More

    Професор по дефектологија уценува студенти: Помала оцена ако напишете Северна Македонија

    Овој став со директната уцена кон студентите треба да биде разгледан од страна на етичката комисија при УКИМ како и од страна на студентскиот правобранител.  

    Лавина реакции по фејсбук објавата на професорот Владимир Трајковски во која се обраќа на студентите со закана дека ќе намалува оцени на оние студентити во чиј индекс е пишува Северна Македонија. Неговата објава ја пренесоа и дел од медиумите, а денеска наместо извинување тој вели дека овие реакции се производ на тоа “дека има многу „пациенти“ со Стокхолмски синдром“.

    “Сите вие што сте родени од 1991 година наваму во индексот кај држава на раѓање треба да ставате исклучително само Македонија и ништо друго. Никакво РСМ, Р.С.М., РС Македонија и слично не сакам да видам. Таму не ви пишува држава на живеење, а дури и тоа да ви пишува, не мора да бидете толку политички коректни. Ви укажувам на прва страница на индекс таму каде што ќе видам такво нешто, во старт имате една оцена пониско. Или можеби грешам ние имаме пет годишни деца на студии, откога некои политиканти на сила и со манипулации го прифатија пежоративното име. Берете ум во глава!“, пишува во објавата на Трајковски.

    По реакциите тој денеска не го повлече ставот туку смета дека овој негов „социјален експеримент“ покажува “дека во Македонија има лица со ниска самосвест за идентитет“.

    „ Што покажа вчерашниот социјален експеримент? 1. Дека во Македонија има лица со ниска самосвест за идентитет, име, односно анационални ликови. 2. Низок степен на интернет култура, а висок степен на простотилук. 3. Дека има многу „пациенти“ со Стокхолмски синдром. 4. Дека има многу партиски ботови кои киснат по задача на туѓи ѕидови со цел да омолавожуваат, шиканираат, навредуваат. 5. Како се прави вирален пост Ова е последен мој пост и коментар на оваа тема на мојот ѕид.“. напиша тој.

    Станува збор за професор по дефектологија при катедрата на Филозофскиот факултет. Професорот Трајковски е чест гостин во десно ориентираните медиуми каде што ги изложува своите „патриотски“ ставови.

    Овој став со директната уцена кон студентите треба да биде разгледан од страна на етичката комисија при УКИМ како и од страна на студентскиот правобранител.

    А. Василевска

    Извор: НоваТВ.мк

    Exit mobile version