Последни написи

Тензиите низ светот ескалираат, дали сме на работ на трета светска војна?

Последните случувања на Блискиот исток со ракетниот напад на Иран врз пограничната област во Пакистан само ги зголеми стравувањата дека ескалациите на конфликтите низ светот од крајот на 2023 година, кои продолжуваат со несмален интензитет и на почетокот на 2024 година, може да доведат до почеток на трета светска војна.

Тензии на Блискиот Исток: Израел, Палестина, Хамас, Иран, Хезболах, јеменските Хути

Пакистан е третата земја, по Ирак и Сирија, погодена од ирански напад во последните неколку дена.

Иран доцна во понеделникот изврши балистички ракетни напади врз цели во северниот ирачки град Ирбил, што предизвика осуда од САД.

Иранските напади доаѓаат во време на засилени тензии низ Блискиот Исток откако на 7 октомври започна војната во Појасот Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас поддржана од Иран.

Иран изјави дека не сака да се вклучи во поширок конфликт, но групите во неговата таканаречена „оска на отпорот“ вршат напади врз Израел и неговите сојузници за да покажат солидарност со Палестинците.

Либанското движење Хезболах размени прекуграничен оган со израелските сили; Шиитските милиции лансираа беспилотни летала и проектили врз американските сили во Ирак и Сирија; и јеменските бунтовници Хути нападнаа бродови во Црвеното Море.

Израел, наводно, извршил напади во кои е убиен лидер на Хамас во Либан и командант на Револуционерната гарда во Сирија, додека САД убиле водач на ирачката милиција во воздушен напад во Ирак и бомбардирале цели на Хутите во Јемен.

Засилени тензии низ Блискиот Исток  се само дел од конфликтите и тензиите кои секојдневно се шират во повеќе региони низ светот заради што скептиците велат дека светот е на работ на трета светска војна.

Руската агресија врз Украина и заканите кон балтичките земји – членки на НАТО

Веќе втора година трае руската воена агресија врз Украина и интензивните борби на линиите на фронтот на истокот на Земјата. Акцијата за време на зимата забавија и двете земји секојдневно обезбедуваат минорни победи и порази на фронтот, додека Русија не престанува со ракетниот терор врз украинските градови. Иако со почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври на светот се префрли на новиот конфликт, вооружената руска агресија врз Украина продолжува да биде главната невралгична точка во Европа и светот која се заканува да прерасне во вооружен конфликт со несогледиви размери, особено откако последните индиции наведуват на тоа дека по Украина, како што претходно објави Цивил Медиа, следните цели на Русија би можеле да бидат Молдавија и балтичките земји, Литванија, Летонија и Естонија, и, дека рускиот диктатор, сега се заканува и на Финска, по нејзинито пристапување во НАТО. Секако, особена тежина на овој конфликт му дава и отворената руска закана за употреба на атомско оружје.

Тензиите на релација Белград – Приштина: Можен вооружен конфликт во срцето на Европа

Долготрајниот непријателство меѓу Србија и Косово прерасна во отворено непријателство во северно Косово во последниве месеци од 2023 година. Северно Косово, кое граничи со Србија, има етничко српско мнозинство, додека целата земја е околу 93% етнички Албанци. Официјален Белград не го признава својот сосед како независна држава.

Клучна пресвртна точка беа локалните избори во пролетта на кои етничките Албанци беа избрани во голем број општини во северно Косово. Резултатите предизвикаа гнев кај етничката српска заедница во регионот, која ги бојкотираше гласањата, велејќи дека нивните барања за поголема автономија не се исполнети.

Тензиите ескалираа во текот на летото и избувнаа кон крајот на септември по престрелката меѓу силно вооружената група етнички Срби и косовските специјални полициски сили во северното косовско село Бањска, во која беа убиени еден полицаец и тројца вооружени лица.

На 24 септември вооружени српски паравоени сили нападнаа полициска патрола во близина на селото Бањска во северниот дел на Косово, при што уби еден полицаец. Вооружените напаѓачи потоа побегнале во манастир во близина на косовско-српската граница, каде полициските сили се вклучиле со нив во престрелка. Убиени се тројца вооружени Срби; останатите или биле уапсени или успеале да побегнат. Тоа беше една од најлошите епизоди на насилство во земјата од крајот на војната во Косово во 1999 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „теророт“ на косовската влада го натерал српското малцинство во северниот дел на земјата на „востание“. Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека финансиски и логистички ги поддржува групите на „организираниот криминал“ кои ја напаѓаат неговата земја – нешто што Белград го негираше.

Тензиите на релација Белград -Приштина продолжија да раснат и во 2024 година, откако двете страни почнаа засилено да се вооружуваат зголемувајќи ја можноста тензиите да прераснат во вооружен конфликт.

 Венецуела-Гвајана: Кризата во Есекибо

Додека Соединетите Држави продолжуваат да се справуваат со конфликти во различни делови на светот, американскиот регион не е толку безбеден како што мисли. Јужноамериканската безбедносна динамика се најде во криза бидејќи венецуелскиот претседател Николас Мадуро сигнализираше дека ја разгледува опцијата да ја нападне соседна Гвајана поради спорниот регион Есекибо. Освен историските тврдења на двете нации, регионот Есекибо има значајни резерви на нафта што воведе бран на развој во сиромашната нација Гвајана.

Народот на Венецуела е неизмерно емотивен за регионот Есекибо, кој го сметаат за неправедно одземен од нив. Николас Мадуро, кој е на избори во 2024 година, сака да ја искористи оваа емоција и одржа референдум за ова прашање во декември. Референдумот го вклучи алармот во другите јужноамерикански земји бидејќи може да му даде оправдување на Мадуро да ја нападне Гвајана.

Армиите на Гвајана и Бразил останаа во режим на готовност повеќе недели бидејќи Николас Мадуро е добро познат по своите очајни мерки. По некои размислувања, претседателите на двете нации одлучија да избегнат употреба на сила едни против други, но прашањето останува чувствително бидејќи Николас Мадуро ги предупреди компаниите од Гвајана да го напуштат спорниот регион Есекибо во рок од три месеци.

Кина-Тајван:Тензиите во тајванскиот теснец

Во текот на изминатата година, Пекинг го засили воениот притисок врз Тајван, притоа заканувајќи се со целосна инвазија. Кина испраќа бродови и авиони да го опколат Тајван и организира пософистицирани воени вежби кои симулираат блокада на островот. Во септември, тајванското Министерство за одбрана изброи рекорден број кинески борбени авиони – поточно 103 воени авиони – кои летаа во воздушниот простор околу Тајван за само еден ден.

Тезиите особено се зголемија на почетокот на оваа година по изборите во Тајван и победата на Вилијам Лаи (Лаи Чинг-те) од Демократската прогресивна партија (ДПП) и поранешен потпретседател на Тајван, кандидат кој не и одговара на Кина, што ја продлабочува вознемиреноста на Пекинг за неговата способност да го стави Тајван под своја контрола, долгогодишна цел на владејачката Комунистичка партија и клучен дел од наследството на кинескиот лидер Си Џинпинг. Пекинг долго време го сметаше самоуправниот Тајван како дел од Кина и се закани дека ќе го принуди да се „обедини“ со копното.

Тензии во Западна африка, пучот во Нигер и фармите на тролови на Вагнер

Лидерите на Западноафриканските држави  собрани во регионалниот блок EКОВАС се согласиле да се соберат воени сили „во подготвеност“, откако, по истекување на ултиматумот, Хунтата во Нигер не го ослободи соборениот демократски избран претседател Мохамед Базум, зголемувајќи го притисокот врз високите армиски офицери кои го соборија демократски избраниот лидер на Нигер, но оставајќи ја вратата отворена за дипломатско решение. Истовремено, пушистите во Нигер им дадоа овластувања на вооружените сили на Мали и Буркина Фасо да интервенираат на нејзина територија во случај на напад врз земјата, зголемувајчи ги можностите за избувнување на поширок воен судир во регионот на Западна Африка. Водачите на државниот удар во Нигер го посетуваат Мали, каде што се стационирани војниците на Вагнер, повикаа на помош од руските платеници, во случај на воена интервенција на соседните земји членки на ЕКОВАС. На немирите вим предходеа активностите на фармите за тролови управувани од Вагнер кои честопати се обидуваа да поттикнат антифранцуско расположение во регионот, со вооружените платеници кои обезбедуваат безбедност и обука за локалните воени хунти, искористувајќи го разгорениот народниот гнев против Франција, поранешна колонијална сила за која критичарите велат дека никогаш навистина не ги напуштила своите поранешни имоти.

И секако, Северна Кореја и Ким Џонг Ун

Во ноември, Северна Кореја целосно го суспендираше петгодишниот воен договор со Југот, чија цел беше намалување на воените тензии. Вети дека ќе ги повлече сите мерки „преземени за да се спречи воен конфликт во сите сфери, вклучително и копно, море и воздух“, и рече дека ќе распореди повеќе сили во пограничниот регион.

Југот делумно го суспендираше договорот неколку дена претходно, откако Ким тврдеше дека успешно лансирал шпионски сателит во вселената. Оттогаш, реториката – и провокативните акции – од Северот само ескалираа.

На состаноците за политиката на крајот на годината, Ким рече дека треба „одново да го формулира“ ставот на Северот кон меѓукорејските односи и политиката за повторно обединување, додавајќи дека наведената цел е „да се направи одлучувачка промена на политиката“ поврзана со „непријателот“.

Тој, исто така, се закани со нуклеарен напад на југот и повика на зголемување на воениот арсенал на неговата земја.

Северот, исто така, лансираше проектили во последниве недели, како и вежби со жив оган блиску до јужнокорејската територија.

Во извештајот објавен минатата недела за 38 North, организација со седиште во САД со фокус на Северна Кореја, поранешниот функционер на Стејт департментот Роберт Карлин и нуклеарниот научник Зигфрид С Хекер рекоа дека ја гледаат ситуацијата на Корејскиот Полуостров како „поопасна отколку што била некогаш досега“ од почетокот на Корејската војна во 1950 година.

Секако, во ваквата констелација неизбежен е „рускиот зачин“ на тензиите на Корејскиот полуостров. откако двете земји, изолирани од западните сили,  неодамна ги зајакнаа врските, откако минатиот септември  Ким ја посети Русија каде се сретна со Путин, и активно придонесува во руската агресија врз ушраина каде руските агресори во нападите врз украинските градови користат северно корејски ракети.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај