Последни написи

(ВИДЕО) „Полиграф“: Кој дезинформираше дека Мицкоски е најавен на конгресот на ЕПП само со „Македонија“?

На 7 март 2024, неколку медиуми објавија непроверена информација дека Мицкоски на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Букурешт бил најавен како лидер на опозицијата во Македонија, а не на Северна Македонија.

На пример, порталот Експрес.мк објави наслов „Изненадување – Како беше пречекан Мицкоски на конгресот на ЕПП (ВИДЕО)“ со тврдење: „Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Букурешт беше пречекан и најавен како лидер на опозицијата во Македонија без да се спомене зборот Северна.“

И порталот Република објави наслов „За Конгресот на ЕПП не постои Северна! Мицкоски најавен како лидер на опозицијата во Македонија“. Слична содржина пренесоа и порталот Плусинфо,  порталот Пресинг ТВ, како и порталот Маркукуле.  Во повеќето текстови се тврдеше: „Зборот Северна на овој Конгрес не постои!“, а во написите имаше и видео, во кое наводно Мицкоски е најавен како „лидер на опозицијата во Македонија“.  „Му посакуваме добредојде на сцената на Христијан Ми(ц)ковски,  лидер на опозицијата во Македонија“, се слуша во ова видео.

Меѓутоа, што утврдува проверката на фактите? Еве што се гледа и слуша во официјалното видео од Конгресот на ЕПП при  претставувањето на Мицкоски: „Му посакуваме добредојде на сцената на Христијан Ми(ц)ковски, лидер на опозицијата во Северна Македонија“

Од официјалното видео станува јасно дека Мицкоски е претставен како „лидер на опозицијата во Северна Македонија“, и дека видеото што го проширија порталите е дигитално изменето. И во официјалната програма на конгресот на Европската народна партија во Букурешт, пишува „Христијан  Мицкоски (Северна Македонија)“.

Оттаму, тврдењата дека Мицкоски бил најавен на конгресот на ЕНП како лидер на опозицијата во Македонија, и дека „Зборот Северна на овој Конгрес не постои!“, може да се оценат како дезинформации. И овој случај покажува дека медиумите треба да вршат постојано проверка на факти, а и на видеа, за да не наседнуваат на партиско-пропагандни дезинформации.

Latest Posts

Не пропуштај