Последни написи

Тракторска револуција

За да се разбере тракторската револуција треба да се знае дека тие го изразуваат своето незадоволство поради најновите климатски регулативи, но и поради високите трошоци за производство и евтиниот увоз. Но, дополнително треба да се знае и тоа дека нивниот гнев го злоупотребуваат десничарските партии пред евроизборите во јуни.

Мирјана ВАСИЛЕВА

Незадоволството меѓу земјоделците се прелеа на големи протести низ Европа, поттикнати од поплаките за еколошките регулативи и зголемувањето на даноците на дизелот. И покрај значителните субвенции од Заедничката земјоделска политика на ЕУ, екстремно десничарските политички групи сѐ повеќе се обидуваат да профитираат од гневот на земјоделците поврзувајќи ги нивните грижи со бирократијата од ЕУ и странските мигранти.

Во Европа, во последно време речиси нема една земја каде што земјоделците спокојно ја дочекуваат пролета, а тракторите наместо во нивите, сѐ повеке се паркираат пред владините инстиуции кои што ја креираат земјоделската политика.

Ситуацијата во моментот е таква што бунтот одвреме-навреме згаснува и повторно се разгорува на друго место. И покрај тоа што досега владите  се обидуваат да го изгаснат пожарот нудејќи, малку по малку отстапки, сепак  ваквите мерки, според тврдењата на организаторите на протестите, не ги решаваат проблемите, туку само ги одложуваат наместо трајно да се решат.

ЕУ меѓу енeргетската транзиција и тракторската револуција

Една од  главните причини за таканаречената тракторска револуција  е  европскиот транзициски план кон нови зелени земјоделски регулативи кои се дел од уште поширока енергетска транзиција што Европа се обидува да ја спроведе. Според експертите во Брисел креиран е амбициозен план за намалување на стакленичките гасови кои ги ескалираа климатските промени.

Сепак, оценката на експертите е дека енергетската транзиција нема да се спроведе сама по себе. И тука доаѓаме до земјоделците, бидејќи тие претставуваат специфичен проблем во емисијата на стакленички гасови. Очигледно, ова не се однесува на мало, органско земјоделство, туку на поголеми капацитети кои се речиси индустриски, а во тој процес создаваат многу CO2, особено оние кои се занимаваат со индустриско сточарство. Накратко – нема постигнување на климатските цели без многу конкретна трансформација на земјоделскиот сектор.

Оваа ЕУ политика која има за цел прво да им најде соодветно место на  земјоделците во оваа зелена транзиција, разбесни десетици илјади европски земјоделци кои организираа масовни протести за да го изразат своето незадоволство поради најновите климатски регулативи, но и поради високите трошоци за производство и евтиниот увоз, на прмер од Јужна Америка  особено од земји со помалку строги правила, па дури и од Украина.

Земјоделците во Брисел и во Мадрид, протестираа и заради ниските цени на земјоделските производи во супермаркетите, договорите за слободна трговија и строгите еколошки прописи

Полицијата дури употреби  водени топови врз демонстрантите кои фрлаа шишиња и јајца и запалија гуми, а околу 900 трактори го блокираа сообраќајот во Брисел, недалеку од зградата каде што се одржа состанок на министрите за земјоделство на ЕУ за кризата во сектор. Земјоделците бараат и замрзнување на одредбите од договорите за слободна трговија на ЕУ со трети земји во делот на увозот на земјоделските производи, запирање на преговорите за склучување договор за слободна трговија меѓу Унијата и државите од Јужноамериканскиот заеднички пазар (Меркосур) – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, како и утврдување на „силна заедничка земјоделска политика на блокот насочена кон поддршка на земјоделството.

Фармерите во Мадрид ја повикаа ЕУ да ја намали бирократијата и да се откаже од некои промени во Заедничката земјоделска политика (ЗЗП). Според нив „невозможно е да ги издржат овие правила, наместо да работат и да произведуваат“.

Протестите продолжија да ја потресуваат Европа и во Прага, Варшава, Атина и Барцелона. Последниот бран протести ги заобиколи Австрија, Данска, Финска и Шведска.

Земјоделскиот бунт и европската десница

Фрустрациите на европските земјоделци се исто така дел од поголемата глобална слика, вели Кристофер Барет од Универзитетот Корнел.

„Фармерите ширум светот во моментов се под голем стрес. Во исто време кога падот на глобалните цени на суровините и зголемувањето на трошоците вршат притисок врз земјоделците, владите сѐ повеќе се оддалечуваат од директните земјоделски субвенции и наместо тоа поддржуваат поеколошки производствени практики“, посочи Барет.

Според Евростат во рамките на ЕУ со земјоделство се занимаваат околу 10 милиони лица, за чија поддршка од Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година се предвидени 386,6 милијарди евра, што претставува една третина од вкупната вредност на европскиот Буџет. Меѓутоа, според земјоделските здруженија, проблемотне е во висината на средствата предвидени со Буџетот, туку во „нерамномерната распределба на помошта за европските земјоделци“.

Бунтот на земјоделците го поддржаа европските десничарски партии кои го користат нивниот гнев за да освојат политички поени пред изборите во јуни.

Француската десничарска лидерка Марин Ле Пен веќе ги искористи француските демонстрации за да го критикува претседателот Емануел Макрон. Холандското популистичко движење „Земјоделец граѓанин“, исто така, ги искористи фрустрациите на фармерите за да се побуни против „радикалното еколошко движење“.

И Матео Салвини, десничарскиот вицепремиер на Италија, ги поддржа  италијанските земјоделци реагирајќи на одлуката на ЕУ да ги укине ограничувањата за пестициди.

„Радикалната десница во подем навистина ги користи овие протести“, рече Роза Балфур, директорка на Карнеги Европа.

„Бидејќи се ближиме до изборите за Европскиот парламент, сите се многу загрижени за ова“, вели таа.

Пратениците на  Европскиот парламент  пред  изборите што ќе се одржат во јуни,  побрзаа да направат отстапки за да ги смират земјоделците. Како една од најтешките отстапки на ЕУ е откажувањето на предлогот за намалување на употребата на пестициди за 50%, при што највисоките функционери нагласија дека „Брисел и земјоделците ги делат истите цели“.

„Сакаме да обезбедиме во овој процес земјоделците да останат одговорни. Само ако заедно ги постигнеме нашите климатски и еколошки цели, земјоделците ќе можат да продолжат да заработуваат за живот“, рече  европремиерката Урсула фон дер Лајен.

Сè на сè, она што во моментов го гледаме е деликатен танц меѓу земјоделците и владејачките функционери каде секој се бори за своите позиции. Мислењето на поголем број земјоделски експерти предупредуваат дека во напливот на гневот на земјоделците малкумина размислуваат за опасните долгорочни последици. Земјоделскиот сектор би можел да западне во длабока криза, паралелно со енергетскиот сектор, кој и онака е многу разнишан во Европа.

Latest Posts

Не пропуштај