Последни написи

Владимир Ангелов: Агенцијата за филм треба да го одржи квалитетот и квантитетот на македонското филмско производство

Владата на вчерашната седница го именуваше Владимир Ангелов за нов директор на Агенцијата за филм.

За неговата програма како прв човек на Агенцијата за филм Ангелов вели дека генерално, таа се фокусира одржување на квалитетот и квантитетот на македонското филмско производство.

„Треба да се седне и да се види какви проекти има пријавено по конкурсот/ите, ама мислам дека треба да се вметнат и други параметри во оценувањето на апликациите. Секако, и поттикнување на образование, публикации, кревање на имиџот на Агенцијата и нашиот филм на меѓународно ниво, отвореност и реално согледување на кинематографијата кај нас“, изјави Ангелов за Рацин.мк.

Ангелов, досегашен директор на Кинотеката на Северна Македонија, е дипломиран продуцент. Во Кинотеката работи како филмолог од 1995 г. Во 2017 е назначен за вршител на должноста директор, а кон крајот на 2018 г. е именуван за директор на Кинотеката. Како филмолог работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во периодот од 1948 г. до 1953 г.

Во периодот од 2006 до 2017 е одговорен за реализација на месечната филмска програма во киното на Кинотеката и за тоа време реализира и соработува на голем број проекти што се однесуваат на прикажување на филмски циклуси од разни национални кинематографии, ретроспективи на автори, како и презентација на програми посветени на филмската класика, но и на современата кинематографијa.

Соработувал со различни партнери на повеќе проекти, како „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“, дел од проектот „Историја на макро културата во Македонија“ (издание на МАНУ) и „Трајче Попов“ (издание на Кинотеката), како и со Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Скопскиот филмски фестивал…

Објавувал стручни и критичко-теоретски текстови за филмот. Член е на македонската секција на ФИПРЕСЦИ.

Извор: Рацин

Latest Posts

Не пропуштај