More

    Објавен регионалниот мониторинг извештај за дезинформациските наративи во Западен Балкан

    Најраспространетите дезинформации/теми во последниот квартал во 2023 година, во нашата земја се однесуваат на војната во Газа. Една од дезинформациите е дека Западот е одговорен за војната меѓу Израел и Палестина, нотирано е во извештајот

    Голем дел од дезинформациите кои се однесуваат на светските случувања во земјите од Западен Балкан, се стремат кон обликување негативна перцепција за Украина и Западот (НАТО, ЕУ и САД) и генерираат поддршка за геополитичките цели на Русија во регионот. Ова го покажа последниот мониторинг извештај за последниот квартал од 2023 година, кој го изработи Фондацијата „Метаморфозис“.

    Во кој правец се движат дезинформациите во Западен Балкан, кои се дезинформациските трендови кои се забележуваат во регионот, какви наративи се користат и со каква цел – се само некои од прашањата, чии одговори се содржани во публикацијата. Содржините опфатени во извештајот се однесуваат на анализа на трендовите на дезинформации за секоја земја посебно (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија).

    „Најраспространетите дезинформации/теми, во последниот квартал во 2023 г., во нашата земја се однесуваат на војната во Газа. Дезинформациите се дека Западот е одговорен за војната меѓу Израел и Палестина. Потоа, преовладува дезинформацијата дека Хамас е паравоена организација создадена од израелски Мосад со помош на ЦИА. Исто така, се тврди дека испорачано западно оружје во Украина завршува во рацете на Хамас“, нотирано е во извештајот.

    Во однос на војната во Украина, дезинформациите се дека Русија ја добила војната, однонсо дека ги победила Украина, ЕУ и НАТО. Потоа, се објавуваат и лажни постови дека Украина испраќа бремени жени во првие редови на фронтот, а се даваат и лажни претстави за Зеленски.

    Согласно наодите, анти-европските наративи се секојдневие кај сите земји од регионот, а најглавните теми за ширење на дезинформации се секогаш поврзани со војните како значајно емотивно набиени и поларизирачки тематики. Дали станува збор за украинско-руската војна или војната на Блискиот исток – како дел од општа глобална несигурност или „евентуални“ балкански војни со подгревање на меѓуетничка нетрпеливост и паника, овие теми се присутни во сите земји на Западен Балкан, како најчести при ширење на дезинформациите.

    „Во извештајниот период повторно се појавија дезинформации за потенцијална војна на Балканот. Покрај обвинувањата упатени кон косовската влада за предизвикувачките услови на косовските Срби, наративите се проширија кон оцрнување на сите етнички Албанци, инкорпорирајќи ја познатата закана од „Голема Албанија“. Многу од овие дезинформациски написи не само што имаат потенцијал да го нарушат демократскиот процес на една земја и да всадат проавторитарни чувства, туку и да предизвикаат насилство и радикализација внатре и надвор од границите“, наведено е во извештајот.

    Од српската партнерска организација, Центарот за меѓународни и безбедносни работи (ISAC), сметаат дека во овој период, главните негативни и лажни наративи, покрај пропагандата која се занимава со војните во Украина и Газа, беа од локална природа.

    „Националниот парламент и делумните локални избори, одржани на 17 декември, го зазедоа вниманието на медиумите. Изборната кампања на владејачката партија СНС, имаше многу поголема видливост од целата опозиција и, како и обично, беше обележана со оцрнувачка кампања против опозицијата, беше обележана со лажни наративи и недостаток на транспарентност и дијалог. Таквата атмосфера ја одржува Србија многу ранлива на теории на заговор и лажни наративи“, велат оттаму.

    „Фактоје“ од Албанија, пак, нотира дека во последниот период, наративот што доминирал во јавниот дискурс во Албанија бил договорот постигнат меѓу албанскиот премиер Еди Рама и неговиот италијански колега Џорџија Мелони во врска со управувањето со илегалните миграциски текови кон Италија.

    На Косово пак, „Сбункер“ нотира дека напливот на дезинформации кои потекнувале од Србија, одиграл значајна улога во засилувањето на тензиите на северот на Косово.

    „Во текот на извештајниот период, тимот на „Сбункер“ беше внимателен во следењето и разоткривањето на клучните пропагандни тврдења и од надворешните актери во Западен Балкан и од домашните извори. Некои српски медиуми од северот на Косово пропагираа наратив во врска со тврдењето дека Владата на Косово планира депортација на Србите од оваа област. Овој наратив беше засилен по воведувањето на новата регулатива од страна на Централната банка на Косово, со која се забранува употреба на српскиот динар“, наведуваат во „Сбункер“.

    И покрај намалување на бројот на дезинформациски написи поврзани со руската војна во Украина, постојаните наративи продолжуваат да кружат низ медиумскиот пејзаж на Западен Балкан и социјалните мрежи.

    Извор: Мета

    Exit mobile version