More

    Кои медиуми им поверуваа на пропагандистите на Путин дека Русија нема да изврши инвазија врз Украина?

    Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

    Пред масовната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, пропагандистите на Кремљ глумеа „проверувачи на факти“ кои разоткриваат западни извори на дезинформации“, тврдејќи дека Западот ширел „лажни вести“ и „хистерија“ за измислена „инвазија“. Кои македонски медиуми ги пренесуваа изјавите на „факт-чекерите“ на Путин кои „дебанкираа“ „лажни вести“ за воена инвазија врз Украина од страна на Русија? Кои медиуми известуваа дека Западот ширел „дезинформации“ и „хистерија“ за агресија или инвазија врз Украина?

     

    Кој прогнозираше дека Путин нема да изврши масовна инвазија врз Украина?

    „Путин нема да изврши масовен напад врз Украина!… и пак ќе подвлечам, Путин нема да изврши масовна инвазија врз Украина“, децидно прогнозираше еден наш колумнист, полковник и професор на воена академија на 26 јануари 2022 година. Ваквата прогноза уследи непосредно откако на 24 јануари 2022 Борис Џонсон ја пренесе предупредувачката порака дека „инвазијата на Украина од руска перспектива ќе биде болна, насилна и крвава работа“. „Прогнозата“ дека Путин „нема да изврши масовна инвазија врз Украина“ беше дадена речиси истовремено по реакцијата на Руската амбасада во Македонија од 25 јануари 2022, која тврдеше: „Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина.“

    Претходно, и портпаролот на Путин за CNN изјави дека „никој никому не му се заканува со воени акции“ и дека „би било лудост“ да се направи тоа, потенцирајќи дека Русија не била закана за никого. Историската дезинформација на Песков „Русија никогаш не нападнала прва“ се акцентираше во насловите на македонски медиуми.

    Македонските медиуми го „демантираа“ и претседателот на САД Бајден кој предупредуваше на напад врз Украина во февруари, со изјавата на Лавров „нема да има војна“.

    Кој веруваше во руската пропаганда за „хистеријата“ на Западот околу „инвазијата во Украина“?

    Ако се погледнат некои наслови во македонските медиуми од крајот на 2021 или од почетокот на 2022, може да се заклучи дека медиумите повеќе им веруваа на пораките на Кремљ за „хистеријата“ на НАТО и САД, отколку на сериозните предупредувања на Вашингтон и Лондон дека Путин планира да изврши инвазија врз Украина: Песков: Американците да ја намалат хистеријата околу Украина; Лавров: Русија нема намера да ја нападне Украина, НАТО ја разгорува хистеријата; АМЕРИКАНСКАТА ХИСТЕРИЈА ПУШТЕНА НА НАЈЈАКО Советникот на Путин вели дека ситуацијата е доведена до апсурд; Кремљ: НАТО ги засилува тензиите со лаги и хистерија, Кремљ го обвини Западот дека предизвикува ескалација на тензиите со својата „хистерија“

    Хахагандата на Кремљ против предупредувањата за воена инвазија на Украина, пробиваше во кластерите на пребарувачите на вести – Кремљ советуваше да се наместат часовниците „за да не се преспие инвазијата“ врз Украина.

    Кластери наслови на time.mk во кои доминираат руски пропагандни пораки

    За некритичкото преземање и фаворизирање на пропагандата на Кремљ сведочи и саркастичниот наслов на Сител „Захарова: Може ли да го добиеме распоредот за нашите инвазии оваа година, сакам да си го испланирам одморот“, кој на нивната Фејсбук страница беше најавен како прилог во борбата против изворите на дезинформации: „Портпаролката на рускиот министер за надворешни работи се обрати до американските и британските извори на дезинформации“.

    Верувале или не, во февруари 2022, Захарова и Лавров глумеа „проверувачи на факти“ кои разоткриваа западни извори на дезинформации“, а голем дел од македонските медиуми ги пренесуваа изјавите на „факт-чекерите“ од Кремљ, кои „дебанкираа“ „лажни вести“ дека Русија подготвувала воена инвазија врз Украина.

    Руските пропагандни медиуми беа предвесници на трендот на Кремљ за „дебанкирање“ на „фејковите“ на западните медиуми. На пример, руската пропагандна мрежа РТ на 20.01.2022 објави медиумска анализа за Путиновите борбени планови и мапите за инвазија на Украина, како што биле откриени од западните медиуми, упатувајќи на имагинарни сценарија за „руска инвазија“.

    Како Кремљ ги „дебанкираше“ западните „дезинформации“ за „инвазијата врз Украина“

    Колку и да изгледа навидум апсурдно, не е никаква шега дека Кремљ во почетокот на 2022 година активно се занимаваше со „дебанкирање“ на наводни дезинформации („фејкови“) од западните медиуми. Така, на 11 февруари 2022 година, Министерството за надворешни работи на Руската федерација објави една опсежна анализа со легендарен наслов, кој сведочи за „факт-чекерските“ амбиции на Кремљ: „Примери за широкоопфатна кампања со дезинформации од страна на западните медиуми, кои го надувуваат тврдењето дека Русија планира да изврши инвазија врз Украина“.

    Колаж од „фејкови“ од „глобалната медиумска кампања“ која имала цел „да ја убеди светската јавност дека Руската Федерација се подготвува да изврши инвазија врз Украина“

    Со најсериозен тон, руското Министерство за надворешни работи детално анализираше голем број западни медиуми, обвинувајќи ги за ширење директни дезинформации, преку објави во кои тврделе дека Москва има агресивни намери кон Украина: „Спротивно на стандардите на чесното новинарство, западните медиуми шират директни дезинформации, обидувајќи се да ја манипулираат јавноста да верува дека Москва има агресивни намери.“

    Западните „дезинформатори“ беа обвинети дека ги игнорирале деталните „разумни објаснувања“ на руските претставници, кои се залагале за мирно дипломатско разрешување на кризата во Украина. Верувале или не, ама Кремљ ги обвини западните медиуми не само дека ширеле лажни информации, туку и дека учествувале  во информациската војна. А кутрата Москва била мета на „координирани информативни напади“, кои имале цел да ја дискредитираат мирољубивата Русија со „лажни вести“ дека планирала да изврши инвазија врз Украина.

    Еве неколку легендарни примери за „факт-чекерството“ од страна на Кремљ.

    Швајцарски новинар на крајот на јануари 2022 објавил снимки со кои на гледачите им дал „лажна импресија дека офанзивните оружја биле преместени кон украинската граница, согласно агресивните планови на Москва кои постојат само во умовите на западните пропагандисти“. Друг медиум, замислете, испратил порака дека Русија се подготвува да изврши инвазија врз територијата на соседната држава. Во Романија пак, „во духот на Јозеф Гебелс“ објавиле дека руските специјални служби фабрикувале видео клип за украински напад. Кремљ го опиша како „на граница на комичното“ известувањето во дански весник дека Русија би можела да изврши инвазија врз Украина преку Чернобилската зона! Дури и нашата МИА беше обвинета од Кремљ за ширење дезинформации, затоа што на 4 февруари 2022 го објавила написот на американската амбасадорка, Брнз: Дипломатијата пред војната, вистината над лагите, во кој е содржана порака „Светот ја следи неиспровоцираната агресија на Русија кон Украина.“

    Според Кремљ, сите известувања за подготовки за руска инвазија врз Украина биле очигледно дезинформации, а координираната кампања со лажни вести да ти била во служба на геополитичките интереси на „хистеричниот“ Запад, кој сакал војна по секоја цена.

    Ете, така Москва ги „дебанкираше“ реалните предупредувања за нејзината инвазија, карактеризирајќи ги како дезинформации на „пропагандната бригада“, која ја ширела „хистеријата на Белата Куќа“ за имагинарна руска инвазија врз Украина.

    Exit mobile version