More

    Бауш: Законот против нефер трговски практики носи поголема доверба кај граѓаните и сигурност за инвеститорите

    Без ниту еден глас против, народните избраници се согласија дека на Македонија и е неопходен Законот за забрана на нефер трговски практики. Со него се очекува да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и да воведе ред на малопродажните цени. Првите ефекти од ова законско решение ќе се почувствуваат наесен бидејќи производителите и трговците имаат рок од 6 месеци за да ги усогласат договорите согласно обврските од оваа регулатива.

    Законот за нефер трговски практики има за цел да стави рамки околу однесувањата кои се сметаат за нефер и потенцијално штетни за потрошувачите и чесната конкуренција на пазарот.Таквиот закон може да помогне во спречувањето на манипулациите со цените до одреден степен, со тоа што воведува строги казни за компаниите кои ги прекршуваат правилата. За непочитување на Законот предвидени се парични казни од 20.000 евра.

    Дополнителни надлежности добива и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Меѓутоа, ефективноста на таков закон зависи од неговото спроведување и од способноста на регулаторните тела да го следат и санкционираат нефер однесувањето, вели економскиот аналитичар, професор Абил Бауш.

    „Законот за нефер трговски практики е заснован на принципите на подобрување на регулирањето и надзорот над пазарните активности, воведувајќи мерки кои активно ги обесхрабруваат и казнуваат неетичките и нелојалните практики. Таквата рамка поттикнува компаниите да се однесуваат одговорно и да развиваат здрава конкуренција, што е клучно за стабилен и функционален пазар. Кога компаниите оперираат во рамките на овие правила, потрошувачите се корисници на повисок квалитет на производи и услуги и поправедни цени, допринесувајќи кон зголемување на општата економска благосостојба. Воведувањето и правилното спроведување на овој закон исто така покажува на меѓународната заедница дека земјата е сериозна во намерата да создаде здрава и конкурентна бизнис средина, зголемувајќи ја нејзината привлечност за странски инвестиции и поттикнувајќи економски раст и развој“, истакнува професорот Бауш.

    Од друга страна, вели Бауш, законот ги зајакнува институциите задолжени за неговото спроведување, обезбедувајќи дека агенциите за регулација и надзор се добро опремени и овластени да следат пазарни трендови, да идентификуваат и реагираат на прекршоци.

    „ Ефикасно функционирање на овие институции не само што ги подобрува нивните способности да санкционираат нефер практики, туку и овозможува превентивно дејствување против можни проблеми. Подобрата дисциплина на пазарот и зголемената транспарентност и одговорност во бизнис операциите штитат пазарната економија од коруптивни и штетни практики, истовремено поттикнувајќи иновација и конкурентност. Вистинската вредност и ефективност на овој закон, сепак, зависат од неговата имплементација и способноста на институциите строго да го спроведуваат и да реагираат на секој вид на несоодветно однесување на пазарот“, укажува Бауш.

    Што се однесува до инфлацијата, законите кои се борат против нефер трговски практики може да имаат индиректно влијание на инфлацијата преку промовирање на здрава конкуренција и спречување на ценовни монополи, сметаат експертите.

    Македонија е меѓу првите земји во Европа со вакво законско решение

    „За прв пат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат“, соопштија од Министерството за економија.

    Вицепремиерот задолжен за координација на економските ресори во Владата Фатмир Битиќи од ова законско решение очекува да се стабилизира редот со цените кој веќе е создаден, за што свој суштински придонес ќе даде и оваа регулатива како системско решение.

    Според Битиќи, законот за забрана на нефер трговски практики е решение кое досега сме го немале, но и дека е правиот пат кон европската интеграција.

    „Секако, законот е системско решение кое сме го немале, а го немале и никаде во Европа. Ова е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе го означи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ“, рече Битиќи.

    Над 2500 продукти ќе бидат со маржа до 10 отсто

    Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените, информираа од Министерството за економија.
    Листата на земјоделски и прехранбени производи треба да биде донесена во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот, а добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи се должни во рок од шест месеци да се усогласат со одредбите од законот.

    На листата се најдоа видови млеко и павлака, јогурт, видови сирење, мед, компир, домат, кромид, лук, краставици, видови грав и грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, видови портокали, мандарини, лимон, грозје, лубеници, вишни, видови кафе, житни производи, видови колбаси, дел од конзервираната храна, шеќерoт, слатки, колачи, какао и производи од какао, џемови, путер од кикиритки.

    Од 20 септември лани до 1 март годинава на сила беше Владината мерка „гарантирана цена“со која голем дел од прехранбените производи се продаваа по цена за 10 денари пониска од износот утврден на 1 август.

    Мерката за „гарантирани цени“ не беше продолжена затоа што се очекува со Законот за нефер трговски практики да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата.

    Извор: Рацин

    Exit mobile version