Последни написи

Колку ЕУ може да ја промени Македонија

Како сите стравувања што ги имаа Хрватите околу јазикот, националните интереси, идентитетските посебности, економската колонизација исчезнаа со приемот на Хрватска во ЕУ.

Пишува: Ерол Ризаов

Само уште неколкумина последни медиумски Мохиканци се бават со темата колку преговорите со Брисел и членството во ЕУ можеше, и се уште може да ја промени Македонија, и колкави и какви штети се нанесени на граѓаните што тоа не се случи досега. Виновниците за оваа катастрофална стратегиска грешка успеваат и натаму да мобилизираат следбеници за спасување на државата од домашни и странски непријатели, иако се повидлива станува големата измама за наводната  опасност од изгубениот идентитет и асимилација на македонскиот народ.

Толку голема зла крв, омраза и примитивизам е внесена во лагата за изгубените идентитетски посебности на Македонците, за опасноста од географската додавка „северна“ во името на државата, за загубата на јазикот, на историското минато, што уште долги години ќе остане во колективното помнење како „продон псеудос “, татко на сите лаги, која кога еднаш ќе се искаже мора постојано да се лаже, дури и кога станува очигледно што во изминатите 32 години ништо не е променето од идентитетските обележја на македонскиот народ. Напротив, тие се зајакнати до степен кога стануваат пречка на патот кон целосно граѓанско општество, што заедно со членството во ЕУ и во НАТО е главниот предуслов за изградба на современо демократско и просперитетно европско општество. Поточно, лагите за предавство и за загубените национални интереси ќе потраат до конечното членство на Македонија во ЕУ. Потоа ќе се бавиме со други лаги и проблеми на едно друго ниво. Се разбира, ако до тоа дојде.

Деновиве имав прилика повторно  да го прочитам брилијантниот текст на професорот на Факултетот за политички науки во Загреб Дејан Јовиќ што беше објавен уште во јули лани, на десетгодишнината од одбележувањето на членството на Хрватска во ЕУ. Текстот има над 10 страници со наслов „Колку ЕУ ја промени Хрватска“. Вчудоневидувачки се сличностите што ги имаат сите западнобалкански држави на патот кон членство во ЕУ. Но, сличностите се толку очевидни што наместо Хрватска на многу места во текстот може да се замени со Македонија. Еден од главните заклучоци на оваа извонредна анализа е дека  ништо не функционира толку ефективно проевропски како влезот во ЕУ. Сите стравувања што ги имаа Хрватите околу јазикот и националните интереси, посебноста, идентитетот, економската колонизација со приемот во ЕУ исчезнаа. Но, ништо не разгорува антиевропско расположение толку многу како бесконечното чекање.

И Хрватите голтнаа жаби

Во Хрватска, пишува Јовиќ, денес на членството во ЕУ се гледа како на правилна одлука, за која, сепак, беше потребно да се „проголтаат“ голем број „жаби“. Една од нив беше непопуларното прифаќање на меѓународната арбитража со Словенија, што го блокираше завршувањето на преговорите десет месеци во 2008 и 2009 година. Хрватска ја прифати арбитражата затоа што мораше, а потоа ја искористи првата можност да излезе од неа.

Ве потсетува ли ова на нешто. На пример за нашите голтнати жаби со договорите со соседите, секако да, но за можноста откако ќе се влезе во ЕУ што може да се промени, никој ништо не спомнува. Дали работите можат да се променат полесно од позиција на членка на ЕУ, или како партиско ветување дека откако ќе се дојде на власт ќе се направат подобри договори со соседите и ќе се промени преговарачката рамка која ја усвоила Европа. Ваква ујдурма со опашка уште ги држи подгреани заробените умови.

Во Хрватска се вели дека со влезот во НАТО и во ЕУ, земјата ја постигнала својата последна голема цел. Но, поради скептицизмот на тогашниот претседател Фрањо Туѓман кон ЕУ, која ја сметаше за премногу слична на Југославија и премногу либерална, и поради недоволната соработка со Хашкиот суд и со самата ЕУ – дојде до застој. Поради зголемениот авторитаризам во земјата, поради прекумерниот национализам во непосредните години по војната, а потоа и поради отфрлањето на регионалната соработка и отфрлањето на терминот „Западен Балкан“, Хрватска не успеа да влезе во Унијата не само со десетте земји кои ѝ се приклучија во 2004 година, туку и со Бугарија и Романија во 2007 година. Ова беше особено лошо примено во Хрватска. Многу Хрвати од високо гледаа на тие две земји (иако не знаеја многу за нив), сметајќи дека е неправедно што ја „прескокнаа“ Хрватска. На почетокот на оваа година – кога влезе во Шенген зоната, а Романија и Бугарија не – се врати чувството дека е вратено „мило за драго“.

Што да се каже на ова гледано од македонски аспект. Претседателот Туѓман со својот скептицизам и нараснатиот национализам го одложил влезот во ЕУ и во НАТО на Хрватска за речиси десет години. Наместо во 2004, Хрватска влезе во 2013 година во ЕУ, а во НАТО 2008 година. Прашањето ми е колку го одложија приемот на Македонија скептицизмот на Никола Груевски и на целиот тогашен и сегашен актуелен врв на ВМРО ДПМНЕ, секако  и на нивниот претседател на државата Ѓорге Иванов, на катастрофалната антикоманија и  прогласување на Александар Македонски за татко на нацијата.

Што да се каже за бесмислената маргинализација на словенското потекло што во ерата на режимот на Груевски се сметаше за навреда да се зборува за некакво словенско потекло на Македонците и на македонскиот јазик. Со тоа, Македонија не само што изгуби многу влијателни  пријатели во светот, туку плати и прескапа цена за кичерајскиот задоцнет барок и рококо, градејќи грди зданија и споменици кои служат за потсмев во светот.

Како се препознава чинот на предавство

Главните медиуми во Хрватска потенцираа дека десетгодишното членство во ЕУ било многу успешно. Само од 2020 до 2026 година Хрватска  добила – или треба да добие – повеќе од 20 милијарди евра неповратна финансиска поддршка од европските фондови. Тоа е 36 отсто од нејзиниот БДП во 2019 година. Пред десет години хрватскиот бруто домашен производ по жител беше 59, а сега е 73 отсто од просекот на целата Унија.

Дури 70 отсто од јавните инвестиции во Хрватска се финансираат со пари од европските фондови, а земјата од ЕУ добила 10,7 милијарди евра повеќе отколку што ѝ платила на Европската унија во овие десет години.

Latest Posts

Не пропуштај