Последни написи

Интервју со Шкријељ: Се соочуваме со силен налет на антидемократски десничарски движења кои како по правило прво нешто по што посегнуваат се женските права

Факт е дека бевме сведоци на сексистички и шовинистички напади врз жените, вклучително и трите кандидатки за претседателка и пред да почне изборната кампања. Повторно, социјалните мрежи се најголем расадник на мизогинија и навреди, вели во интервју за „Локално“, пратеничката во Собранието и поранешната дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Упатува апел до граѓаните, да инсистираат на јасни ставови и решенија од политичарите и да донесат информирана одлука за иднината на нашата земја. Според неа, изјави и ставови од типот „ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт“ недвосмислено укажуваат на неискреност кон граѓаните и немање решенија.

За правата на жените во Македонија, Шкријељ истакнува дека се уште сме далеку од целосна реализација на еднаквоста.

-Важно е да се донесе нов закон за родова еднаквост која ќе ги зајакне институционалните механизми за остварување на еднаквоста во сите области на општественото живеење. 50/50 мора да биде принцип секаде каде станува збор за позиции со одлучувачка моќ, притоа никако не смееме да ги заборавиме жените со попреченост, жените од руралните средини, жените од помалку бројните заедници, ЛБГТИ лицата, односно сите оние кои се соочуваат со повеќекратни форми на дискриминација, наведува пратеничката.

За бројот на случаи на родово базирано насилство, Шкријељ информира дека искуствата покажуваат дека еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што пак е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви.

-Успеавме да се избориме за ново законско решение во 2019 година, кое целосно го почитува принципот “мое тело, моја одлука”, направивме значајни исчекори во превенцијата и заштитата од дискриминација по сите основи, но повторно се соочуваме со силен налет на антиродови движења кои се реална закана за нашите веќе стекнати прави, објаснува пратеничката за правата на жените во државата.

Како ја гледате досегашната изборна кампања, иако не е официјално почната? Имаше многу обвинувања дека се напаѓаат двете кандидатки жени на родова база…

-Жените присутни во јавниот живот се во континуитет изложени на напади и родово базиран говор на омраза, особено на социјалните медиуми. Таа реторика се засилува кон жените во политиката и тоа е така на секои избори. И изминатите предизборни циклуси беа одбележани со исклучително силен говор на омраза, кој особено беше фокусиран кон жените што беа вклучени во предизборниот процес. Факт е дека бевме сведоци на сексистички и шовинистички напади врз жените, вклучително и трите кандидатки за претседателка и пред да почне изборната кампања. Повторно, социјалните мрежи се најголем расадник на мизогинија и навреди. Ја поздравувам и се приклучувам кон реакцијата на Родовата платформа која го осуди говорот на омраза кој се засилува како што се ближат изборите. Овие напади имаат една единствена цел, да ги обесхрабат жените активно да се вклучат во општествените процеси. А тоа не смееме и нема да го дозволиме. Жените мора да се присутни секаде каде се носат одлуки.

Каков изборен процес очекувате по она што се гледа на почетокот? Дали партиите менуваат нешто во својот пристап?

-Прво, изборниот процес мора да обезбеди мирни, демократски и фер избори за сите граѓани, какви впрочем и имаме последните години. Што се однесува до предизборната реторика, сите партии најавуваат позитивна кампања, но сепак мора да признаеме дека гледаме различно однесување од тоа што се зборува. Политичарите мора да се јасни во она што го нудат како политичка платформа, наместо да се гласни во дискредитирањето на лична основа на своите противници. Сите ние, како граѓани, сакаме да видиме аргументирана дебата и спротивставување на идеите за развој на државата, како би можеле да донесеме информиран избор. Тука ќе упатам апел до граѓаните, да инсистираат на јасни ставови и решенија од политичарите и да донесат информирана одлука за иднината на нашата земја. Изјави и ставови од типот “ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт”, недвосмислено укажуваат на неискреност кон граѓаните и немање решенија.

Колку недовербата во институциите поради несоодветни постапки и казни е причина за голем број на случаи на родово базирано насилство кај нас и како тоа да се поправи?

-Искуствата покажуваат дека еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што пак е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви. Несоодветното постапување по пријавите секако деја ја потхранува недовербата. Во Собранието донесовме мноштво закони кои значат значително подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Но без нивна целосна имплементација и понатаму ќе имаме жени и девојки кои нема да се охрабрат да пријават насилство. Задача на нас пратениците е, заедно со граѓанските организации кои работат на оваа проблематика, да го следиме постапувањето на институциите и да реагираме кога тоа нема да биде случај.

А обврска на сите нас како граѓани е да се спротивставиме на родовите предрасуди и стереотипи се уште присутни во голема мера и да бидеме поддршка за секоја жена која ќе се охрабри да се спротивстави на насилството.

Како моментално би ги оцениле правата на жената во Македонија? Како до еднакво, солидарно и напредно општество?

-Извештаите на Обединетите Нации покажува дека ниту една држава нема постигнато целосна родова еднаквост и тоа се должи на сеуште големиот јаз во распределбата на моќта меѓу мажите и жените.

Секако дека и кај нас има значајни унапредувања на положбата на жените, но ако ме прашате дали сме се уште далеку од целосна реализација на еднаквоста ќе одговорам, се уште да. Имаме зголемување на застапеноста на жените на ниво на Собрание и совети, 40%, но само затоа што имаме квота. Таму каде нема квоти, како извршната власт, гледаме дека споро оди напредокот. Понатаму, можеме да го истакнеме ратификувањето на Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од дискриминација со вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, измените на Кривичниот закон за усогласување со Истанбулската конвенција, Законот против насилство врз жени и семејно насилство. Но, повторно имаме уште многу работа за да обезбедиме живот ослободен од насилство за секоја една.

И затоа е важно да се донесе нов закон за родова еднаквост која ќе ги зајакне институционалните механизми за остварување на еднаквоста во сите области на општественото живеење. 50/50 мора да биде принцип секаде каде станува збор за позиции со одлучувачка моќ, притоа никако не смееме да ги заборавиме жените со попреченост, жените од руралните средини, жените од помалку бројните заедници, ЛБГТИ лицата, односно сите оние кои се соочуваат со повеќекратни форми на дискриминација.

Но, уште поважно е да започнеме уште од најрана возраст, предучилишното образование, со градење вредности како родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот. Само така ќе изградиме генерации кои веруваат и дејствуваат за еднакво, солидарно и праведно општество.

Во каква улога ќе ве видиме на претстојните избори? Бевте дополнителен заменик министер, сега сте независна пратеничка…

-Примарната моја улога, без оглед на моменталната функција која ја обавувам, е секогаш иста. А тоа е активистка која верува и се залага за еднакви можности и еднаков пристап до ресурси за секое дете, за секоја жена и девојка, за лицата со попреченост, за секоја индивидуа да може во целост да го оствари својот потенцијал и да даде свој придонес во развојот на општеството. Така ќе продолжам и за време на претстојните избори и после нив.

Кој е најголемиот страв кој го имате како застапник за правата на жените доколку во државата дојде до смена на власта?

-Правата не се дадени еднаш засекогаш и за тоа треба да сме сите свесни, особено ние жените. Се соочуваме со силен налет на антидемократски десничарски движења и глобално и кај нас, а тие како по правило прво нешто по што посегнуваат се женските права. Искуството во нашата земја не е ништо поразлично и тоа покажува дека секогаш кога имаме власт предводена од десницата, правата на жените се нападнати. Не забораваме дека во 2013 тогашната власт ни го ограничи основното право да одлучуваме за себе. Успеавме да се избориме за ново законско решение во 2019 година, кое целосно го почитува принципот „мое тело, моја одлука“ направивме значајни исчекори во превенцијата и заштитата од дискриминација по сите основи, но повторно се соочуваме со силен налет на антиродови движења кои се реална закана за нашите веќе стекнати права. Мора отворено да зборуваме и за тоа како овие движења се поврзани со руската пропаганда, особено по агресијата врз Украина.

Да заклучам, ниедно право не е стекнато засекогаш и борбата мора да е постојана. Тоа значи и продолжување со заложбите за родова еднаквост, како еден од клучните постулати на секое демократско општество, а и важен дел од европските вредности за кои сите зборуваме.

Велите „младите се тие кои треба и мора да ги слушнеме, ако навистина сакаме да правиме промени на подобро“. Младите ги снемува од Македонија, во последнава деценија, како до пресврт?

-Многу често политичарите велат – младите се иднината. Но младите се и сегашноста и токму затоа клучно е нивното вклучување и младинското учество не само во политиките што директно се однесуваат на нив, туку и генерално во сите процеси. Младите треба да се двигатели на развојот и градење одржлива и отпорна економија и квалитет на живот каков што им е потребен за да ја создаваат иднината тука, во сопствената земја. Носат свежи перспективи, иновативни идеи и нова енергија за адресирање на општествените прашања. Ако ги погледнеме причините зошто си заминуваат, проблем со кој се соочува целиот регион повеќе од една деценија, ќе ги најдеме и одговорите како до пресврт. А тоа се квалитетно образование кое развива вештини потребни за современото живеење, добро платени работни места, но и унапредување на целокупниот квалитет на живот. Многу мерки беа донесени изминативе години за да се одговори на тие барања, како воведувањето на Гаранцијата за млади, младински додаток, грантови за самовработување и поддршка на младите земјоделци, субвенциониран студентски оброк и зголемување скоро дупло на износот на стипендиите. За првпат по цела една деценија воведовме стипендии за втор и трет циклус за дефицитарни струки. Но, секако остануваат уште многу предизвици кои мора да се во фокусот на секоја влада во континуитет, доколку сакаме да ги видиме позитивните ефекти од тој пресврт.

Претседателските и парламентарните избори се пред нас. Каде ја гледате иднината на Македонија – во или уште долго пред вратите на ЕУ?

-Силно верувам дека нема подобра опција за нас од членството во ЕУ. Нам ни е потребен евроинтеграцискиот процес, не само заради крајната цел, полноправно членство, туку и заради самиот процес кој е неопходен за реформите кои сите сакаме да ги видиме во Македонија. Членството во Европската Унија е наша стратешка определба која, несомнено, ќе обезбеди подобра перспектива за нашите граѓани. Тоа значи посилни институции, подобар животен стандард и, на крајот, подобра иднина за идните генерации дома. Сепак, овој процес воопшто не е лесен, ниту едноставен, бара посветеност, но во исто време и храброст за носење важни одлуки. Сега треба да го искористиме моментумот на геополитичко влијание за нашата земја да биде онаму каде што припаѓа, рамноправно во Европската Унија. А, за тоа се потребни политичари кои не калкулираат со сопствениот рејтинг на сметка на иднината на сопствената татковина. И таа одлука ќе треба сите заедно да ја донесеме на овие избори, со својот глас,  во или уште долго пред вратите на ЕУ.

Н.П.

Извор: Локално.мк

Latest Posts

Не пропуштај