More

    Родители за паричната помош за учениците: Ни значат тие 1.200 денари, ќе ги користиме за месечен џепарлак за децата

    Околу 100 000 основци и средношколци кои потекнуваат од семејства со ниски месечни примања до 50 илјади денари, се пријавиле на првиот повик на МОН и тие во наредните шест месеци ќе добиваат надоместок во износ од 1200, односно 1800 денари. Исплатата на средствата се врши етапно, односно редоследно како што Министерството ги добива обработените податоците од средните и основните училишта. Листа на одбиени и прифатени пријави ќе нема, родителите и старателите ќе треба тоа да го увидат на својата трансакциска сметка. Доколку не им се префрлат парични средства имаат можност повторно да аплицираат во училиштата од први до петти во наредните пет месеци, велат од МОН.

    Актуелната пратеничка Санела Шкријељ, која претходно беше шефица на кабинет во министерствата за труд и социјала како и образование, смета дека со оваа мерка е добредојдена поддршка за учениците и нивните семејства во време кога имаме зголемени трошоци за живот и продолжени ефекти од енергетската криза. Во однос на некои тврдења дека ова е популистичка мерка пред избори, Шкриељ вели:

    „Во однос на некои тврдења дека станувало збор за популистички мерки пред изборите, самиот факт дека станува збор за 9ти пакет антикризни мерки го демантира тоа. Имено, од самиот почеток на пандемијата, па понатаму енергетската криза, се обезбедуваат мерки за поддршка на оние на кои им е најпотребно. Истовремено, никој не може да негира дека во изминатите години се донесоа и многу системски решенија кои значат поддршка на учениците и младите. Да не заборавиме дека го воведовме образовниот и детскиот додаток за сите деца кои се во системот на социјална заштита, воведовме нови стипендии за средно стручно образование, скоро дупло го зголемивме износот на стипендиите. За студентите, за првпат се воведе субвенционираниот оброк. Ова право претходно не постоеше воопшто, а со последните измени се зголеми износот на субвенцијата и се зголеми бројот на денови на користење на оброкот, од понеделник до сабота. Се воведоа и нови стипендии, како тие за македонски јазик и книжевност кои исто така претходно не постоеја, стипендии за дефицитарни кадри. Гаранцијата за млади, младинскиот додаток, се се ова мерки кои се воведоа и се имплементираат во насока на поддршка на младите.

    Секако дека е потребно овие мерки да се зголемуваат и во континуитет да се работи на обезбедување еднакви можности за секое дете, но она што значи конкретна поддршка токму за децата од ранливите семејства, не смее да се меша со популистички мерки и треба да биде поддржано од сите“, додава Шкриељ.

    Родителите кои аплицирале за финасиска помош од државата сметаат дека иако сумата не е голема, сепак е добредојдена и значајна за нивните деца.

    „Јас сум родител на основец, и сега при крај на месецов и тоа како ни значат тие пари“. „1200 денари ќе биде месечен џепаралак кој ќе и го дадам на мојата ќерка. Мора да ги учиме децата од мали да планираат како со парите“-велат родители од ООУ„Страшо Пинџур“ во Скопје.

    Континуирана поддршка за учениците и младите

    Правото на финансиска поддршка од 1.200 денари за основци, односно 1.800 денари за средношколци е дел од деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра кој содржи 26 мерки за социјална сигурност, наменети за поддршка на ранливите категории на граѓани и компании.

    „ „Се грижиме за најранливите категории и никој нема да биде изоставен. Сите средства за да им се помогне на најранливите категории граѓани се предвидени во предлог Буџетот за 2024 година. Така, од овој пакет, основците од семејства со примања под 50.000 денари, ќе добиваат по 1.200 денари месечно следните шест месеци, а за средношколците се обезбедени по 1.800 денари во истиот период. Во следните седум месеци,15 илјади студенти што студираат надвор од местото на живеење, ќе добијат ваучер за превоз во вредност од 600 до 1.200 денари месечно. Вкупно се опфатени 105.000 ученици, а за оваа мерка се обезбедени 14,3 милиони евра. Во наредните пет месеци, по 2.000 денари месечно ќе добијат корисниците на надоместок заради попреченост, самохрани родители и родители на деца со попреченост до 26 години“-истакна Премиерот Димитар Ковачевски во ноември минатата година кога го објави деветтиот пакет антикризни мерки.

    Основците и средношколците што се пријавиле на првиот повик минатиот месец, не треба повторно да конкурираат за понатамошна исплата. Исплатата на паричната поддршка по првиот јавен повик ќе се изврши во следните неколку дена. Учениците од основните училишта ќе добијат 1.200 денари месечно а средношколците 1.800 денари. Јавниот повик ќе се објавува секој нареден месец, заклучно со мај 2024.

    Извор: БизнисПро.ком

    Exit mobile version