More

    Порака од Атина: Преспанскиот договор не може да се менува

    Министерот за надворешни работи во грчкиот парламент изјави дека Договорот од Преспа не може еднострано да се менува, па ни за промената на пасошите.

     

    Во два дена стигнаа два истоветни сигнали од Атина поврзани со Преспанскиот договор. Тој не може да се менува, еднострано. Па макар причината била и неможноста сите македонски граѓани навреме да ги променат пасошите.

    Вчера амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, му порачала на новиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, дека мора да се почитува Преспанскиот одговор и неговите одредби. Барем така изјави Тошковски.

    Сношти и денеска тоа јавно го прецизира нејзиниот номинален шеф, министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис.

    Министерот Герапетрис утрово во грчкиот парламент, одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека „Договорот од Преспа е меѓународен договор, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од никоја од двете страни“. Герапетритис тоа истото го порача и во синоќешното интервју за грчката телевизија Антена, пренесе МИА.

    Шефот на грчката дипломатија ги повтори познатите негови забелешки дека Нова демократија навремено излегла со ставови за Договорот од Преспа за точките кои тие ги сметале за проблематични, но истакна дека сега не може да се модифицира, а Грција го следи доследното и строго почитување.

    „Континуирано имам истакнато дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот парламент и како што налага Уставот, овој Договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки кои беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој Договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување“, истакна Герапетритис во парламентот.

    Исто и како грчката амбасадорка во Скопје и Герапетритис во парламентот беше јасен околу промената на македонските пасоши и регистерските таблички до 12 февруари и дека Атина нема намера на никаков начин тој рок да се продолжува. „Постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат“, рече министерот.

    Тој додаде дека Министерството за надворешни работи ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на верно почитување на обврските кои произлегуваат.

    За трите меморандуми со Македонија кои сè уште не се донесени за ратификација во грчкиот Парламентот, Герапетритис рече дека „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“. Нова демократија одбива да ги стави овие меморандуми на гласање во парламентот затоа што премиерот Киријакос Мицотакис стравува дека десничарскиот дел од неговата пратеничка група силно ќе ги отфрли и со тоа ќе се предизвика напрегање меѓу пратениците.

    Во дел од македонската јавност, а и во вмровските кругови, често се споменуваше дека на некаков начин може да се пролонгира датумот за менувањето на пасошите со унилатералн акт на македонските власти. Иако упатените правници во меѓународното право тврдеа дека тоа не е можно. ВМРО-ДПМНЕ дури има и доставено иницијатива до Уставниот суд.

    Министерот Тошковски на средбата со амбасадорката Филипиду ја споменал и можноста македонските граѓани и со старите пасоши да можат да патуваат во Грција, но тоа било отфрлено. И од причина што Грција е дел од шенген зоната, а не само сосед на Македонија каде што нашите граѓани одат најмногу на одмор. (Н.В.)

    Извор: Независен.мк

    Exit mobile version