More

    Маричиќ: ЕУ направи конкретен чекор за економска интеграција на државите кандидати пред членството

    Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

    Економско-социјалниот комитет на Европската Унија и официјално ја стави ви функција иницијативата во ова тело, како дел од рефромите на ЕУ да се вклучат претставници од девет земји кандидати за членство.

    Вкупно 131 организација од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Турција и Украина ќе учествуваат во работата на Комитетот, кој со тоа стана првата институција на Европската унија што ја отвори вратата за државите од преговарачкиот процес за нивно активно учество.

    Во изјава за Рацин.мк, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ истакнува дека улогата на комитетот е консултативна, советодавна, а членови на комитетот се претставници од Коморите, на синдикатите и на граѓанските организации.

    „ЕУ направи конкретен чекор за економска интеграција на државите кандидати пред членството. Генерално ова е многу позитивна информација во насока на вклучување на земјите кандидати за ЕУ, отворање врата за нас. Членовите на комисијата ќе даваат мислење во советот и ќе се вклучуваат во дискусиите пред официјалното пристапување во ЕУ“, оценува вицепремиерот Маричиќ.

    На повик за учество во ова тело на ЕУ, Економско-социјалниот совет распиша повик за учество на кој покрај коморите и организациите на работодавачите и на синдикатите од Северна Македонија, се прифатени и апликациите на повеќе граѓански организации како што се ЕПИ, на Фајненс Тинк, на Асоцијацијата на млади правници и некои други.

    Во практична смисла, таа иницијатива значи дека избраните претставници ќе учествуваат во советодавната работа на Економско-социјалниот комитет преку придонес во процесот на изготвување избрани мислења, учество во студиски групи, состаноци на секции и избрани пленарни седници на Комитетот. Членовите ќе имаат советодавна улога, но нема да имаат право на глас.

    По повод вклучувањето на претставници на земјите кандидати за членство во ова тело на ЕУ, претседателот на ЕЕСК Оливер Ропке изјави дека „не можеме повеќе да ги држиме земјите кандидати во чекалната“.

    „Треба да почнеме да работиме заедно сега – да разменуваме мислења, да градиме врски и да поттикнуваме силно и здраво граѓанско општество. ЕЕСК одлучи да ги отвори вратите за земјите кандидати и да ги вклучи претставниците на земјите кандидати за проширување во нашата работа. Проширувањето е еден од најкритичните и најстратешките избори за иднината на Европската унија и на европскиот континент. Европа не може да си дозволи да биде помалку амбициозна“, нагласи претседателот на ЕЕСК Оливер Ропке.

    На промотивниот настан за оваа иницијатива, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, рече дека неговата земја„високо ги цениме овие аспекти на постепена интеграција“.

    „Ние не го гледаме ова како замена за членството, туку начин за подготовка на двете земји од регионот на Западен Балкан во согласност со принципите на заслуги за интеграција во ЕУ“, посочи Спајиќ.

    На овој настан беше и премиерот на Албанија, Еди Рама кој подвлече дека „верува дека сега е време ЕУ да сфати дека земјите кандидати од Западен Балкан се во ситуација кога заслужуваат да бидат прифатени и приближени, без нужно да бидат членови со целосни права, што всушност е и крајната цел на целиот овој процес“.

    „Силно верувам дека ова што се случува овде треба да се случи и во парламентот на ЕУ, тоа треба да се случи во Европската комисија и во Европскиот совет. Само така да ги смири сите духови и да внесе многу конкретна енергија“, потенцираше Рама.

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version