Последни написи

Руската пропаганда шири апсурдни фалсификати по разрешувањето на Залужни

По разрешувањето на Валериј Залужни како врховен командант на вооружените сили на Украина и назначувањето на Олександр Сирскиј на негово место, руската пропаганда создаде бран апсурдни фалсификати. Дезинформациите одат до таму што лажно се тврди дека поранешниот началник на украинската армија, наводно, се приклучил на Европската солидарност и повикал на државен удар.

Првата лага, според проверката на факти што ја објави Укринформ, распространета од руските Телеграм канали, ботови на платформата за социјалните медиуми Х и руските медиуми се однесува на фактот дека поранешниот началник на армијата наводно сака да ја „заврши војната“ и „испраќа сигнали“ до Русија. Пропагаторите дистрибуираат наводно свежа фотографија од Залужни, каде што тој со прстите покажува знак во форма на латинската буква „З“, што Путин го направи еден од симболите на неговата инвазија на Украина.

Ова е лажна фотографија. За уредување на фотографијата е користено графичко едитирање. Оригиналната фотографија, на која Залужни го покажува својот познат знак „V“ со задниот дел од раката, беше објавена на официјалниот Телеграмски канал на Володимир Зеленски на 8 февруари 2024 година.

Вториот фејк е за тоа дека Залужни наводно станал член на Европската солидарност, партијата предводена од политичкиот противник на Зеленски, поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Како „доказ“, руските „z блогер“ телеграм канали објавија фотографија од партиското уверение на поранешниот началник на украинските вооружени сили, што тој наводно го добил на 12 февруари 2024 година.

И ова е лажна фотографија. Со помош на графичко едитирање, пропагандистите ја фалсификувале партиската лична карта на поранешниот министер за инфраструктура на Украина, Володимир Омелијан, која лесно се наоѓа на интернет, со промена на матичен број, датум на пристапување во партијата, полно име и фотографија.

 

На интернет лесно може да се најде и фотографијата на Залужни, која пропагандистите ја искористија за овој фалсификат. Објавен е во време кога Залужни не беше врховен командант на украинските вооружени сили. На оригиналната фотографија тој е во воена униформа.

Третиот фалсификат е лажно видео што го шири руската пропаганда за Залужни, кое се однесува на неговиот повик за воен удар. Во дип фејк, поранешниот началник на армијата ги повикува украинските војници да ги напуштат рововите и да одат во Кијив, велејќи дека веќе му се придружиле 2.000 борци.

Оригиналното видео, кое беше искористено за создавање на дип фејк, беше објавено на 6 декември 2022 година, кога Залужни ѝ го честиташе на украинската војска Денот на вооружените сили.

Исто така, услугата „АИ или Не“ за проверка на аудио генерирана од вештачка интелигенција потврди дека аудио-записот во длабокиот фејк најверојатно е вештачка интелигенција.

Валери Залужни од поодамна е еден од главните таргети на руската пропаганда, кои со лажни вести, дезинфомации, непроверени информации и манипулативни содржини се обидуваа да го деградираат тогашниот врховен командант на украинската армија, а со тоа и целото украинско раководство.

Таков е случајот и со последните неколку последователни објави на непроверени и манипулативни содржини, неколку дена пред да биде објавена смената на генералот, како непотврдената информација, лиферувана од руските медиуми ТАСС, правда.ру, РИА новости, за наводното прифаќање на врховниот командант Валериј Залужни да биде амбасадор на Украина во Обединетото Кралство, која следеше во продолжение на  предходната лажна вест за смената на Залужни, која на 30 јануари беше демантирана и од кабинетот на претседателот на Украина, и од министерството за одбрана, која побрзаа да ја објават и неколку македонски портали, познати од предходно по ревносното пренесување на дезинформации подготвени во руските пропагандни кујни.

Смената на Залужни навистина се случи дури 10 дена подоцна, на 8 февруари, кога претседателот Зеленски официјално го разреши Залужни од местото Врховен командант на украинската армија и му се заблагодари на генералот за неговата „одбрана на Украина од Русија“ од почетокот на агресијата.

Руските пропагандисти ширеа дезинформации и во обратна насока, односно, како што објави ЦИВИЛ МЕДИА на 10 ноември, тогаш и дел од македонските портали,  користејќи го како „релевантен“ извор еден од нивните омилени „аналитичари“ – Владимир Рогов од „Заедно со Русија“, ја објавија дезинформацијата пласирана од пропагандната машинерија на Кремљ дека Залужни веќе е избран да го замени Зеленски на чело на Украина.

Драган Мишев

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај