Последни написи

Дујовски: 30 години немаме никакви односи и заеднички проекти со Руската федерација

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски во утринското интервју во
Студио на Слободен печат, направи споредба на односите што Македонија ги има
со САД и ЕУ и односите со Руската Федерација.

„Доколку направиме еден сублимат на односите, ние 30 години соработуваме со
САД и со ЕУ, прашање е колку од тоа сме успеале да искористиме, но факт е дека
ние немаме речиси никакви односи со Руската федерација во овие 30 години. Освен
протоколарните средби на амбасадорите, други конкретни активности не сме
имале. Некои конкретни проекти не сме работеле. Во нашата армија и полиција
немаме инвестирано речиси ништо што доаѓа или е поврзано со руската култура,
руската традиција, со нивното уредување на нивните безбедносни служби и
слично. Македонските безбедносни служби се градени по теркот на европските
безбедносни служби. Ние сме членка на НАТО, разменуваме информации со
Алијансата на дневна основа и тоа се стотици информации, а добар дел од нив се и
класифицирани“ посочи Дујовски.

Дујовски смета дека во Македонија има присуство на руско влијание, но тоа е
значително помало отколку во соседните земји како Бугарија и Србија.

„Освен интернет просторот и некои суптилни влијанија можеби преку некои
помали политички партии, нема друго присуство на Русија кај нас. За разлика од
кај нас, во Србија доминираат темите со Русија. Таму во секојдневните политички
емисии не можете да видите ништо друго освен силна наклонетост кон Русија“
посочи Дујовски.

„Останува да се види како ќе се постават руските интереси во однос на нашите избори и дали може да се влијае на изборите по една таква линија. Ако се сеќавате, по завршувањето на претходните локални избори, тогашниот премиер Заев кажа дека има доминантно странско влијание преку дезинформации и лажни вести и тие директно влијаеле на исходот на локалните избори во 2021 година“ посочи тој.

Дујовски смета дека последните интензивни средби со американски политичари и
државни претставници се на некој начин превентива од идно можно руско
влијание.

„Во таа насока се и последните раздвижувања што се случија деновиве. Пред
неколку недели министерот Спасовски имаше средби во Вашингтон со многу
врвни луѓе и од обвинителството и од администрацијата на претседателот Бајден,
меѓу нив и со О’Брајан кој меѓудругото завчера ја посети Македонија и даде многу
јасни пораки за тоа во која насока треба да оди државата“ посочи Дујовски.

Latest Posts

Не пропуштај