More

    Најкус пат до авторитарно владеење и диктатура

    Примарниот фашистички симулакрум е да се промовира чувството за национален идентитет и наводната негова загрозеност да послужи како клучно оправдување на авторитарното владеење.

    Пишува: Тони ПОПОВСКИ

    Ова што ќе го прочитате е напишано според настани кои се имаат случено и според настани кои се случуваат и има голема веројатност да се случат.

    Најголем дел од вложениот политички напор во фашистичките и нацистичките режими на Италија на Мусолини, Германија на Хитлер но и други реминисцентни режими кои ги предизвикаа безмалку сите војни од ВСВ наваму, во Европа и глобално, е поврзано со потребата да се контролираат народните маси, нивните убедувања и емоции, и тоа по секоја цена.  За  таа цел се употребувале политички симулакруми на индустриско ниво, односно со индустриска прецизност, создавајќи широко апсолвиран предтекст за иста таква „индустриска“ примена на геноцидни методи за прочистување на нацијата од етнички туѓото и од политички неистомисленици, и уништување на другите нации кои се доживуваат како закана.

    Примарниот фашистички симулакрум е да се промовира чувството за национален идентитет и наводната негова загрозеност да послужи како клучно оправдување на авторитарното владеење. Притоа процесната методологија на фашистите и нацистите, ги има следниве карактеристични фази.

    Ако недостасуваат национални митови, нив ги создавате, а ако ги има, но се подзаборавени во колективната современа свест и меморија, ги реобновувате и тоа преку наменски обликувана историографија, со креативен троскок наназад, па и во антиката. Свастиката, на пример, била позитивен антички симбол во различни култури, но нацистите ја превземале како симбол на расна чистота и надмоќ на германската нација.

    Типична фашистичка и нацистичка одлика е историскиот ревизионизам, со цел да се истакне славното минатото на нацијата, а истовремено да се избришат сите порази и потфрлања.

    Типична фашистичка и нацистичка одлика е историскиот ревизионизам, со цел да се истакне славното минатото на нацијата, а истовремено да се избришат сите порази и потфрлања. Истовремено овие наменски наративи се вградуваат во учебниците во облик на „педагогија за војна“. Не случајно, за да се превенира ваков пристап кој резултирал и за жал и сега резултира со огромни последици, и за да се извлече поука, ООН и Советот на Европа препорачуваат воведување на „педагогија за мир“ која ги демистифицира особено манипулативните политички проекти за територијална консолидација на големите национални светови.

    Покрај историските наративи, методично спроведуваниот процес продолжува со создавање на графички симболи и знамиња, и визуелна пропаганда вклучувајќи плакати, билборди и филмови, и не помалку значајно, преку архитектурата – присетете се на неокласичните, истовремено грандиозни проекти на Алберт Шпер за Берлин. Притоа да напоменам дека секоја сличност со Скопје 2014-та е случајна, додека не се докаже спротивното.

    На визуелизацијата се надоврзуваат наменски колумни и статии и по некој памфлет и манифест. На пример,  во поддршка на Хитлер, статии пишувале низа угледни германски педагози и интелектуалци меѓу кои поистакнати биле Алфред Бојмлер, професор на Техничкиот универзитет во Дрезден, Карл Ернст Хаусхофер, професор на Баварската воена академија, Рудолф Јунг, предавач на Германската академија за политика во Берлин. Една деценија претходно „Манифестот на фашистичките интелектуалци“ го потпишале вкупно 16 угледни италијански професори и јавни личности.  Куриозитет е и дека на овој манифест му пристапува и Луиџи Пирандело, драматург и романописец, со неколку дела преведени и објавени кај нас. Впрочем, карактеристично за најголемиот дел од влијателната интелигенција во Италија и Германија било да фати чекор со трендот, опортуно да се осигура и да го унапреди личниот комфор, и сето тоа надополнето со еректираното чувство на придонес и влијание на процесот на реновирање на националната гордост и достоинство на претходно славните нации. Од друга страна, тие што се спротивставувале, како Хана Арент, Алберт Ајнштајн, Томас Ман и дузина други прогресивни интелектуалци – демократи, биле шиканирани, маргинализирани и принудени да емигрираат.

    Целиот тој реторички и визуелен наратив е фабрикуван за да ја глорифицира нацијата како супериорен и предодреден ентитет кој треба да владее со светот, или барем во зоната која нацијата ја смета за нивно етничко и културно подрачје.

    Сето ова иницијално маневрирање е невозможно без соодветно лице –  татко на нацијата, додека потенцијалните мајки на нацијата биле маскуларно потиснати. Олицетворение на супериорната нација постепено станува нејзиниот врховен водач кој е портретиран дека ги поседува квалитетите на Übermensch – Надчовекот на Фридрих Ниче, изваден од вистинскиот контекст на неговата филозофија на ослободување од религиозните, политички и морални стеги и догми на конзервативното, и преведен од нацистите како морално оправдување за најниските па и анимални страсти кои човекот може и треба да ги практикува со дозвола на фирерот, за да се оствари повисоката цел.

    Бидејќи историјата ја пишуваат победниците, подоцна ќе се нотира дека всушност тоа биле исфрустирани луѓе со нагласени комплекси, па дури и со сиптоматологија на континуирано ментално растројство, иако по некој заспан дуче или фирер има во секој од нас, и зависно од околностите може да се подразбуди.

    Оттаму и доследно, Хитлер, Мусолини и Франко,  од нивните пропагандни машинерии биле прикажувани како „надлуѓе“ со божествени и херојски квалитети, создавајќи култ на личноста околу нив.  Потоа, ваквите пропагандно обликувани дучиња, фирери и генералисимуси, многу поефикасно ги транспонирале сопствените фанатични нагони и примордијални инстикти на нивните следбеници. Секако, бидејќи историјата ја пишуваат победниците, подоцна ќе се нотира дека всушност тоа биле исфрустирани луѓе со нагласени комплекси, па дури и со сиптоматологија на континуирано ментално растројство, иако по некој заспан дуче или фирер има во секој од нас, и зависно од околностите може да се подразбуди.

    Сега, откако е поставена сценографијата и востоличен е врховниот водач, наредната фаза е да се оствари целосна контрола на протокот на информации преку пропаганда и цензура, а  со цел психолошки да се манипулира јавното мислење за да му суди и пресудува на секој неистомисленик или отпадник од „политичкиот“ народ на фашистите и нацистите, под паролата „Ein Volk – Ein Reich – Ein Fuhrer/ Еден народ  – Еден рајх – Еден Фирер“. Кога владее ваков режим практично во јавниот простор нема несогласувања. Сите медиуми се цензурирани и под контрола на државата, го слават режимот и ги демонизираат неговите непријатели. Оваа фаза ја овозможува последната и најдраматична фаза, каде покрај замолкнувањето, повремено се жртвуваат „јагниња“. Малцинските и етнички поинакви групи (во нацистичка Германија тоа беа Евреите, Ромите и словенските народи) и политичките неистомисленици, се портретираат како  смртни непријатели на нацијата и се принесуваат на нејзиниот олтар за да се сврти вниманието од економските тешкотии, корупцијата од грандиозни размери,  како и да се превенираат социјални немири. Со создавање на внатрешни и надворешни непријатели, фашистите и нацистите го обединувале населението во име на заедничка кауза за одбрана на нацијата, а во суштина зад овој симулакрум е задскриен поривот да се оправдаат авторитарните мерки вклучувајќи и масовно насилство под покровителство на  државата. Овој текст може да послужи и како резимирано напатствие за правовремено препознавање на слични, помалку или повеќе авторитарни тенденции во секое општество, секако и нашето, и доколку се препознаат, да се адресираат со демократски средства, а со цел како граѓанско општество навреме да ја одбраниме граѓанската демократија.

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version