More

    Смртта на Алексеј Навални

    Давид Е. Хофман и Харисон Смит за Вашингтон Пост: Тој се појави како најистакнат антагонист на рускиот претседател Владимир Путин, разоткривајќи ги личните интереси на највисоките нивоа на власт во земјата

    Алексеј Навални, челичниот руски адвокат кој разоткриваше корупција, лични интереси и злоупотреба на моќта од страна на рускиот претседател Владимир Путин и неговите другарчиња, беше предизвик за Путин повеќе од една деценија, наспроти постојаниот притисок од властите и речиси фаталното труење, почина на 16 февруари во руската казнена колонија веднаш над Арктичкиот круг – напишаа Давид Е. Хофман и Харисон Смит за Вашингтон Пост, чиј текст го пренесува ЦИВИЛ МЕДИА.

    Тој имаше 47 години.

    Неговата смрт во Карп, во автономниот регион Јамал-Нанец, беше објавена од руската затворска служба. Затворските власти во соопштение изјавија дека Навални „се чувствувал лошо“ по прошетката, „речиси веднаш изгубил свест“ и додадоа дека медицинскиот тим не успеал да го реанимира.

    Казнената колонија во која згасна животот на Алексеј Навални

    Алексеј Навални ги издржуваше најтешките затворски услови во земјата од декември, областа е брутално студена. Во август, неговата затворска казна беше продолжена за уште 19 години по обвиненија поврзани со неговата антикорупциска фондација. Поддржувачите рекоа дека обвиненијата се политички мотивирани и дел од кампањата на Путин да го замолчи.

    Навални се појави во текот на годините како единствен успешен блогер, активист и опозициски лидер во Путиновата Русија, допирајќи до масовна публика преку онлајн видеа во кои се детализирани корупцијата на владејачката класа и раскошното трошење. Тој беше убав, артикулиран и харизматичен – роден политичар во земја каде што практично нема конкурентна јавна политика.

    Неговите истраги за корупција добија десетици милиони прегледи на Јутуб, поттикнаа широки улични протести во Русија и го посрамотија Кремљ. Властите го етикетираат како непатриотски, изјавувајќи дека Навални е алатка на западните разузнавачки агенции и се обидуваа да ја намалат неговата популарност меѓу либералите и другите опозиционери, забележувајќи дека тој се здружил со ултранационалистите на почетокот на неговата кариера.

    Додека Алексеј Навални минуваше недели во затвор во различни периоди, тој главно остана надвор од затвор затоа што властите изгледаа незаинтересирани да го направат маченик. Таа пресметка се чини дека се промени во август 2020 година, кога тој тешко се разболе и падна во кома. Западните претставници изјавија дека бил отруен со нервен гас од советската ера, познат како Новичок, за кој британските власти рекоа дека бил користен и во труењето во 2018 година на Сергеј Скрипал, руски поранешен шпион кој живееше во Англија.

    Додека се опоравуваше од труењето во Германија, Алексеј Навални соработуваше со истражувачката новинарска група Белингкат за откривање докази кои ја поврзуваат Руската федерална служба за безбедност, или ФСБ, со нападот. Во дрзок чин што беше снимен на филм за документарниот филм „Навални“, награден со Оскар во 2022 година, тој телефонски му се јавува на еден од сторителите на ФСБ, претставувајќи се како негов претпоставен кој прави извештај за добивање повратни информации и го измамува службеникот да открие дека операцијата имала за цел да го убие Алексеј Навални со нанесување на Новичок на неговата долна облека. Службеникот ја обвини брзата работа на пилотот на авионот и болничарите за неуспехот.

    Кремљ негираше вмешаност, додека пак Путин се пошегува за нападот за време на прес конференција. „Кому му е потребен?“, рече тој за Алексеј Навални низ смеа.

     

    По нападот, Алексеј Навални продолжи да го вознемирува Кремљ. „Неговата главна огорченост против мене сега е тоа што тој ќе остане забележан во историјата како трујач“, рече тој за Путин. „Постоеше Александар Ослободителот и Јарослав Мудриот. Сега ќе имаме Владимир Трујачот на Гаќи“.

    Соочувајќи се со сигурно апсење, Навални се врати во Москва во јануари 2021 година, одбивајќи да остане во релативна безбедност во Германија. Тој беше приведен на аеродромот и осуден на повеќе од две години затвор, обвинет дека ги прекршил условите за условно ослободување во случај што во голема мера се потпираше на чиста формалност.

    Алексеј Навални во судница во Москва на 20 февруари 2021 година (фото: Евгени Фелдман / Wikimedia Commons)

    „Стотици илјади не можат да бидат затворени. Сè повеќе луѓе ќе го препознаат ова. И кога ќе го препознаат ова – а ќе дојде тој момент– сето ова ќе се распадне, бидејќи не можете да ја затворите целата земја“, рече тој во својот говор во судницата во 2021.

    Алексеј Навални беше испратен во поправна колонија источно од Москва, каде што започна тринеделен штрајк со глад во знак на протест поради несоодветното медицинско внимание. Во 2022 година, тој беше осуден на девет години во строго обезбедуван затвор откако беше осуден во посебна постапка, во која беше обвинет за наводна злоупотреба на донации добиени од неговата антикорупциска фондација. Алексеј Навални и неговиот тим изјавија дека обвиненијата се измислени со цел да го замолчат и ги критикуваа судењата како лажни. Подоцна беше осуден на уште 19 години затвор под обвинение за „екстремизам“.

    Путиновата специјална полиција го чека Алексеј Навални на аеродромот Внуково, јануари, 2021 година (фото извор: Wikimedia Commons)

    „Совршено разбирам дека, како многу политички затвореници, се соочувам со доживотен затвор, каде што животот се мери со должината на мојот живот или на животот на овој режим“, напиша тој на социјалните мрежи по пресудата.

    Неговите пресуди и затворање беа широко осудени на Запад како суров начин да се замолчи еден од ретките истакнати критичари на руската влада. Кога Путин ја нападна Украина во 2022 година, Алексеј Навални отворено зборуваше против тоа во објавите на социјалните мрежи што ги пренесуваше од затвор преку неговиот адвокат. Тој ноември, тој твитна дека е ставен во трајна самица со ограничен пристап до неговото семејство. „Тоа го прават за да молчам“, рече тој.

    Иако Уставот на Русија од 1993 година создаде демократски систем и ги гарантираше личните права, Путин полека ја задушуваше политичката опозиција по преземањето на функцијата во 2000 година. Тој користеше комбинација на подметнување, готовина и принуда за да ги замолчи олигарсите, новинските медиуми и политичките противници, често поставувајќи ги неговите пријатели на позиции на моќ и создавајќи персонализиран систем на контрола кој немаше ривали. Некои од оние кои го предизвикаа завршија отруени или застрелани до смрт.

    Алексеј Навални разви следбеници разоткривајќи ја корупцијата врз основа на отворени извори и потоа повикувајќи луѓе да му се придружат и да придонесат за неговата организација. Тој имаше невидена политичка интуиција и беше неуморен во борбата против народната рамнодушност и песимизмот, станувајќи единствениот опозиционер во последниве години што станал познат низ цела Русија – иако државната телевизија контролирана од Кремљ целосно го игнорираше.

    Алексеј Анатољевич Навални (1976-2024)

    Неговите истраги, извршени преку неговата организација Антикорупциска Фондација, го изнесе на виделина дното на ерата на Путин.

    Во истрагата од 2017 година, тој откри дека премиерот Димитриј Медведев акумулирал имот вреден над 1 милијарда долари, користејќи фотографија од премиерот кој носи карактеристични Најк патики за да ја разобличи мрежата на компании и добротворни организации поврзани со него и неговите соработници.

    Следната година, Алексеј Навални емитуваше 25-минутно претставување на потенцијално коруптивно здружување меѓу врвен помошник на Путин и еден од руските најбогати олигарси, прикажувајќи тајно рандеву на луксузна јахта со колгерла.

    Неговата најексплозивна истрага беше објавена веднаш по неговото враќање во Москва во 2021 година. Двочасовниот видео извештај „Палатата на Путин“, ја откри изградбата на палата со размери на Версај на брегот на Црното Море, со сопствено казино и подземно лизгалиште за хокеј. Алексеј Навални тврдеше дека палатата е изградена за Путин преку сомнителна мрежа на скриено финансирање.

    Видеото на Јутуб беше прегледано над 100 милиони пати и поттикна протести ширум земјата, што се случија откако стотици илјади поддржувачи на Алексеј Навални излегоа низ Русија во знак на протест за неговото апсење, пркосејќи им на минусните температури и палките на полицијата за немирите.

    Алексеј Навални постојано и скапо плаќаше за тоа што зборуваше, како и членовите на неговото семејство. Во 2014 година, тој и неговиот помлад брат Олег беа осудени во судски процес за измама за кој критичарите на Кремљ истакнаа дека е политички мотивиран. Неговиот брат беше во затвор до 2018 година, додека Алексеј Навални доби условна казна од три и пол години.

    Алексеј Навални прави симбол на срце додека стои во кафез во судница во Москва во текот на сослушување за случајот за измама од 2014 година. (Градскиот суд во Москва преку „АП“)

    Европскиот суд за човекови права подоцна пресуди дека Алексеј Навални и неговиот брат биле неправедно обвинети во случајот, велејќи дека руските судови донеле одлуки кои се „произволно и очигледно неразумни“.

    Алексеј Навални сакаше да се кандидира за претседател во 2018 година, но му беше забрането и доби 30-дневна затворска казна следната година, откако повика на неовластени протести против дисквалификацијата на независните кандидати за градскиот совет на Москва. Во текот на затворската казна тој се разболе и мислел дека можеби е отруен. Тој, исто така, претрпе сериозна хемиска изгореница на десното око во 2017 година откако непознати напаѓачи му фрлија антисептична боја на улицата пред неговите канцеларии.

    Легендарниот опозициски лидер по нападот на „зељонка“ од поддржувачите на Путин во Москва, во април, 2017 година (Wikimedia Commons)

    Алексеј Навални продолжи да зборува по неговите апсења, вклучително и преку говори во судниците и писма до неговите адвокати кои беа објавувани на социјалните мрежи. Осудувајќи ја војната во Украина, тој рече дека конфликтот е започнат од страна на „група луди старци кои не разбираат ништо и не сакаат ништо да разберат“.

    Но, неговите напори беа попречени откако Антикорупциската фондација и поврзаната политичка група беа ефективно разбиени во 2021 година, кога рускиот суд ги етикетира како „екстремистички“. Тој октомври, затворската комисија го одреди самиот Алексеј Навални за екстремист и терорист. Истиот месец му беше доделена годишната награда за човекови права на Европскиот парламент, именувана во чест на советскиот физичар и активист за права, Андреј Сахаров.

    Во декември, семејството и пријателите на Алексеј Навални неколку недели беа вознемирени кога не можеа да дојдат до него во затворот во областа Владимир, каде што ја служеше казната. На 25 декември, неговата портпаролка, Кира Јармуш, соопшти дека тој бил пронајден во поправна колонија на далечниот север, бил посетен од адвокат и дека „е добар“. Но, Алексеј Навални често се жалеше за време на неговите години во затвор дека му било забрането медицинско лекување за низа здравствени проблеми. Тој беше затворан во самица со месеци.

    Неговиот дух за протест беше неприкосновен. Во јануари, тој објави долга нишка на социјалните мрежи повикувајќи ги гласачите да излезат сите заедно на гласање на пладне во претстојните избори за да протестираат против Путин. „Ова ќе биде протест низ целата земја против Путин, блиску до каде што живеете“, тој напиша. „Пристапен е за секого, секаде. Милиони луѓе ќе можат да учествуваат. И десетици милиони луѓе ќе можат да бидат сведоци на тоа“.

    Алексеј Анатолиевич Навални е роден во Бутин, воен град во близина на Москва, на 4 јуни 1976 година. Неговиот татко бил офицер за комуникации во Црвената армија, а неговата мајка економист и лојален комунист.

    Младиот Алексеј Навални често ги поминувал летата со неговите баби и дедовци во Украина, но му било кажано да не доаѓа пролетта 1986 година, за време на нуклеарната несреќа во Чернобил, поради која целото негово семејство од татковата страна било евакуирано и преселено, според авторката Јулија Јофе во ЊуЈоркер. Таа ја цитираше неговата мајка како вели „Алексеј не зборува за тоа многу, но Чернобил имаше многу големо влијание врз него“.

    Советските власти го прикрија обемот на најтешката нуклеарна несреќа во светот од своите луѓе и од светот.

    Алексеј Навални, на еден од протестите во Москва, 2011 година (фото: Митја Алешковскиј / Wikimedia Commons)

    Алексеј Навални дипломирал право во 1998 година на Универзитетот за пријателство на народите во Москва и, по неколку години, магистрирал финансии на државниот универзитет за финансии.

    За неговото искуство со работа во компанија за недвижности во Москва, тој се сеќава, „ме научи како се прават работите внатре, како се градат посреднички компании, како парите се префрлаат“.

    Неговиот ран интерес за политиката започнал со либералната демократска партија Јаблоко. Тој, исто така, ѝ се придружил на Марија Гајдар – ќерка на Јегор Гајдар, најистакнатиот економист за слободен пазар во ерата на Јелцин – во создавањето на движењето за реформа „Да!“, што го привлече вниманието на многу млади луѓе желни за отворена и слободна дебата за прашањата на денот.

    Во 2007 година, тој почнал да води кампања против корупцијата, често преиспитувајќи ги сомнителните трансакции на најголемите руски компании и блогирајќи за нив. Тој купил неколку акции, потоа истражувал зделки во кои компаниите биле ограбувани, често во трансакции кои вклучувале необични посредници и исчезнување на готовина. За да привлече поголемо внимание на неговата кампања, тој создаде онлајн форум каде луѓето ќе можат отворено да преиспитуваат владини договори.

    Како што растеше неговата репутација, тој стана водечкиот потенцијален предизвикувач на Путин. Неговите ставови беа популистички и либерални во однос на економијата. Но, неговата поддршка се зголеми најмногу поради неговиот енергичен предизвик кон „измамниците и крадците“ како што тој ја нарече партијата на Путин, Обединета Русија.

    Џелатот и неговата жртва

    Во 2013 година тој се кандидираше за градоначалник на Москва и беше на второ место, со 27 отсто од гласовите. До 2018 година, тој имаше создадено мрежа на канцеларии низ Русија и организираше народни протести во десетици градови за промени во владините пензиски планови.

    Алексеј Навални повторно беше во првите редови на протестите во Москва следната година, кога властите произволни дисквалификуваа некои 30 независни кандидати за градскиот совет. Тој се залагаше за систем на насочено гласање за кандидатите за совет што ја разниша поддршката за Путин.

    Меѓу оние кои го наследуваат се неговата сопруга, поранешната Јулија Абросинова, која честопати беше видена како стои покрај Алексеј Навални во неговите политички кампањи против системот, двете деца, Дарија и Захар и неговите родители, Анатолиј и Људмила.

    Низ годините, Алексеј Навални предизвика восхит кај голем број луѓе кои беа загрижени за тоа што може да го снајде.

    „Имам многу почит за тоа што го прави, но мислам дека ќе го уапсат“, ѝ рекол на Јофе вработен на висока позиција во државната корпорација што Алексеј Навални ја истражувал. „Тој провоцира навистина големи луѓе и тоа го прави на отворен начин и им покажува дека не се плаши. Во оваа земја, таквите луѓе ќе бидат здробени“.

    Извор: Washington Post
    Превод: Н. Цветковска / ЦИВИЛ
    Редакциска обработка: ЦИВИЛ МЕДИА

    Извор: ЦивилМедиа.мк

    Exit mobile version