Последни написи

Констраспин: Богојески манипулира со стара вест и подбуцнува етнички тензии

Петар Богојески, во неуморната мисија со секојдневни „анализи“ на Фејсбук, го разгорува предизборниот пламен. Во неговата објава на социјалната мрежа споделува вест за планираното поврзување на Тетово и Призрен со тунел. Тој алудира дека ова е првиот чекор кон обединување на Голема Албанија, а трошокот ќе биде врз нас, „ѓаурите“. Во вистинското отсуство на транспарентност околу проектот вреден двесте милиони евра, информациската дупка се пополнува со евтини популистички идеи што имаат за цел да подбуцнуват и да креираат етнички конфликти

Пишува: Матеј Тројачанец

Претседателот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески, во објава на социјалната мрежа Фејсбук манипулира со фактите и ја спинува вистината, па со доза на потсмев вели:

Спин: МАЛ ЧЕКОР за голема Албанија,

ГОЛЕМ ТРОШОК за малите ѓаури!

Објавата е проследена со фотографија од вест со наслов: „Алсат – Со тунел од 200 милиони евра Тетово ќе се поврзе со Призрен!?“ и мапа од областа на двата града. Веста е пласирана пред пет месеци на порталот Експрес, а истата е оригинално објавена од телевизијата Алсат. Планираниот пат треба да ги поврзе двата града со тунел долг 6,4 километри што ќе оди низ Шар Планина.

Контраспин: Со оваа објава на Фејсбук лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески се обидува да креира перцепција во јавноста дека овој проект претставува само прв чекор во остварувањето на поголемиот проект на „Голема Албанија“.

Но, зошто токму сега Богојески ја споделува оваа стара вест – од август 2023 година? Тоа е најверојатно затоа што пред неколку дена беше потпишан договорот за кофинансирање, планирање и изградба на тунелот на новиот патен правец. Договорот го потпишаа заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу.

Неоспорен факт е дека од релевантните институции воопшто нема информации ниту за буџетите, ниту за роковите на проектот, ни за тоа кој ќе биде носителот на изведбата, дали ќе биде целосно или делумно финансиран од државата, или од европски проекти. Затоа и се отвора простор овој информациски вакум да се полни со евтини политички спинови.

Празна критика со лош нишан

Како што пишува Мета, во недостиг на конкретни информации, двете држави одвреме-навреме „слават“ разни одобрувања на процедури. А, прашање е кога навистина ќе почне изградбата на оваа делница. Па имаме ситуација во која, од една страна косовскиот премиер Курти ги повикува нашите институции да не доцнат со проектот. Од друга страна, Ковачевски изјави дека поврзувањето на Призрен со Тетово не е приоритет и дека фокусот е на патните коридори 8 и 10д.

Инаку, овој проект на Али Ахмети во изминативе тринаесет години никако да киниса. Според анализите на Порталб, проектот е децениски неисполнето ветување на ДУИ. Во август минатата година, по барање на Курти, самиот Ахмети беше тој што се сретна со косовскиот министер Алиу да зборуваат конкретно за ова прашање. А, претходната недела, симболички заменик-министерот Реџепи го потпиша Договорот за кофинансирање за проектирање за изградба на тунелот на новиот патен правец Тетово – Призрен (иако и актуелниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, беше на средбата со делегацијата на Косово). Што, всушност, беше одлична прилика да се претстави дека „се работи“ на проектот, иако на терен нема никакви чекори во насока на неговата реализација.

Вреди да се спомене и тоа дека според физибилити студијата направена во 2013 година, како што пишува Порталб, од шесте понудени опции, избрана е најскапата. Па, имајќи ги предвид сите проблеми со кои се соочува државата при изградба на инфраструктурни проекти, се поставува прашањето зошто е одбрана баш најскапата?

Исто така и покрај тоа што и двете страни дадоа „амин“ за започнување на изградбата, сепак останува фактот што Ковачевски кажа децидно дека овој проект не е приоритет за Владата. Што остава простор за сомнеж дека и во овој изборен циклус, односно оваа изборна кампања, ќе има само празни ветувања? Или можеби, доколку се смени владејачката коалиција, ќе се сменат и приоритетите?

За одбележување е и тоа што пред повеќе од една недела Ахмети изрази незадоволство од мешањето на Курти во македонската политичка сцена. Реакцијата на лидерот на ДУИ е испровоцирана од активностите на Курти поврзани со неговата партија и влијанието во албанскиот политички блок. Ова дополнително го става под знак прашалник овој скап инфраструктурен проект.

Горенаведените информации се битни за да може да се добие вистинска – реална слика за целиот проект. А реалноста е дека за остварувањето на овој проект имаме различни тонови внатре во коалицијата на власт. Дека се избира најскапото решение, без да се образложи зошто. Дека отсуствува транспарентност околу проектот вреден двесте милиони евра, дека овој проект веќе во неколку изборни кампањи ДУИ го користи како мамка да се навлечат гласачите. Дека косовскиот премиер директно се вмешува во македонската политика, со што ги лути своите партнери со кои треба да го реализира овој проект. Дека повторно се доведува до прашање дали воопшто ќе почне овој проект, иако се потпишаа договорите за соработка…

Како што може да се  види, има многу работи кои може да ги критикуваме. Но, дури и ако сериозно ја сфатиме критиката за инцидентите со картата на т.н. „Голема Албанија“, и фарсичните изјави од градоначалникот на Тетово, Билал Касами, како одговор на прекршочните пријави поради пречекот на Курти на кој изостанаа државното знаме и химна, проектот за изградба на новиот патен правец Тетово – Призрен, нема никаква поврзаност со анахроните идеи за “Голема Албанија”.

Ваквите манипулации и спинувања на Богојески се опасна провокација и сосема непотребно создавање на етнички тензии во пресрет на парламентарните избори. Тие, во крајна линија, ги разводнуваат конструктивните критики во јавноста за тоа дека работите на проектот со години не се придвижуваат од „мртвата точка“.

Извор: Вистиномер.мк

Latest Posts

Не пропуштај