Последни написи

Можат ли платите да растат со владини мерки?

ВОЈО МАНЕВСКИ

Во вревата што нѐ поклопува и е полна со „големи теми“, најважните прашања засега остануваат надвор од фокусот. Веројатно и тоа е некоја ПР пoлитика, бидејќи одговорот на тие прашања е тежок и со колку-толку обврзувачки последици. Прво и основно прашање е дали ќе живееме подобро? Подобро ќе живеат оние што ќе ја добијат власта, тоа е сигурно за оние кои ќе ги зграпчат позициите, но како граѓаните ќе живеат е прашањето? Досега опозицијата не дозволуваше реализација на ниту една реформа и поголема инвестиција, прикажувајќи ја власта како неспособна и најчесто корумпирана. Ваквата слика за сеопштото црнило има секогаш јасна намера. Да се има што пониска основа ако се добие власт, а секое мало подобрување да се прикаже како голем напредок или да се има оправдување за неостварувањето на политиките кои се прокламираат во кампањата. Нели, секогаш претходните се виновни.

Постојат и последици за кои не се води сметка затоа што економијата има и еден психолошки дел каде таканаречената општа депресија ги забавува и инвестициските процеси, а најмногу влијае на општата продуктивност во државата. Доказ за тоа можете да најдете ако излезете до маркет или пазар. Сите се жалат на скапотијата и општиот впечаток за состојбата е бесперспективност. Како очекуваме да имаме успешна држава ако меѓу граѓаните има раширено мислење дека ОВАА ДРЖАВА НЕ ЈА БИВА? Со самата промена на власта не се решаваат проблемите, туку со издржани мерки и сериозни промени. Ако опозицијата бара од Европа потврда дека нема да има нови идентитетски препреки за нас, имаме ли право да побараме како граѓани одговор на прашањето од опозицијата? Кои се политиките кои ќе ни го подобрат животот и кои се тие кадри што тоа ќе го направат?

Пред некој ден имаше дебата со претставници на работодавачите на тема зголемување на платите со административни мерки. Се работи за минималната плата која се исплаќа и просечната плата која треба да е резултат на градацијата во платите. Овде имаме непринципиелност уште од почеток. Има разлика меѓу економијата во производството и трговијата или услужниот сектор. Тие што произведуваат имаат секогаш едно правило – рентабилно производство и профит за сопственикот на капацитетот. За да имаат поголем профит мораат да ја зголемат продуктивноста или да ги намалат трошоците, најчесто и двете. Досега намалувањата на трошоците ги правеа со ниски плати, од едноставна причина што имаше голем број на невработени и конкуренцијата им даваше комоција. Ама тоа се смени поради големото иселување на работоспособното население.

На компаниите не им е секогаш проблем наоѓањето на финансиски средства за да ја подигнат технолошката ефикасност. На еден или друг начин, можат да дојдат до нови технологии. Но, за пософистицирана технологија е потребна пообучена работна сила која бара поголеми плати. Таква нема доволно на располагање – и поради иселувањето, а и поради несоодветноста на образовниот систем кој обучува кадри кои не се со знаења потребни на производните компании. Значи, им требаат уште повеќе средства за да ги покачат платите како би ги задржале обучените работници и привлечат нови. Каде би ги зеле тие средства? Да го намалат својот профит и инвестициите во технолошкиот процес или да бараат државата да ги намали своите зафати во финансиите на компаниите? Засега тие нотираат дел од втората опција и тоа кај царините и парафискалните давачки на кои се изложени. Сериозната расправа за нов даночен систем засега изостанува или е покриена со други теми.

За да се покачат платите во реалниот сектор, сериозно мора да се направи реформа во државниот апарат кој ќе чини помалку и ќе биде поефикасен. Така ќе се намалат буџетските трошоци со што би се компензирало намаленото зафаќање од бизнисите. Е овде се закочуваат сите добри намери, бидејќи политичкиот систем живее врз клиентилистички вредности, а за тоа се потребни пари во буџетот. Ако нема од даноците – се задолжува државата. И такa, дојдовме до задолженост од над 61%. Секое понатамошно задолжување ќе биде сѐ поскапо, а тоа ќе ја доведе државата до работ на ликвидност. Ете, затоа граѓаните велат дека не ја бива државата. Не сограѓани! Државата како организам ја бива, не го бива нашето општествто како заедница. Последиците од предимензионираниот буџет и државниот апарат како најголем работодавач и корисник на буџетот ги намалува шансите за поголеми плати и стопирање на негативните трендови во економијата и општеството. Реформата во политичкиот систем е не само нужна, туку веќе и задоцнета. Затоа, објективно на сегашната Влада треба да ѝ се припише како успех покачувањето на платите. Платите во реалната економија велам, не платите на администрацијата. Таму растот на платите е резултат на повеќе политички и буџетски мерки, а треба да е последица на растот на производството и зголемениот вкупен БДП.

Што се однесува до секторот услуги и трговија овде државата има недоволна функција. Во систем на картелска солидарност и префрлање на ризиците од погрешни одлуки врз џебот на граѓаните, државата мора да ја одигра својата улога на заштитник на стандардот на граѓаните. Маржите кои се големи директно влијаат врз тој стандард. Улогата на државата во поставување во рамноправни услови на пазарот не е еднократна постапка, туку бара и надзорна нејзина функција. Најеклатантен пример за положбата на големите трговци е одложеното плаќање на производителите. Тие стоката ја плаќаат на 30, 60, па дури и 90 дена. Често знаат и тој рок да го продолжат па производителите се приморани на кредити за одржување на производството. Во следната цена мора и тоа да се пресмета, па цената на нивниот производ пораснува. Со мерки на државата тој процес мора да се забрза и ризикот од поголеми цени треба да го има и големиот трговец. Како во некои економии каде рокот за одложено плаќање е лимитиран, а секое задоцнување на плаќањето се обременува со камата според законот, плус таа камата не се признава како трошок. Така ќе се избегнат и скапите извршителски услуги. Ако тој процес се отчепи и производителот ќе може да продава по помали цени ако обртот на капитал му се забрзува. Секако, бенефит ќе имаат и крајните купувачи, а не само трговците. Инспекторскиот систем овде мора да биде на висина на задачата. Комотната положба на големите трговци мора да биде строго регулирана и контролирана. Ако не е таков тогаш корупцијата расте прогресивно и цената ја плаќаат граѓаните. Ова е само идеја, а секоја идна Влада мора да најде начин на побрзо движење на парите во системот, бидејќи тоа е еден од најдобрите начини да се намали внатрешното задолжување.

Ова е едно од централните прашања кон опозицијата во оваа кампања. Кои мерки ги предлагате за зајакнување на инспекторскиот сектор? Ако повторно го ставите под партиска рака само ќе се сменат профитерите и состојбата ќе остане иста. Резулат ќе бидат високите цени и намалување на стандардот на граѓаните. Мерките кои ги објаснува потпретседателот на Владата, Битиќи, мора да се разгледат сериозно. Ова е прв пат некој да се зафати со едно од жариштата на шпекулативната трговија и неконтролираниот раст на цените. Понудата и побарувачката се механизми за пазар кој е оформен, а се алатки за богатење во пазари со слаба правна сигурност и нефункционален државен апарат.

Треба ли државата да се меша во одредувањето на платите? Да, треба, но не како поединечна мерка, туку како сет на мерки кои ќе ослободат средства за покачување на платите. При тоа мора да ги подигне капацитетите на администрацијата за да ја зголеми својата ефикасност, но истовремено се откаже од преголемото свое трошење за истата таа администрацијата (е, тоа ќе биде вистинската уметност). Секако и да ја намали корупцијата, бидејќи таа во крајна линија е трошок за државата, само што од тоа корист имаат некои поединци. Партиските кадри ќе ги има, но ајде нека од своите редови ги бираат најдобрите, а не најклиентите и нека се договорат до кое ниво. Ако тоа е до ниво на возач и хигиеничар, тогаш сѐ ќе остане по старо.

Во претседателската кампања се наслушавме на споменување на имиња на познати професори и мислители, наши и светски. Некој веројатно мисли дека со тоа се подига авторитетот и компетентноста на кандидатката/кандидатот. Но јас моето мислење за ова веќе го кажав, минатиот пат напишав дека ни требаат политичари, а не само професори со научни титули и трудови.

За да не бидам надвор од трендот ќе ви цитриам дел од ставовите еден мој пријател кој е и професор и долги години политичар во соседна Србија. На прашањето – што се треба да разбере мнозинството граѓани во Србија за да се живее подобро – тој одговара:

Кога мнозинството во оваа земја ќе разбере дека:

  • Демократијата не е тиранија на мнозинството.
  • Тоа што државата не е окупирана не значи дека е слободна.
  • Интелектуалец е оној што постојано учи, а не оној што вели дека сѐ знае. Тој најчесто малку знае и уште помалку разбира од она што тврди дека го знае.
  • Граѓаните се работодавачи, а политичарите слуги.
  • Примитивизмот не е одраз на непосредноста, а пристојноста глумење.
  • Традицијата треба да се почитува, ама не и да се следи слепо. Инаку уште ќе живеевме во пештери.
  • Сиромавиот и чесниот не се синоними.
  • Неписмениот и нерасипаниот исто не се синоними.
  • Треба да разбереме дека не нѐ мразат сите, туку најголем дел од светот не знае дека постоиме.
  • Случајно сме родени како Срби и тоа не е титула.
  • Држава во која секои десеттина години се избере некој авторитарен лудак нема никогаш да стане дел од цивилизирана Европа и светот.

Ако ова го разбере мнозинството на граѓани тогаш можеби ќе има надеж дека младите луѓе ќе сакаат да живеат во оваа земја, наместо да бидат препуштени на разни манипуланти од секаков вид, чија алчност и безобразлук ја буткаат вистината и пристојноста под тепих каде се става општествениот измет.

Ова се ставови на проф. Бојан Пајтиќ, редовен проф на Универзитетот во Нови Сад и еден од најугледните експерти за облигациско право. Како политичар беше на чело на Покраината Војводина четири мандати, а се повлече како претседател на Демократска странка  која беше на власт една деценија во Србија.  Тој зборува за негова Србија, а јас сметам дека замената на имињата на државата и народот со нашиве не ја менува суштината – истите ставови важат и за нас, зарем не?

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај