More

    ПРОПАГАНДНАТА ВОЈНА И ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Најскапата операција во историјата на руските специјални служби

    • Која е целта на најновата руска пропагандна операција?
    • Како се спроведуваат руските пропагандни операции?
    • 1,5 милијарди долари за специјалната операција „Мајдан-3“
    • Интензивна употреба на напредна технологија и вештачка интелигенција
    • Пропаганден бараж за влијание врз изборите во САД и Европа

    ЏАБИР ДЕРАЛА

    Според сознанијата на Комитетот за разузнавање, специјалната операција „Мајдан-3“ ќе ја достигне својата кулминација во периодот од почетокот на март и се предвидува да трае до крајот на мај, 2024 година. Во тој период, рускиот агресор ќе вложи максимални напори да шири деструктивни наративи за глобалната безбедност и ќе се обиде да поттикне конфликти, како во Украина, така и во други делови на светот каде што има ефективна поддршка за Украина.

    1,5 милијарди долари за специјалната операција „Мајдан-3“

    Путиновата клика инвестира огромни средства во пропагандните операции и хибридното војување, а особено во пресрет на првата инвазија против Украина во 2014 година. Украинските разузнавачи тврдат дека „тие трошат не помалку на информативни напади против Украина од тоа што трошат на конвенционално војување.“

    „Во ноември 2023 година, како дел од специјалната операција ‘Мајдан-3’, Русија потроши речиси 250 милиони долари за ширење антиукраински сентименти, само на платформата Телеграм. Вкупниот буџет на операцијата изнесува астрономски 1,5 милијарди долари. Ова е најскапата ‘акција’ на руските специјални служби во историјата“, соопшти Комитетот за разузнавање под раководство на претседателот на Украина на 27 февруари.

    Според анализата на Debunk.org, во 2022 година, Кремљ инвестира фантастични 1,9 милијарди долари во својата пропагандна машинерија.

    Сделано в России: 100 години пропагандни војни

    Одамна востановен факт е дека руските специјални служби имаат искуство во спроведување масивни пропагандни операции и водење хибридни војни. Нивната пропагандна „традиција“ започнува уште во почетокот на 20-те години од минатиот век, а досега имаа цел еден век за развивање на доктрините и стратегиите за замаглување на вистината и искривување на фактите во корист на нивните воено пропагандни цели – постојано загрозување на интересите на демократскиот Запад, во прв ред САД и западноевропските држави.

    Која е целта на најновата руска пропагандна операција?

    Целта на најновата пропагандна операција на руските специјални служби е да ја доведат во прашање легитимноста на одлуките на властите во Украина по 20 мај, кога истекува мандатот на претседателот Зеленски. Понатаму, операцијата има цел да се шири паника и недоверба, да се предизвикаат тензии меѓу армијата и цивилите, како и да внесе недоверба и тензии меѓу Украина и нејзините сојузници. Тоа, меѓу другото, се обидува да го постигне и преку ширење „теории на заговор“ во медиумите и јавните комуникации.

    Истовремено, руската пропаганда промовира нови видови „супер оружје“ кои, наводно, ќе обезбедат технолошка и воена супериорност на Русија над Западот во следната деценија. Со тоа, руската пропагандна машинерија сака да ги заплаши западните демократии дека отпорот кон руската агресија против Украина е залуден и може да биде опасен за секоја земја што ќе ѝ се спротивстави. Со тоа, руската страна сака да наметне преговори за статус-кво, односно да го натера Западот на преговори без учество на Украина.

    „Главните насоки и цели на непријателот се да ја наруши украинската мобилизација, да шири дезинформации за неспособноста на Украина да победи, да создава и шири фалсификати за ‘замор од Украина’ меѓу нашите партнери и сојузници во светот. Глобалната меѓународна цел на русите е да ја намалат поддршката за нашата земја од проукраинската коалиција во светот“, гласи изјавата на украинскиот комитет за разузнавање.

    Руска пропаганда со употреба на DEEPFAKE

    Операција за дискредитација на проукраинските чинители

    Руските агенти, кои се инфилтрирани во Украина и распоредени се во повеќе земји во светот, каде што украинската борба за слобода добива силна јавна, политичка, финансиска и воена поддршка, ќе се обидат да ги дискредитираат проукраинските чинители.

    Клучната идеја зад руската пропагандна операција е да го рашират и зацврстат убедувањето дека Украина ќе биде воено поразена на истокот и дека не вреди да се водат борби за враќање на териториите во меѓународно признатите граници на земјата.

    Како се спроведуваат руските пропагандни операции?

    Што се однесува до руските операции за постигнување влијание, уште во септември 2022 година беа откриени голем број руски операции на тлото на ЕУ, а во декември 2023, западните разузнавачки служби ја открија и операцијата Допелгангер (Doppelganger). Меѓу другите, беа откриени операциите RRN (Recent Reliable News), WarOnFakes и други операции што ги спроведуваат руските служби во соработка со приватни компании како „Структура“ (РВК-СТРУКТУРА) и Агенцијата за социјален дизајн (Агентство социального дизайна) кои се наоѓаат на листата на санкционирани руски компании.

    Операцијата Допелгангер ја таргетираше украинската, американската и германската публика преку комбинација на неавтентични сајтови за вести и сметки на социјалните медиуми. Овие кампањи се дизајнирани да ја поткопаат Украина, преку директни наративи, но и индиректно, на пример, преку пропагирање анти-ЛГБТ сентименти. Особено важна цел на овие акции е да ја потценат и воената компетентност на САД, економските и социјалните предизвици на Германија и на ЕУ, и низа други наративи.

    Лажни стории во клонирани медиуми (DisinfoLabEU)

    Допелгангер: Најголема, најагресивна и најупорна руска операција

    Мета, компанијата во чија сопственост е и Фејсбук, го опишува Допелгангер како „најголема, најагресивна и најупорна операција од руско потекло“, наменета за ширење на антиукраинска пропаганда. Се претпоставува дека операцијата започнала во февруари 2022 година, ако не и многу порано.

    Операцијата што ја спроведуваат споменатите руски приватни агенции кои ја вршат валканата работа за руските разузнавачки и воени служби, вклучува активности за постигнување влијание преку генерирање веб-локации кои имитираат автентични медиуми. Таа техника се нарекува brandjacking (киднапирање брендови) кои шират дезинформации и дискредитирачки и непријателски пропагандни наративи.

    Скриншот од веб страницата на Фондацијата Хајнрих Бел, 3 мај 2021

    (Непосреден пример) Таргет: ЦИВИЛ

    И македонската граѓанска организација за човекови права, ЦИВИЛ – Центар за слобода, е таргет на комбинирани пропагандни техники, токму од проруски инсталации во земјата. Во текот на изминатите десетина години, почнувајќи од 2014 година, мониторингот на ЦИВИЛ бележи низа случаи на оркестрирани пропагандни напади врз организацијата и нејзини претставници. Тие напади вклучуваа интензивни дезинформации, говор на омраза, дискредитирачки наративи и – brandjacking.

    Специфично за нашата земја е што дури и мејнстрим медиуми сосема отворено и директно се приклучуваат кон оваа пропаганда, а неретко се и самите извор на пропагандните наративи. Алармантно е и тоа што дури и институции (регулаторни тела) и политички партии, како и дел од граѓанските организации блиски до проруските инсталации се дел од тие напади.

    Лажни содржини на клониран „Гардијан“ (DisinforLabEU)

    Интензивна употреба на напредна технологија и вештачка интелигенција

    Најновите пропагандни операции на рускиот агресор се карактеризираат и со употреба на напредни технологии, меѓу другото, за манипулирање со информациите, а особено со видео и фото содржините кои се дистрибуираат на социјалните медиуми. Исто така, една од постапките во овие онлајн операции е и стратешкото пренасочување на веб-локации.

    Во последно време, се бележи и сè поинтензивната употреба на генеративна вештачка интелигенција (ВИ) за создавање вести, кои се целосно или делумно неавтентични. Вештачката интелигенција како оружје во информациска војна е веќе реалност и рускиот агресор ја користи во изобилство. Освен за креирање неавтентични и манипулативни содржини во текстуален, фото и видео формат, руските сајбер единици ја користат вештачката интелигенција и за дистрибуција, пренасочување и мерење на успехот на кампањата – распространетост и влијание.

    Лажни профили креирани со вештачка интелигенција

    Руската воено пропагандна машинерија е извонредно истрајна и приспособлива

    Во 2022 и 2023 година се појавуваат голем број неавтентични онлајн медиумски платформи како што се Election Watch, MyPride, Warfare Insider, Besuchszweck, Grenzezank и Haüyne Scherben кои објавуваат злонамерни содржини во „спакувани“ како оригинални вести и медиуми. Овие медиуми во Германија не наидуваат на голем одзив, но затоа земјите на Западен Балкан, како и повеќето поранешни држави-членки на Варшавскиот пакт се покажаа како далеку полесен плен за ваквите малигни влијанија.

    Но важно е да се запамети дека руските стратези на пропагандната војна никогаш не се откажуваат. Руската воено пропагандна машинерија се одликува со извонредната истрајност и приспособливост.

    Во минатото (ерата на Сталин, Маленков, Хрушчов, Брежнев, Андропов и други), а уште повеќе во ерата на Путин, се истакнуваат тие одлики на руската воено пропагандна тактика, а тоа е „долгата игра“. Тоа подразбира трпеливо и постепено менување на јавното мислење и, воопшто, однесувањето на луѓето во општествата кои се таргетирани од оваа стратегија. Таа се спроведува агресивно и интензивно преку медиумите и социјалните мрежи, но истовремено и во неколку други клучни сфери како што се бизнисот и политиката. Паралелно со тоа, руските оперативци се инфилтрираат во образованието, културата, академијата и граѓанскиот сектор, а особено важно влијание имаат во црквата.

    Илустрација: Руската пропаганда е долготрајна и приспособлива.

    Клучни теми и невралгични точки во општеството: Храна за руската пропаганда

    Сите клучни прашања и невралгични точки во општеството, се храна за руските пропагандни операции. Така, тие се занимаваат со миграцијата, абортусот, сексуалната ориентација, менаџментот на границите (особено жешко во САД), европските социјални и развојни политики, здравството и низа други прашања. Притаени наративи се вбризгуваат и во забавните содржини. Но главна цел се, всушност, најсериозните политички и безбедносни теми како што се изборните процеси и воените жаришта.

    Еден од начините на кои овие операции за постигнување влијание, е креирање на онлајн медиуми кои наликуваат на автентични медиумски платформи. Тие генерираат дезинформациски и дикредитирачки содржини и наративи, а потоа ги дистрибуираат, споделуваат и поддржуваат (лајкови) преку социјалните мрежи и комуникациските платформи, сето тоа со помош на вештачката интелигенција.

    Исечоци од лажни наративи во медиумите поврзани со војната во Газа.

    Генерирање содржини со фиктивни личности и изјави за војната во Газа

    Еден од најсвежите примери за тоа како функционира оваа пропаганда е токму војната која изби по терористичкиот напад на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година. Тогаш „изникнаа“ голем број веб страници чија основна цел е да шират антиамерикански и антизападни наративи, како и дезинформации како, на пример, дека Украина го снабдува Хамас со оружје.

    Овие веб страници генерираат содржини со фиктивни личности кои, наводно, изнесуваат сведоштва и сознанија за вмешаноста на Украина во овие операции, а секако најголем дел од нивните наративи се насочени кон јакнење на имиџот на Русија како миротворен фактор во регионот. Во овие пропагандни операции се вклучени ентитети претежно од Русија, но и од Кина. Кон крајот на 2023 година се бележи дека најважен таргет на овие онлајн операции биле одредени публики во САД и Индија. Според извештаите на Мета, компанијата прекинала три одделни операции за тајно влијание – две со база во Кина и една во Русија.

    Оркестрирано ширење на лажни стории од клонирани медиуми на Фејсбук (DisinfoLabEU)

    Пропаганден бараж за влијание врз изборите во САД и Европа

    Олексиј Данилов, советник за национална безбедност на Украина, на 27 февруари, за Тајмс изјави дека со помош на вештачката интелигенција Русија ги зајакнала своите кампањи за дезинформации и ги одвела до нови височини. Тој тврди дека Кремљ инвестирал огромни финансиски средства во вештачката интелигенција за воени цели.

    Според Данилов, само двајца или тројца агенти се доволни за да се создадат десетици илјади лажни профили на социјалните медиуми на Телеграм, Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Руските пропагандни операции против Украина имаат капацитет да креираат и дистрибуираат до 166 милиони дезинформации на платформите на социјалните медиуми неделно. Тоа е шокантна количина на дезинформациски содржини и сведочи за обемот и ефективноста на овие операции.

    Од оваа огромна бројка, 36 милиони се наменети за дискредитација на високи украински функционери, 23,5 милиони се насочени кон ширење наративи за политичка и воена дисфункција на Украина, 51 милион содржини се насочени кон деморализирање на украинската армија, а 55 милиони се насочени кон деморализирање на јавноста воопшто. Не треба ни овде да се изостави дека овие операции секогаш го вклучуваат аспектот на дискредитација и попречување на украинските напори да привлече што е можно пообемна воена помош од западните партнери.

    Според Данилов, влијанието врз изборите во САД и во други земји што се таргет на Кремљ, се очекува да биде многу поагресивно од кога и да е порано.

    И според поранешни американски функционери и сајбер експерти, Русија веќе интензивно шири дезинформации пред изборите во 2024 година, користејќи лажни онлајн канали и ботови за да му наштети на претседателот Џо Бајден и на Демократите. Во Европа, поточно властите во Франција, Германија и Полска соопштија дека Русија во февруари лансирала „пропаганден бараж“ чија цел е да влијае врз европските парламентарни избори во јуни.

    Пропагандната војна – замена за срамните неуспеси на бојното поле

    Се разбира, ова е само еден мал дел од руските пропагандни операции и тактики на хибридно војување што ги спроведува во напорите не само да го уништи моралот и отпорот на Украина, туку и да го ослаби Западот, за да продолжи со својата агресивна експанзија. Очигледно е дека срамните неуспеси на линиите на фронтот, Кремљ (барем донекаде) успешно го заменува со информативна војна во која, се чини, се наоѓа во предност. И со ракетен терор против цивилното население и стратешката инфраструктура за цивилни потреби.

    Освен координираните операции за одвраќање на информативната инвазија против Украина и Западот, во овој период најважно е солидарноста и единството во борбата против бруталната руска агресија. Тоа единство ѝ е потребно, во прв ред, на украинската нација, но не помалку и на демократските земји кои се наоѓаат на „линиите на фронтот“ на глобалната хибридна војна.

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version