Последни написи

Гир и европските амбасадори во посета за поддршка на Фондација Метаморфозис

Проверувачите на факти играат витална улога во заштитата на демократијата и во обезбедувањето пристап на јавноста до точни информации. Тие ја заслужуваат поддршката од сите!, напиша на социјалната платформа X евроамбасадорот Гир по завршувањето на средбата

 

Амбасадорот на Европската Унија во С.Македонија Дејвид Гир, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаи и заменикот амбасадор на Италија во Република Северна Македонија, Марио Де Роза денеска ја посетија Фондацијата Метаморфозис, по последните напади и закани врз новинарите од „Вистиномер“, како и останатите вработени и надворешни соработници во Метаморфозис.

Фондацијата Метаморфозис доби целосна поддршка од европските амбасадори во однос на работата и придонесот за развој на демократијата во земјава и изразија надеж дека истражните органи ќе ги расчистат навредите, заканите и говорот на омраза кон дел од вработените. Посебен акцент беше ставен на важноста на проверката на факти во време кога дезинформациите и лажните вести земаат замав.

„Корисна средба во Фондацијата Метаморфозис денеска, заедно со амбасадорите од Германија, Италија, Холандија и Шведска. Проверувачите на факти играат витална улога во заштитата на демократијата и во обезбедувањето пристап на јавноста до точни информации. Тие ја заслужуваат поддршката од сите!“, напиша на социјалната платформа „X“ евроамбасадорот Гир, по завршувањето на средбата.

 

Кампањата против „Вистиномер“ започна неодамна на социјалните мрежи со напади врз интегритетот на издавачот – Фондацијата Метаморфозис, со клевети, закани и говор на омраза.

Дезинформациската кампања вклучуваше клеветнички и навредливи објави и коментари на социјалните мрежи во кои неосновано се обвинува организацијата дека се вклучила во нелегални активности, а проверката на факти погрешно се претставуваше како цензура. По ова, следуваа повици за насилство и јавен линч на вработените.

Осуди за нападите врз новинарите на медиумите кои се дел од Фондацијата стигнаа од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

Од ССНМ реагираа дека системските напади се загрижувачки бидејќи се континуирани и дека поради непроцесуирањето постои опасност од нивно повторување што ќе ја усложни улогата на Метаморфозис и сличните организации во своите активности.

„Фондацијата за интернет и општество подолг период и тоа многу успешно, јасно и недвосмислено ги разоткрива, па и ги нагласува лажните вести и дезинформации што очигледно им пречи на групи и поединци… Ваквите подли напади освен што се однесуваат на нашите колеги, во исто време го подриваат целокупниот квалитет на новинарската професија“, стоеше во реакцијата на ССНМ.

Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека го осудува грозното етикетирање, навреди и ширењето говор на омраза од страна на лицето Неделковски кон новинарите од Метаморфозис. Од ЗНМ најавија дека ќе поднесат пријава со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика про МВР со барање да се преземат итни мерки.

Нападите кон проверувачите на факти ги осуди и СЕММ, опишувајќи ги како неприфатлив притисок за обесхрабрување на овој процес што води кон подемократски и поквалитетни медиумски содржини.

И организацијата „Репортери без граници“ денеска преку социјалната платформа X (поранешно Твитер) изрази поддршка за новинарите и вработените во „Вистиномер“ и ја повика македонската полиција да спроведе истрага.

 

За кампањата против „Вистиномер“ и Фондацијата Метаморфозис поднесена е пријава до Министерството за внатрешни работи.

Извор: Вистиномер.мк

Latest Posts

Не пропуштај