More

    Стелиос Кулоглу, европарламентарец и филмски автор: Најголемиот успех на СИРИЗА беше Преспанскиот договор

    Наспроти приватните релации, ветувањата во политиката без нивно исполнување е многу, многу лош потег! Посебно во случајот со Северна Македонија, бидејќи земјата направи сè што ЕУ побара. Затоа денес ЕУ треба да и возврати на Северна Македонија! Ваквата политика е пример за морална корупција и создава лоша слика за ЕУ, бидејќи веќе никој нема да верува на нејзините ветувања, вели Кулоглу во интервју за Рацин.мк

    Од Интернационалниот фестивал на документарен филм во Солун

    Стојан Синадинов

    Со грчкиот новинар, аналитичар, публицист, автор на успешни документарни филмови, политички активист и, секако, европарламентарец Стелиос Кулоглу (1953 г.) секогаш е повеќе од задоволство да се разговара. Бунтовен уште од неговите младешки денови, кога преземал акции против диктатурата на воената хунта, форматиран како непоправливо романтичен левичар, не е ни чудно што минатиот октомври ја напушти парламентарната група на СИРИЗА во Европскиот парламент, каде што беше член од 2015 година, за да делува независно по несогласувањата со новото раководство на партијата. Секогаш на страната на правдата и солидарноста, па затоа и неговиот најнов филм, „142 години“ со светската премиера во програмата „Отворени хоризонти“ на 26. Фестивал на документарен филм во Солун предизвика големо внимание во бројната публика со приказната за тортурата на грчките судови врз мигрантите и политичките бегалци. Истражувајќи ја проблематиката, Колуглу посочува дека втора најголема популација во грчките затвори денес се токму мигрантите и бегалците, кои се осудувани на драконски, дури чудовишно бизарни казни од 142 години робија без елементарни судски докази.

    Големиот подржувач на Преспанскиот договор и членство во ЕУ за Северна Македонија вели дека проблеми и несогласувања има(ло) секогаш.

    „Но, се трудиме да ги решаваме. Кога веќе го решивме повеќедеценискиот спор меѓу Грција и Северна Македонија и го направивме Преспанскиот договор – тогаш сè е можно“, вели Кулоглу во интервјуто за Рацин.мк што го водевме за време на Фестивалот на документарни филмови во Солун.

    Неодамна по негова иницијатива во Европскиот парламент беше организирана конференција за Преспанскиот договор и почетокот на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија, на која учествуваше и поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска како гостинка на неговата парламентарна група.

    Преспанскиот договор е школски пример за решавање на повеќедецениски спорови меѓу две држави, но патот на Северна Македонија кон ЕУ потоа заглави во нови услови за почеток на преговорите и зголемено разочарување на граѓаните.

    Наспроти приватните релации, ветувањата во политиката без нивно исполнување е многу, многу лош потег! Посебно во случајот со Северна Македонија, бидејќи земјата направи сè што ЕУ побара. Затоа денес ЕУ треба да и возврати на Северна Македонија! Ваквата политика е пример за морална корупција и создава лоша слика за ЕУ, бидејќи веќе никој нема да верува на нејзините ветувања. Луѓето имаа надеж, и кога ќе им ја уништите таа надеж – е, тоа е многу лошо.

    ЕУ често ја менува политиката, или ајде да кажеме приодите, кон Западниот Балкан. Имало разни иницијативи и планови, но регионот сè уште е далеку од целосна интеграција во ЕУ.

    Секоја помош од страна на ЕУ за земјите од Западен Балкан е добредојдена, но таа не може да биде замена за големите ветувања, а тоа е полноправното членство во Унијата.

    Како ја оценувате улогата на Грција во регионот? Грција изминативе децении ја имаше шансата да биде не само лидер, туку и своевиден покровител европеизацијата на целиот регион. Ја пропушти ли таа шанса?

    Политичката десница во Грција не е способна да игра позитивна улога, што е докажано низ историјата. Историјата на Грција е полна со катастрофи кои ја направила десницата. Почнувајќи со изгубената војна на источните граници во дваесеттите години од минатиот век, ситуацијата со Кипар… секогаш тоа била десницата! Затоа и не очекувам нешто добро од неа. Проблемот со Македонија по распадот на Југославија е дело на десницата, Самарас и Мицотакис постариот не успеаја да повлечат вистински потези. На почетокот на 90-те Грција како членка на ЕУ имаше историска шанса да игра водечка улога во регионот, но тие ја уништија таа можност. Згора на тоа, по банкротот во 2009, Грција е една од најсиромашните земји на ЕУ. Затоа не сум оптимист околу регионалната ролја на Грција, посебно кога е раководена од десницата.

    Што е проблемот денес со СИРИЗА? СИРИЗА пред десет години беше сјајна ѕвезда на европското политичко небо, а денес се раслојува, па дури и вие ја напуштивте и во ЕП делувате како независен пратеник?

    СИРИЗА беше производ на економската криза. По комплетниот економско-политички колапс на земјата, СИРИЗА ја презема власта во Грција, но не се трансформираше во стандардна партија од левата ориентација. Почнаа некои „игри“ како во сите мали партии, Алексис Ципрас направи многу грешки, и конечно во 2019 ги предупредив: „Другари, внимавајте, имавме 24 отсто на минатите европарламентарни избори, сега ќе имаме двојно помалку!“. Не ме послушаа, СИРИЗА комплетно колабираше, не успеа да ги разбере грешките што ги направи. Всушност, најголемиот успех на СИРИЗА за време на нејзиното владеење беше Преспанскиот договор. Таков договор не би направила ниту една десничарска влада.

    Изминативе две години војната во Украина е главен светски проблем. Вие сте биле дописник од Москва во периодот на распадот на Советскиот Сојуз, автор сте на значајна книга од тој период, „Беше еднаш Советски Сојуз“. Која е вашата проценка за причините и исходот на оваа војна?

    Да, тогаш предвидував дека ќе има војна. Главниот проблем, секако, е Крим, кој некогаш бил руски, па потоа во тие внатрешни граници на СССР влегол во составот на Украина…

    Интересни се тие настани во Украина: во 2014 година Русија го анектира Крим, а само 4 години подоцна, во 2018, Русија и Украина се заеднички организатори на Светското првенство во фудбал! Четири години по Светскиот куп во фудбал, пак, Русија врши агресија врз Украина… Малку е парадоксално за земји кои се во воено-политички судир?

    Тука е најбитна улогата на Западот. На почетокот на неговото владеење, Путин предложи Русија да стане членка на НАТО! Тие го одбија и изолираа, ги изиграа ветувањата дадени на Михаил Горбачов, последниот лидер на СССР, дека НАТО нема да се приближи ниту еден центиметар источно, кон границите на Русија. Горбачов направи голема промена во СССР, но не побара официјален документ за тој договор. Го знам лично, сум го интервјуирал, и мислам дека е наивен. Беше лидер што направи големи промени, но испадна невино наивен. Во случајот со Украина мислам дека САД си конструираше непријател во ликот на Русија, за да го одржува сопствениот воено-технички комплекс.

    Според моите анализи, ќе бидеме сведоци на своевидна нова Студена војна на истокот на Европа, ќе биде постигнат некаков договор меѓу Украина и Русија, Крим ќе остане во Русија, а Украина нема да стане дел од НАТО. Како што видовме и во војните на територијата на екс Југославија, завојуваните страни по извесно време ќе се заморат, па ќе мора да преговараат.

    Вашиот најнов документарец „142 години“, како и останатите ваши филмови, секогаш ја покажуваат емпатијата кон луѓето и пледираат кон солидарноста. Има ли денес солидарност во Европа, светот…

    Не! Идејата на Европската Унија не беше да се формира некој ексклузивен бизнис клуб, туку и да ги промовира идеите за заедништво. По распадот на Советскиот Сојуз и Југославија, превлада големиот економски интерес, веќе го нема големиот непријател како СССР. Во 2009 година Германија го промовираше економскиот национализам, земјите од европскиот Југ економски колабираа, парите станаа најбитни, и сметам дека тоа е историска грешка на Ангела Меркел. Каква е ситуацијата денес? Богатите луѓе станаа побогати, сиромашните посиромашни, и тоа разгневи многу луѓе. И тоа, според моите анализи, е главната причина за порастот на крајната десница во Европа! А политиката на крајната десница е против солидарноста: секоја земја да си ја гледа работа. Имаме кусок од солидарност, морална корупција. Во мојот филм имам двајца мигранти од Авганистан, држава што беше уништена од Западот, како што беше уништени Ирак, Либија, Сирија и други земји од кои доаѓаат мигрантите. Тоа е морално неприфатливо, и затоа сум многу разочаран како човек кој се бори за правдина.

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version