More

    (ВИДЕО) „Полиграф“: Дали беше лажна веста дека цело Скопје ќе остане без вода?

    На медиумите може да им се случи да објават неточни информации и преку пренесување на објави од јавни институции на социјалните мрежи.

    На 10 февруари 2024, повеќе медиуми информираа дека следниот ден „речиси цело Скопје ќе остане без вода“, повикувајќи се на Фејсбук статус на ЈП Водовод и Канализација Скопје.

    Дел од медиумите ја пренесоа оваа вест како „вонредна вест“ и „вонредно инфо“, а некои од нив дадоа совет: „НАПОЛНЕТЕ СИ КОФИ И ШИШИЊА! Цело Скопје утре без вода“.

    Но, истиот ден, вечерта, ТВ Сител објави текст со наслов: „Водовод најави па го избриша известувањето дека цело Скопје утре ќе биде без вода“, со појаснување „Наместо одговор на прашањата од граѓаните, службите од Водовод пред околу еден час целосно го избришаа известувањето дека цело Скопје утре ќе остане без вода“.

    Истиот ден пред полноќ, до медиумите пристигна ново соопштение од „Водовод“. „За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје“, се вели во соопштението.

    Но, јавноста не дозна какви мерки за утврдување на одговорност биле преземени против лицата кои објавиле и ширеле неточни и непроверени информации. Во медиумите се појави дилема дали станувало збор за „лажна вест“, или пак за одложување на зафатот од страна на „Водовод“, и таа дилема не е разрешена.

    И овој случај покажува колку треба да бидат внимателни и медиумите и граѓаните, кога станува збор за објави на социјални мрежи. За да не се случи погрешно информирање, најдобро е и објавите на социјалните мрежи од институциите дополнително да се проверуваат.

    Exit mobile version