Последни написи

Дали Левица се исплаши од црните листи?

Владата на 6 февруари го утврди текстот на Предлогот за закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки кој беше даден на прво читање во македонскиот парламент денеска, 9 февруари. На тој предлог се спротивставија пратениците од десничарската Левица кои побараа измените на законот да се тргнат од дневен ред.

Собранието, сепак, одлучи спротивно на барањата на двајцата пратеници, кои неодамна се „прославија“ со дивеење во пленарната сала на највисоката законодавна институција во земјата.

Со шеесет гласа против предлогот на Левица и само двата од противниците на измените во законот, како и еден воздржан, Собранието реши да ја продолжи процедурата за усвојување на измените во Законот за рестриктивни мерки.

Гласање против обидот на Левица да го симне Законот за рестриктивни мерки од дневен ред на собраниската седница, 9 февруари

„Законот за рестриктивни мерки помина повеќе стручни филтри, на него работеше и тим во министерството за надворешни работи како предлагачи на законот, беа вклучени претставници од кабинетот на министерката Грковска, сите имавме увид во тоа. Овој закон е добар чекор во вистинска насока затоа што граѓаните очекуваат сериозна борба против криминалот и корупцијата“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на заедничка прес-конференција со пратеникот на Германскиот Бундестаг Јосип Јуратович на 7 февруари.

Како и да е, да се потсетиме на што се однесуваат измените и дополнувањата на Законот за рестриктивни мерки. Во основа, тие значат законска можност за истражни дејствија и судско процесирање на оние што се наоѓаат на „црните листи“ на САД и Обединетото Кралство.

Дали можеби Левица се исплаши од „црните листи“?

Дека тоа е многу веројатно, сведочи и ставот на нивната претседателска кандидатка, Билјана Ванковска, која на социјалните мрежи се изјасни против измените.

„Денешната божем демократска држава ги подложува своите граѓани на волјата и на властите (и разузнавачките служби) на туѓи држави. Американските и британските граѓани имаат право на одбрана и уживаат презумпција на невиност, но овде ‘црната листа’ на странска држава е над уставот и Законот,“ напиша Ванковска.

Ова се деталите за законот и за измените:

Измените и дополнувањата предвидуваат проширување на целите на Законот за рестриктивни мерки на тој начин што, покрај обезбедување меѓународен мир, безбедност, демократија и владеење на право, да се надополнат и со борбата против корупцијата, злоупотребата на службената должност, како и хибридните закани врз државата.

Според образложението на предлагачот, Министерството за надворешни работи, во Законот се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство. Со актуелното законско решение се овозможува користење рестриктивни мерки врз три основи: задолжителни резолуции на Советот за безбедност на ОН, правни акти на ЕУ и други меѓународни организации, како и по барања на други држави, поврзани само за пролиферација на оружје и тероризам. Со измените на законот, на овие основи сега се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство.

Понатаму, со измените на Законот за рестриктивни мерки се предлага и проширување на инструментите, односно додавање две привремени мерки за обезбедување: суспендирање од јавна функција, односно неможност за учество за кандидирање за јавна функција и неможност за учество во јавни набавки, односно аранжмани со државата, во коишто се вклучени државните фондови. Во постоечките рестриктивни мерки спаѓаат ембарго, забрана за влез, финансиски мерки, а со законските измени се додаваат две предвремени мерки за обезбедување.

Што се однесува до резултатите од гласањето по барањето на Левица да се тргнат измените на Законот за рестриктивни мерки од дневен ред, не е на одмет да се напомене дека јавноста е веќе навикната да гледа дека на дисплејот во пленарната сала на парламентот има регистрирани многу повеќе пратенички и пратеници, отколку што гласаат. Во случајов, регистрирани беа 103 присутни. Кои се пратениците кои не гласаат ниту за, ниту против, а се регистрирани како присутни, може лесно да се претпостави.

Имајќи предвид што предвидуваат измените на Законот за рестриктивни мерки, воопшто не е чудно зошто десничарите на Левица се обидоа да ги блокираат, но и зошто другите (ВМРО-ДПМНЕ) не учествувале во гласањето за одбивање на барањето на квази-левичарите.

Извор: ЦивилМедиа

 

Latest Posts

Не пропуштај