More

    Валентин Ракип, момчето кое после 20 години доби матичен број и лична карта

    Никогаш не се откажувајте од вашите желби и соништа, вели Валентин Ракип, кој по 20 години живот во сенка стана видлив за институциите. Денес е државјанин на Република Македонија со права и обврски како сите останати.
    Валентин Ракип е роден на 18 март 2002 година. Дваесет години подоцна, на 5 септември 2022 година, Валентин за прв пат е заведен во Матичната книга за родени. Денес после година и пол тој ги има сите лични докменти, лична карта, државјанство, здравствена книшка, картичка од банка… По 20 години живот во сенка, „невидливиот“ Валентин Ракип стана видлив за институциите. Денес е државјанин на Република Македонија со права и обврски како сите останати. Додека многумина ги остваруваа своите соништа, Ракип две децении се бореше да биде запишан во матичната книга на родени и да добие документи. Денес вели се му е на дофат.

    – 21 година бев лице без документација. Тоа се многу години. Сега сум лице кое ги има сите можности во државата. Конечно сум лице со државјанство. Многу е тешко да се живее со тоа и да се изоди тој пат. Да се биде без матичен број, неевидентиран  и невидлив во системот, многу е тешко. Некако мислат другите луѓе дека е лесно. Ама да се разболиш, многу е тешко да се лечиш. Првата работа тоа.  Ако немаш документи како ќе се лечиш? Ете немаш. Запишувањето во матична книга на родени е прватна работа која треба да се заврши за едно дете. Еве на пример моите родители згрешија на времето, ама тоа дете сака да се промени и не сака во тој систем да остане – вели Ракип.

    Тој долго време се борел сам со институциите за да дојде до документи, но вели потребен е круг на луѓе за да ти помогнат. Па така со помош на Млади правници, дневниот центар “Деца на Улица” и со “Лице В Лице” Валентин конечно во 2022 година е запишан во Матичната книга на родени.

    – Откако еден мој другар од “Лице В Лице” почина, државата се отвори да ни помогне . Јас тогаш бев лице без државјанство и од таму се направи круг на луѓе кои сакаа да помогнат за да нема повеќе лица незапишани во матичните книги – објаснува Валентин.

    Денес вели, се му е некако при рака. Дојди, земи  и заврши работа, за разлика од минатите години  кога требало да се труди да се искачи и најмала скала и да заврши некоја работа. Сега конечно може да ги исполни своите детски соништа. Може да се  школува и да заврши за готвач што од секогаш била негова желба

    – Се борев со животот затоа што за да останеш треба да се бориш . Ми остана енергија за тоа и ден денес се борам со животот заради некакви други работи. Јас како Валентин ќе одев до крај и ќе се трудев додека не успеам. Затоа им порачувам на сите да не се откажуваат. Еден ден мора да успееш. Едноставно мора – вели со насмевка Валентин.

    Адријана Георгиев

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version