Последни написи

(ВИДЕО ИНТЕРВЈУ) Крстиновска во „Полиграф“: Кои се разликите меѓу руското и кинеското влијание во земјава?

Во интервју со Ана Крстиновска од организацијата Естима, „Полиграф“ разговараше за странската пропаганда и дезинформации во земјава, и за разликите меѓу руското и кинеското влијание.

Полиграф: Многу истражувања и многу организации укажуваат дека во нашата земја имаме странски малигни влијанија и дезинформации. Кои се главните држави од кои ние добиваме влијанија и дезинформации и каков е нивниот ефект?

Крстиновска: Имајќи предвид дека се наоѓаме на некој крстопат меѓу Истокот и Западот, дека сме држава која што од една страна е членка на НАТО, меѓутоа не е членка на ЕУ, ние сме на некој начин подложени на влијанија и од Истокот и од Западот.

Традиционално, руско присуство има во нашата држава векови на назад. Меѓутоа, во последно време се чувствува сè повеќе влијанието на Кина, на земјите од Заливот и на некои други играчи, кои што веќе пројавуваат глобални амбиции или барем регионални амбиции да бидат присутни и во нашиот регион.

Така што, влијанијата се од различна природа. Имаме економски влијанија, имаме обиди да се влијае врз политичките процеси во државата и, секако, како споменавте, имаме дезинформации и, на некој начин, обиди да се манипулира со информацискиот простор. При тоа, секоја држава си има свои интереси, свои приоритети и на различен начин ги пројавува, ги манифестира овие влијанија. Така што, сметам дека, кога разговараме, треба да имаме на некој начин диференциран пристап, дали зборуваме за Русија, за Кина или за некоја друга држава.

Полиграф: Вашата организација поконкретно се фокусира на влијанието на Кина во нашата земја. Како се манифестира ова влијание кај нас?

Крстиновска: Да, ние специјализираме конкретно на Кина, така што, последниве четири години работиме интензивно на истражувања поврзани со Кина. За разлика од Русија, која што има традиционално присуство и воспоставени нивни мрежи на делување, Кина е релативно нов играч во регионот и конкретно кај нас. Меѓутоа, за разлика од Русија, исто така, има многу посилна стартна позиција, бидејќи се работи за поголема држава со многу помоќна економија и со намера да оствари глобално присуство насекаде низ светот.

И, во таа смисла, ги имаме традиционалните економски влијанија – преку трговија, преку инвестиции, коишто кај нас се помалку присутни за разлика од некои држави на регионот, како на пример Србија. Меѓутоа, имаме присуство и преку кинеско финансирање, преку кредитот за автопатиштата Штип – Миладиновци и Кичево – Охрид.

И, сето тоа е надополнето преку кинеското присуство во медиумската сфера, она што се нарекува „мека моќ“, кинеското присуство преку универзитетите, академската заедница, граѓанскиот сектор. И, на некој начин, овие влијанија делуваат синергетски – значи она што го прави Кина во офлајн просторот се надополнува со она што го прави во медиумскиот или во информацискиот простор. И, главно сите овие активности се насочени кон ширење на една позитивна перцепција за Кина.

Ако ја споредиме со Русија, Русија многу повеќе има дисруптивни тактики, што значи дека се обидува да делува преку дезинформации, преку лажни вести. За Кина тоа не е случај. Кина во голема мера работи преку пропаганда, односно преку манипулирање на информациите кои што влегуваат и излегуваат од Кина.

Интервјуираше: Ера Ѓакова

Latest Posts

Не пропуштај