералната царинска служба на Русија, вклучувајќи ги законските документи на компанијата увозник. Но, Федералната царинска служба не е обврзана да спроведе сеопфатна проверка на правно лице.

Бизнисмен запознаен со постапката за регистрација на увезена стока отфрла дека руската царинска служба може самостојно да фалсификува документи или да внесе непостоечка фирма во царинската декларација. Најверојатно, добавувачите купиле лажно правно лице регистрирано во трети земји, но кое работи преку Габон.

Ова е „сложена криминална шема“ во која може да бидат вклучени високи функционери на двете земји, вели докторот по економија Игор Липсиц.

„Ова е привремена компанија која е измислена во Габон за да врши царински трансакции, а потоа ќе исчезне. Мислам дека има некаква структура која е регистрирана на еден начин во документацијата, но поинаку се појавува во царинските декларации. Според тоа, некој, очигледно во администрацијата на Габон, го прикрива ова. (Руската) влада очигледно дава таканаречена карт бланш“, објаснува Липсиц.

Две други популарни дестинации за увоз на делови за авиони во 2023 година се Тајланд (над 200 милиони долари) и ОАЕ (над 160 милиони долари).

Според рсуката царина, компанијата од Габон увезувала резервни делови за авионите „Боинг“ и „Ербас“ во Руската Федерација: маски за кислород, подлошки, цевки, завртки, навртки, држачи, регулатори за гориво, компјутери и системи за предупредување за судир на земја и мерење на нивото на гориво.

Дополнително, од Габон беа увезени 15 користени мотори за „Боинг-737“ и „Ербас А320/А321“ во вредност од над 58 милиони долари. Моторите беа произведени од американски компании.

Првите авионски делови од Габон отидоа во Русија во август 2023 година. Три месеци претходно, Соединетите Држави ликвидираа голем канал за снабдување со резервни делови во Русија за заобиколување на санкциите – беа уапсени бизнисмените Олег Патсулија и Василиј Беседин. Шемата користела компанија регистрирана во Флорида,  како и компании посредници и сметки во странски банки во трети земји за да ги скрие вистинските идентитети на клиентите и изворот на плаќањата, напиша „Њујорк тајмс“. На американските добавувачи им биле доставени лажни информации за клиентите и за крајната дестинација на стоката.

Москва и Либревил почнаа активно да се зближуваат по воениот удар во Габон минатата година. Како резултат на тоа, Габон беше исклучен од Договорот за африкански раст и можности и го загуби извозот на нафта, земјоделски производи и дрва во САД.

Габон е една од 4-те земји кои гласаа против исфрлањето на Русија од Советот за човекови права на ОН. Либревил, исто така, беше обвинет дека ѝ помогнал на Русија да го заобиколи ембаргото за нафта: танкери со нафта на „Совкомфлот“ пловеа под знамето на Габон. (Москва тајмс)

Извор: Независен

Latest Posts

Не пропуштај