More

    Ковачевски за Слободен Печат: Кон крајот на месецот ќе се знае претседателскиот кандидат на СДСМ

    Во интервју за Слободен печат, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека постапката за избор на претседателски кандидат на СДСМ се одвива на едно исклучително високо демократско ниво, и дека кон крајот на месецот ќе се знае точно име со кое партијата ќе настапи на претседателските избори.

    „Како државотворна партија, СДСМ со изборот на кандидатот за претседател на државата ќе одговори на потребите на граѓаните и на татковината. Чесен, широко прифатен од граѓаните, близок со народот, кој ги споделува прогресивните вредности на демократското општество, со визија за европска иднина. Човек кој ќе биде претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност. Тоа е профилот на кандидатот на СДСМ и тоа е профилот на победничкиот кандидат на идниот претседател на државата Постапката за утврдување кандидат досега се одвива во рамки на партијата на едно исклучително високо демократско ниво. Задоволен сум од тоа што освен степенот на демократија во рамки на процедура имаме повеќе предлози, одговорни личности, со кредибилитет, со високи морални норми. Очекувам на крајот на овој месец да финишира оваа постапка, а потоа и да го објавиме пред граѓаните и да ја побараме нивната поддршка. Две работи се сигурни. Кандидатот ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и секако од граѓаните. Тоа ќе биде идниот претседател на државата кој во следниот мандат заедно со проевропските сили, со проевропската влада, со мене како иден премиер ќе работи на полноправно членство во ЕУ“ посочи Ковачевски.

    Запрашан за тоа дали Стево Пендаровски повторно би бил кандидат на СДСМ за претседател на државата, Ковачевски упати пофални зборови за сегашниот претседател, но додаде дека конечната одлука ќе биде донесена наскоро.

    „Во неколку наврати имам споменато дека претседателот Стево Пендаровски успешно го извршуваше својот мандат во изминатите 5 години. Тој беше поддржан од повеќе партии, ги обединуваше сите етнички заедници и демократски принципи и затоа беше натпартиски, консензуален кандидат. Пендаровски е европски политичар, поддржувач на евроинтеграциите на Северена Македонија, на членството во НАТО. Имајќи го ова превид, секако дека се вклопува во профилот за којшто говориме. Сепак, кој ќе биде кандидат на СДСМ за претседателските избори ќе објавиме наскоро по завршување на целата постапка“ порача тој.

    Exit mobile version