More

    Во Северна Македонија, 6 јануари 2021 се случи на 27 април 2017 година

    Северна Македонија навистина имаше хибриден режим. Тоа беше во периодот помеѓу 2013 и 2017. Во тој период незаконски беа прислушувани повеќе од 20.000 луѓе. Во тој хибриден режим имаше листата за „отстрел“ на 148 познати граѓански активисти. Ако ги погледнеме социјалните мрежи, се уште има такви кои повикуваат на отстрел за многумина од овие 148. Во Северна Македонија, 6 јануари 2021 се случи на 27 април 2017 година.

    Пишува: Андреја СТОЈКОВСКИ

    Помина еден месец од мојата последна објава. Тогаш бев во шок од смртта на Алексеј Навални и се обидов на читателите да им насликам дека режими како оној на Путин во Русија имаат само еден модел на справување со неистомислениците. Сакав да верувам дека можноста за повлекување на паралела помеѓу Русија и Северна Македонија заврши помеѓу 2015 и првата половина од 2017, така и напишав. Но, во меѓувреме послушав многу приказни, следев вести на повеќе сериозни и помалку сериозни медиуми, разговарав со многу луѓе, од најразлични сегменти на општествата во неколку часовни зони, две држави и континенти.

    Додека бев отсутен бев на патување во САД. Повторно ги посетив Илиноис и Индијана во т.н. Производен појас, или како што американците го нарекуваат „Rust Belt“. Двете држави не се воопшто интересни од аспект на американските избори. Во Илиноис победуваат Демократите, додека во Индијана победуваат Републиканците. Во обете држави има развиена индустрија, во Илиноис тоа се големи машини и машини за земјоделството, додека во Индијана тоа е производството на челик и автомобилската индустрија. Од другата страна, двете држави се огромни производители на земјоделски производи, пченка, соја, месо, млеко итн. Дополнително, како голем град, Чикаго е седиште за некои од најпознатите и најголемите компании во САД, а со тоа прави економијата на Илиноис да биде петто рангирана според БДП на поединечните држави. Пред Илиноис се само Калифорнија, Тексас, Њујорк и Флорида кои дури и во светски рамки, ако би биле индивидуално рангирани би се нашле во топ дваесетте економии.

    Кога ќе ги погледнете економските показатели, нешто на што постојано посочуваат од Белата куќа и Сенатот, последните 3 години покрај пандемијата и економската криза, САД се наоѓаат во ера на извонреден економски раст. После остриот пад поради пандемијата, високите стапки на инфлација и пазар на труд кој се намалува. Денес економијата во САД е на пред пандемски рамки со инфлација близу до посакуваната од 2% и невработеност од 3,5%. Воедно, креирањето на нови работни места руши рекорди. Сепак, во моите средби со луѓето слушнав многу интересни видувања. Уште веднаш по слетувањето на аеродромот во Чикаго возачот кој ме одвезе до не така блиското предградие почна да ме убедува дека овие податоци не допираат до граѓаните. Како и во САД, економските показатели за Северна Македонија велат дека економијата покажала променлив раст, невработеноста опаѓа, а инфлацијата била главно под контрола. Згора на тоа и платата бележи пораст и тоа реален, а државата можеби е на 84-тото место на Индексот на среќата, но во последниве 11 години се искачила за 34 места. Сепак, ова се податоци, а за многумина реалното чувство е поинакво.

    Во следните приближно две недели во разговорите со повеќето пријатели и други кои имав можност да ги запознам слушнав аргументи за и против сите претседателски кандидати. Слушнав и приказни, но и, изјави кои ме воодушевија и замислија. Среќа немаше такви што би ме загрижиле, иако има многу простор за грижа. Многумина од моите соговорници размислуваат зрело за државата и се сомневаат во квалитетот на демократијата. Покрај тоа што се граѓани на државата која извезува демократија. Некои не се согласуваат со политиките на актуелната администрација. Иако, не сретнав такви кои сметаат дека Украина не заслужува помош, а Русија го има сето право најагресивно да ја нападне. Имаше такви кои сметаат дека на државата и треба подобар или поголем избор но, немаше такви кои за 6 јануари 2021 и толпата која го нападна Капитол зборуваат како за херои. Дури и меѓу оние кои го поддржуваат Трамп!

    Прогресот не се брани со голи флоскули, а во Европската Унија пристапува целото општество, откако власта ќе пристапи кон сериозен реформски процес. Но, ниту најпоетското опишување на крвниците кои упаднаа во Собранието за да ја остварат целта на оние кои ја грабнаа државата, нема да направи од нив херои.

    Во меѓувреме, на седум, односно шест часовни зони оддалеченост, дома, се профилираа кандидатите и се филтрираа главните пораки за нашите избори оваа пролет. Главно пораките се групираат околу поддршка за прогресивни политики и пристапување во Европската Унија, односно околу нешто на кое се уште не сме му ја виделе формата, политичката програма односно порака. Да бидам до крај јасен, прогресот не се брани со голи флоскули, а во Европската Унија пристапува целото општество, откако власта ќе пристапи кон сериозен реформски процес. Но, ниту најпоетското опишување на крвниците кои упаднаа во Собранието за да ја остварат целта на оние кои ја грабнаа државата, нема да направи од нив херои.

    Вчера подготвувајќи се да гостувам на една политичка ТВ дебата на која требаше да зборуваме за изборите и ефектот врз пристапувањето во Европската Унија случајно послушав една најава на вести на телевизијата која рекламира маслиново масло од унгарско потекло. Во најавата за државата и власта се зборуваше како за режим. Немав сила да продолжам да ја слушам но, како да ме подготви за она што следуваше подоцна. Она што следуваше беше повеќе релативизирање на реалните закани за државата, помалку патриотизам и поддршка за ревизијата на најцрниот момент во современата историја на државата

    Северна Македонија навистина имаше хибриден режим. Тоа беше во периодот помеѓу 2013 и 2017. Во тој период незаконски беа прислушувани повеќе од 20.000 луѓе. Во тој хибриден режим имаше листата за „отстрел“ на 148 познати граѓански активисти. Ако ги погледнеме социјалните мрежи, се уште има такви кои повикуваат на отстрел за многумина од овие 148. Во Северна Македонија, 6 јануари 2021 се случи на 27 април 2017 година.

    Во САД, малкумина имаат милост за оние кои упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година. Меѓу оние со кои имав можност да зборувам, дури и оние кои го поддржуваат Трамп за нив зборуваат со осуда. Во демократијата нема место за такви постапки! Тоа е главната порака која деновиве се испраќа. Во Северна Македонија, од 27 април до денес, се сменија некои политички елити, но наследниците на тогашниот режим никогаш не ја прифатија вината за стореното, макар и со политичка изјава. Никогаш не покажаа покајание, ниту се извинија за прогонот. Никогаш не се дистанцираа од сторителите. Напротив и натаму зборуваат за нив во суперлатив. и посочуваат дека изборната победа ќе значи и простување

    Борбата против заробувањето на државата во Северна Македонија мора да продолжи и натаму! Знам дека многумина од оние 148 активисти споменати погоре очекува и бараа подобро. Но подобро доаѓа со постојано граѓанско учество, со постојана борба за идеали и реформи кои гарантираат почитување и зголемување на слободите на сите граѓани. Подобро доаѓа низ постојан напор и од владата и од граѓанското општество, но и поддршка од меѓународните партнери. Тоа е партнерство со западните либерални демократии, не со авторитарни и хибридни режими, макар тие да се дел од Европската Унија и НАТО.

    Северна Македонија може подобро! Северна Македонија има избор. Ние имаме избор. Изборот е да чекориме напред, онаму каде што партнерството со западните либерал-демократии ќе донесе и повеќе среќа за нашите граѓани и за државата.

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version