Последни написи

Нема Влада со партија на Албанците без цврста гаранција за уставни измени уште на првата работна седница на Собранието после изборите

ВМРО-ДПМНЕ сами се сместија меѓу чеканот и наковалната. Истражувањето на Институтот Преспа покажа дека само околу 15% од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да гласаат за партијата ако таа јавно ги поддржи уставните измени. Тоа секако е многу мала бројка за да си дозволи раководството да влезе во таквата авантура

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

По многу нешта состанокот на лидерите на Западен Балкан со високи претставници на администрациите на ЕУ и САД ги надмина очекувањата кои беа најавувани во пресрет на настанот.

Оваа констатација произлегува и од мислењата аналитичарите кои ги контактираше Рацин.мк за оваа анализа

Исмет Рамадани, Претседател на Атлантскиот Совет на Северна Македонија

Претседателот на Атлантскиот Совет на Северна Македонија Исмет Рамадани ги оценува како исклучително важни и пораките „за партиите и граѓаните“, како што нагласува тој, кои произлегоа од медиумскиот и јавен интерес за ставовите на О’Брајан на прес конференцијата и од интервјуата на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија.

„Оваа порака се однесуваше на нас, односно на политичките субјекти, нагласувајки дека едната опција е јасна и конкретна за членство во ЕУ, тоа се однесува за владината коалиција, а другата опција е ветување која ќе биде смислена подоцна, а не е јасна за граѓаните, која лесно се толкува дека се однесува за ВМРО-ДПМНЕ како главна опозициска партија“, вели Рамадани за Рацин.мк.

Посебнио внимание за време на медиумските настани на самитот во Скопје пред два дена предизвика наводниот нон-пејпер испорачан до партиите на Албанците според кој тие ќе се обвразат да не коалициираат со партија што во следните шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени.

„Што се однесува за некаков најавен нон-пејпер, мислам дека не е важно од која кујна е продуцирана. Важно е да се знае дека нема шанси било која партија на Албанците да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ без цврсти гаранции дека на првата работна седница на Парламентот нема да се изгласат измените во уставот за вметнување и на бугарската заедница во преамбулата, како единствен услов да продолжат преговорите за членство во ЕУ. За било која партија на Албанците, мала или голема, без таков договор, за нив ќе биде политичко самоубиство. Познавајќи ги сите предводници на овие партии, кога се однесува за членството на Северна Македонија во ЕУ, такво нешто нема да се случи. Ова што го велам јас е посилно од секаков нон-пејпер. Секоја политичка опција која свесно или несвесно е под влијание на руско-српски и руско бугарски структури, за Албанците е оф-сајд!“, потенцира претседателот на Атлантскиот Совет на Северна Македонија.

Исмет Рамадани, претседател на Атлантскиот Совет на Северна Македонија, оценува дека средбата на лидерите на Западен Балкан во Скопје и високите претставници на ЕУ и САД, на која домаќин им беше премиерот Ковачевски, е уште едно признание за нашата земја.

„Факт е дека Северна Македонија е лидер во Западен Балкан во усогласување на своите политики со ЕУ и САД како стратешки партнер. Коректниот однос со сите земји од Западен Балкан придонесува сите нивни лидери да се чувствуваат комотно и да бидат креативни во усогласување на нивните ставови во однос на меѓусебната соработка. Треба да нагласиме дека претставниците од ЕУ и САД, како и што се очекуваше, ги дадоа нивните согледувања како да биде успешен Планот за раст за регионот, кој изнесува шест милијарди, и да се заклучи дека Самитот беше успешен. Впрочем тоа произлегува и од заедничката декларација“, истакнува Рамадани.

Претседателот на Атлантскиот Совет Исмет Рамадани како „индикативно“ го оценува и активното учество на високиот претставник на САД, Џејмс О’Брајан.

„Мислам дека тоа не е случајност, туку напротив. Тој дојде со точна задача да ги пренесе пораките на американската администрација дека сериозно се заинтересирани да успее интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ. Општо е познато, американците се лидери во однос на движењето на капиталот и сите добра за луѓето, се виде и од обраќањето на О’Брајан како јасно и недвосмислено ги објасни придобивките на соработка на овој план меѓу земјите на Западен Балкан и големиот пазар на ЕУ. Американците цврсто се убедени дека економската соработка прогресивно ги бустира и добрите политички односи кои придонесуваат за мир, безбедност и пристоен живот за граѓаните во регионот“, потенцира Рамадани.

Исмет Рамадани како „јасни и гласни“ ги толкува и другите политички пораки на  О’Брајан, од кои една беше дека „не смее никој од земјите од Западен Балкан да го попречува Планот за раст“.

Од ВМРО-ДПМНЕ сами се сместија меѓу чеканот и наковалната

Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа

За Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа, главната порака испратена од лидерската средба беше дека во рамките на трансатлантското партнерство има сериозен фокус на регионот и посветеност за негова европеизација и интеграција.

„Дополнително, испратената порака беше дека таквиот фокус треба да биде искористен за што поскора интеграција, односно за интеграција до 2030 година. Тука направениот притисок колку општо кон државите од регионот, беше направен или упатен и кон нивните граѓани“, истакнува Стојковски во преписката за оваа анализа.

Во однос на наводниот нон-пејпер, Стојковски вели дека формалното комуницирање меѓу политичките субјекти го познава како форма, дури и како некаков тип на искуство од минатото и дека може да биде некаков тип на предизборна платформа врз основа на која ќе комуницираат политичките субјекти пред изборите и потоа, односно на која ќе ја постават својата можна коалиција во иднина, но тој не очекува дека ќе дојде до тоа.

„Не очекувам дека ќе дојде до тоа затоа што потпишан нон-пејпер од сите „албански“ партии е загрозен одвнатре, од односите помеѓу партиите. Имено, потпишување од сите политички партии ќе значи дека ќе мораат да коалицираат со победникот, што за помалите политички партии ќе значи дека ќе останат во сенката на ДУИ. Не очекувам дека ќе одат со формализирање на платформата поради стравот дека ДУИ „ќе ги изеде“ или ќе им ја земе позицијата на посакуван партнер“, го објаснува својот став извршниот директор на Институтот Преспа.

Стојковски вели дека додека не знаеме како ќе излезат резултатите, но можна претпоставка е дека ДУИ може да биде доволна за мнозинство, или доволна за вклучување на албански партнер, доколку ВМРО-ДПМНЕ со Левица обезбеди мнозинство.

„Затоа“, вели Стојковски“, „не очекувам дека ќе дојде до тоа затоа што нема зошто другите помали политички партии од т.н. албанска опозиција да се изложуваат на таквото условување за нив самите. Нивните позиции, прозападни (ЕУ-САД-НАТО) ни се повеќе од јасни на сите“.

Стојковски наведува уште една причина поради која не очекува таков нон-пејпер затоа што ВМРО-ДПМНЕ нема да си дозволи да се обврзе јавно дека ќе коалицира со албански политички партии кои ќе ги условат на уставни промени.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да си дозволи да го стори тоа јавно пред изборите. Јавното обврзување пред изборите, ќе го чини ВМРО-ДПМНЕ победата или позиционирањето да направи влада по изборите. Нашето истражување покажа дека само околу 15% од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да гласаат за партијата ако таа јавно ги поддржи уставните измени. Тоа секако е многу мала бројка за да си дозволи раководството да влезе во таквата авантура“, објаснува извршниот директор на Институтот Преспа Андреја Стојковски.

Извор:Рацин.мк

Latest Posts

Не пропуштај