Последни написи

ЕУ го поддржа користењето на замрзнатите руски средства како дел од напорите да се обезбеди финансиска помош за Украина

Земјите-членки на ЕУ во понеделникот (29-ти јануари) едногласно се согласија да издвојат милијарди евра неочекувани профити од средствата на руската централна банка замрзнати во Европа, како прв чекор кон нивна употреба за идната реконструкција на Украина.

Земјите-членки на ЕУ во понеделникот (29-ти јануари) едногласно се согласија да издвојат милијарди евра неочекувани профити од средствата на руската централна банка замрзнати во Европа, како прв чекор кон нивна употреба за идната реконструкција на Украина.

Како што пренесува Еурактив, на состанокот доцна во понеделникот, амбасадорите на блокот начелно се согласија за овој прв чекор, како дел од покажувањето поддршка на блокот за Украина пред втората годишнина од целосната инвазија на Русија во февруари.

Договорот доаѓа само три дена пред одлучувачкиот самит на кој лидерите на ЕУ ќе се обидат да ги надминат приговорите на Унгарија и да потпишат финансиска поддршка од 50 милијарди евра за Украина во следните четири години.

Од 260 милијарди евра руски девизни резерви имобилизирани во 2022 година од ЕУ, САД, Јапонија и Канада, 191 милијарда евра се чуваат во Европа, главно во Euroclear, компанија за финансиски услуги со седиште во Белгија.

Според договорот од понеделник, генерираната добивка ќе се книжи одделно и нема да се исплаќа како дивиденда на акционерите додека земјите-членки на ЕУ едногласно не одлучат да формираат „финансиски придонес во буџетот [ЕУ] што ќе се собере од овие нето добивки за поддршка на Украина“ , според нацрт текстот.

Таа давачка ќе биде „во согласност со важечките договорни обврски и во согласност со [ЕУ] и меѓународното право“, се вели во текстот.

Потоа се очекува Европската комисија да ги префрли парите во буџетот на ЕУ, а потоа и во Украина, иако не е прецизирано кога ќе пристигнат таму за да се искористат.

Предлогот е насочен само кон идните профити и нема да се применува ретроспективно.

Ова би можело да генерира околу 15-17 милијарди евра во текот на четири години кои би можеле да бидат префрлени во Украина, рекоа претставници на ЕУ.

Текстот, кој ќе биде финализиран во следните неколку недели – ќе биде подложен на правни и јазични проверки пред амбасадорите на ЕУ да можат формално да го усвојат „што е можно поскоро“, рече извор од белгиското претседателство со ЕУ.

Франција и Германија веќе изразија резерви во врска со планот, додека Европската централна банка (ЕЦБ) предупреди дека тоа би можело да ја поткопа довербата во еврото и да ги вознемири глобалните пазари.

Предлогот на Европската комисија за постапување со замрзнатите средства во декември ја суспендираше заплената на профитите и  префрлањето во заедничкиот буџет на ЕУ поради загриженоста на ЕЦБ и критичните земји-членки кои тврдат дека тоа може да предизвика финансиска нестабилност и да предизвика одмазднички мерки од Русија.

Посебниот притисок предводен од САД и поддржан од ОК, Јапонија и Канада за конфискација на сите средства на Русија, наместо само профит, се соочува со отпор од европските членки на Г7, особено Германија, Италија и Франција.

Конфискацијата на руските средства и нивното предавање на Украина ќе го намали притисокот врз Западот да ги финансира украинските воени напори, но европските власти сметаат дека тоа е премногу правно ризично.

Предходно, како што објави ЦИВИЛ МЕДИА, како дел од напорите да се обезбеди финансиска помош за Украина во нејзината борна против руската агресија, ЕУ најави дека на самитот оваа недела, ќе претстави план како ќе ја саботира унгарската економија доколку Будимпешта ја блокира новата помош за Украина. Според доверливиот план изготвен од Брисел , ЕУ ќе ја претстави стратегијата за експлицитно да ги таргетира економските слабости на Унгарија, да ја загрози нејзината валута и да доведе до колапс на довербата на инвеститорите во обид да им наштети на „работните места и растот“ доколку Будимпешта одбие да го укине своето вето за помошта за Кијив.

Додека во американскиот конгрес сеуште се води расправа помеѓу републиканците и демократите за обобрување на помошта за Украина, предходниот период од различни земји и институции низ светот стигнаа потврди за поддршката и најави за одобрувањето на нови пакети помош за Украина.

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана на состанокот на Воениот комитет во седиштето на НАТО во Брисел ја потврди поддршката на НАТО за Укриана, истакнувајќи дека  Украина ќе биде еден од приоритетите на следниот самит на лидерите на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, пренесе Цивил Медиа, повикувајќи се на објавата на веб-страницата на Алијансата.

Според него, на самитот ќе се разговара за зајакнување на колективната одбрана, особено воздушната и ракетната одбрана, како и за зајакнување на поддршката за Украина.

Претходно, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон ги повика американските конгресмени да одобрат нов пакет помош за Украина, на што инсистира и американскиот претседател Џо Бајден.

Камерон ова го изјави на Светскиот економски форум во Давос. Тој нагласи дека одобрувањето на нова помош ќе биде во интерес на САД и дека обидите да се „вразуми“ Русија нема да функционираат.

Во Давос, Швајцарија, се одржаа меѓународни консултации за клучните принципи за мир за Украина. Консултациите вклучија лично и онлајн учество на советници за национална безбедност и надворешна политика од 82 земји и меѓународни организации, се наведува во сооштението на ко-претседавачите на самитот, Швајцарија и Украина, на 4-от состанок на советниците за национална безбедност и надворешна политика во врска со клучните принципи за мир за Украина, објави Цивил Медиа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен им порача на поддржувачите на Украина на Светскиот економски форум во Давос „да го зајакнат својот отпор“ пред руската инвазија.

Повикувајќи на повеќе оружје и финансиска поддршка за Украина, таа апелираше на поддржувачите на Украина да продолжат да го прават тоа. Фон дер Лајен истакна дека на Украина и треба „предвидливо финансирање во текот на 2024 година и пошироко“.

Украина останува приоритет и за Франција, порача новиот француски министер за надворешни работи Стефан Сежурне на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.

Британскиот премиер Риши Сунак за време на неговата посета на Кијив на 12 јануари го претстави новиот пакет воено финансирање за Украина со цел земјата да се увери дека Западот продолжува да ја поддржува, пишува Цивил Медиа. Пакетот за помош, кој важи за следната фискална година и е вреден 2,5 милијарди фунти (3,2 милијарди долари), е најголемиот што Велика Британија и го дала на Украина од почетокот на војната.

И Летонија вети дека ќе и обезбеди на Украина дополнителна воена помош за нејзината одбрана од Русија. По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс објави дека следниот пакет помош ќе вклучува хаубици, артилериска муниција од 155 милиметри, противтенковски и противвоздушни одбранбени системи, ракетни фрлачи, теренски возила, рачни гранати, хеликоптери и друга опрема.

Шефицата на естонската влада Каја Калас, исто така, додаде дека од 2022 година, Естонија веќе и обезбедила на Украина воена помош во вредност од речиси 500 милиони евра и ќе издвои 0,25 отсто од својот бруто домашен производ за оваа намена во следните четири години. „Ова е исто така неопходно за да се обезбеди нашата безбедност“, нагласи таа.

Според неа, пренесува Цивил Медиа, во наредните години Естонија ќе издвојува и 14 милиони евра годишно за обновување на Украина и соодветни решенија.

Неодамна, и Шведска објави дека обезбедува околу 5 милиони долари на Доверливиот фонд на НАТО за сеопфатен пакет помош (CAP) за Украина, кој ќе се користи за воена помош за Украина.

Пред повеќе од десет дена германскиот канцелар Олаф Шолц го заѕвони алармот, предупредувајќи дека „ни требаат повисоки придонеси“ од другите земји на ЕУ бидејќи помошта на Германија сама по себе нема да биде доволна за да се гарантира безбедноста на Украина.

Планот на Берлин: Шолц рече дека побарал од ЕУ да состави список на сета воена помош што земјите-членки на ЕУ ја планираат оваа година, „најдоцна“ до следниот самит на лидерите на ЕУ на 1 февруари. Шолц додаде: „Ни треба што е можно попрецизен преглед каков конкретен придонес ќе дадат нашите европски партнери за поддршка на Украина оваа година“, објави Цивил Медиа во еден од своите текстови.

Според Килскиот институт, кој ја пресмета воената помош за Украина во јавниот домен, Германија беше втор најголем донатор минатата година по САД, со 17,1 милијарди евра. По неа следуваат Велика Британија со 6,6 милијарди евра и нордиските и источните земји на ЕУ. Франција, за споредба, има само 0,54 милијарди евра, Италија 0,69 милијарди евра и Шпанија 0,34 милијарди евра.

Драган Мишев

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај