Последни написи

Со европски пари и пренамена на буџетски средства до поразвиени општини: Реализирани над 1800 проекти преку ИПА фондовите

Вкупно 1855 проекти биле реализирани во земјава од 2007-та година досега, со финансиска поддршка од Европската унија.

Унијата преку ИПА фондовите за оваа намена има издвоено над 812 милиони евра. Од нив,  34,2 проценти се наменети за општински проекти, а останатите за проекти на национално ниво – покажуваат податоците кои од Секретаријатот за европски прашања ги споделија за ММС.

Податоците говорат дека најмногу проекти (922) се реализирани во секторот „Образование, вработување и социјални политики“, но највеќе пари сепак се слеале во областа на транспортот. Токму таму се инвестирани над 223 милиони евра, што го прави транспортот сектор кој предничи во однос на останатите шест.

Веднаш по него е заштитата на животната средина, сектор во кој се инвестирани повеќе од 122 милиони евра, а 121 милион евра чинеле проектите за демократија и владеење.

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во државава и на нејзиниот пристапен процес, а гледано по региони, највеќе пари преку него се слеале во Вардарскиот регион.

По него следуваат Пелагонискиот и скопскиот регион – информираат од СЕП.

Од Секретаријатот во кусата изјава за ММС, велат дека ИПА програмата е од големо значење за граѓаните, бидејќи овозможува и општините да реализираат повеќе проекти.

Користењето на ИПА фондовите клучно за забрзување на реформите и регионалниот развој – смета Маричиќ

Инаку, средствата кои се инвестираат овде доаѓаат од сите членки на Унијата, со што проектите всушност се реализираат со пари кои во фондовите се влеваат директно од плаќањето на даноците во ЕУ.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој е и национален координатор ИПА координатор, смета дека со помош и соработка на сите земји членки, државава може да се трансформира во поубаво место за живвеење, но сепак, сѐ зависи од нашите капацитети.

Фото: Архива / СЕП

„Граѓаните на земјите членки на ЕУ со тоа покажуваат за степенот на свест и желба за придонес кон земјите кандидати за влез во Европската Унија. Одговорноста и детерминираноста која ја покажуваат нашите европски стратешки партнери треба да се сфатат сериозно. Преземањето одговорност од наша страна е и еден од најважните чекори за успешна реализација на евроинтегративниот процес, а тој се реализира преку свесно превземање на обврските и фокусирана работа од наша страна“, истакна Маричиќ.

Инвестирани над 14 милиони евра за подобрување на патната и комуналната инфраструктура

На значењето на поддршката од ЕУ не само преку финансии, туку и преку експертиза, укажа и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Во едно од неодамнешните јавни обраќања, тој порача дека унапредувањето на системот на локалната самоуправа е директно поврзан со интегрирањето на европските стандарди за одржлив социо-економски развој.

„Во претстојниот процес на интегрирање во Европската Унија улогата на локалните власти станува сè поголема. Во услови на децентрализиран систем на управување на локално ниво ќе се имплементираат голем број закони, кои ќе инсистираат на повисоки стандарди на услуги, како, на пример, во областа на животната средина, во управувањето со отпадот. Општините ќе треба да покажат и поголема капацитетност во апсорпцијата на ИПА-средствата од Европската Унија“, посочи министерот Пенов.

Тој ја истакна и поддршката на општините преку буџетските развојни програми во чии рамки на годишно ниво се финансираат проекти за подобрување на комуналната, патната и социјалната инфраструктура.

 

Според податоците за 2023 година, Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој преку буџетските програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите финансирале 135 проекти во општините и во планските региони.

Практично, на овој начин се инвестирани 850 милиони денари или над 14 милиони евра за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, за опремување на комуналните јавни претпријатија, управување со отпад, регулација на речни корита и други приоритетни прашања за граѓаните.

Пренамена на буџетски средства за реализација на општински проекти

Во претстојниот период најголем дел од општините низ целата држава треба да реализираат нови проекти, меѓу кои и изградбана нови спортски објекти, здравствени, но и образовни институции. Ова го предвидува одлуката која ја донесе Владата на седница на крајот од изминатата година.

Имено, Владата одлучи да пренамени буџетски средства во износ од две милијарди денари за реализација на 66 проекти во повеќе општини меѓу кои Град Скопје,  Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.

Од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово. Со средства од Министерството за образование и наука  пак, ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.

Ќе се градат и нови градинки со средства од Министерството за труд и социјална политика кое меѓу другото, со износ од 60 милиони денари ќе ја поддржи изградбата на нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на ЈОУДГ „Росица“ во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.

В. Ми

Извор: МакедонскиМедиаСервис.мк

Latest Posts

Не пропуштај