Последни написи

Придобивките од НАТО за скептици (ако уште ги има)

Зоран БОЈАРОВСКИ

Денеска, четири години од членството во НАТО, ако некој сѐ уште се прашува што добивме од тоа, еве избор од некои од најважните придобивки.

Низ процесот за исполнување на критериумите и решавање на пречките кои стоеја на патот, добиваме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско. Како дома, така и во странство. Преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Јазикот се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани.

Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, се претвораме во позитивен пример/модел што другите сакаат да го следат. Северна Македонија се препознава како земја којашто ги решаваме проблемите, не бега од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката. Нашата земја е клучен фактор во креирањето на еден нов, Отворен Балкан достоен за 21век за посилна соработка и за оставање на стари кавги во минатото.

Со таков пристап кој гледа напред, влеговме во процес за промена на името, но добивме достоинствено решение со признание и потврдда за македонскиот национален идентитет. Нема повеќе оспорување на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани.

Добиваме јасна перспектива и можности за развој. Тоа е од суштинска важност за нашата економија. Добиваме поголем пристап и можности за користење на ЕУ фондови.

Добиваме шанса да бидеме свои на своето. Еднакви со другите во регионот, и рамноправна членка во НАТО и земја во преговори за членство во ЕУ. Седиме рамо до рамо со најсилните и најразвиените. Тоа е шанса за младите луѓе да бидат еднакви со нивните врсници во ЕУ. Тоа е можност за развој дома и просперитет за сите. Ја носиме Европа тука и создаваме можности за младите дома.

Одиме кон иднината. Не робуваме на минатото. Одиме напред, без страв и без предрасуди. Знаеме кои сме и што сакаме. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена. Ако рационално размислиме тогаш ќе сфатиме дека ништо не губиме, а можеме да добиеме сѐ.

Преговорите за членство во ЕУ го зајакнуваат процесот на домашни реформи. Земјата останува посветена на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ се дополнителна енергија и поддршка за тие реформи. Државата ќе зајакне. Институциите ќе бидат посилни.

Зајакнува кохезијата во нашето општество. Мора да се обединиме за остварување на врвните државни интереси и главните национални приоритети. Тоа ќе ја зголеми толеранцијата и почитувањето едни кон други. Градиме општество каде сите се еднакви и исто вредат. Ако сме сите посветени на исти цели, тогаш ќе имаме поблиска соработка и нема да има силни делби меѓу нас.

Така се зголемува и угледот на нашата држава во регионот и пошироко. Покажуваме дека сме способни да се фатиме во костец со најголемите проблеми. Покажуваме дека имаме капацитет да ги решаваме проблемите. Покажуваме дека сме способни и дека вредиме. Затоа добиваме честитки од сите лидери во регионот и од цела Европа.

Во друштвото на најмоќните земји во светот може да бидеме спокојни и да се посветиме на градење на нашата просперитетна иднина.

Извор: Рацин

Latest Posts

Не пропуштај