More

    Претседателски избори во Тајван: Соочување со реалноста по демократската прогресивна победа

    Новоизбраниот тајвански претседател Вилијам Лаи (Лаи Чинг-те) од Демократската прогресивна партија (ДПП) и претседателот на Тајван, Цаи Ингвен, ја поздравија поддршката на САД и Делегацијата која од Вашингтон пристигна вчера.

    Ова е трет мандат на ДПП, додека Хуо Ју –Их од националистичката партија Куоминтанг го призна поразот со освоени 33, 5 отсто гласови.

    Уште една победа на ДПП, поддршката на САД и ветувањето на Лаи Чинг-те за држење на Кина под контрола, на Пекинг само му остави простор да ги нападне сите оние што му честитаа на Тајван. Кинеското Министерство за надворешни работи го осуди американскиот државен секретар Антони Блинкен за честитањето на победата на Лаи и додавајќи дека основен факт е дека Тајван е дел од Кина и тоа нема да се промени.

    Официјален Тајван ја оцени изјавата на кинеското МНР како „целосно неконзистентна со меѓународното разбирање и актуелната ситуација меѓу теснецот“.

    „Тоа е спротивно на очекувањата на глобалните демократски заедници и е спротивно на волјата на народот на Тајван да ги поддржува демократските вредности. Таквите клишеа не вредат да се побијат“, пренесе Ал Џезеира.

    САД формално одржува дипломатски релации со Кина, а истовремено со закон бара поддршка за Тајван, спротивставувајќи се на било како обид со сила да се промени „статус кво“ позицијата на Тајван.

    Последен пат американска делегација го посети Тајван веднаш по изборите во 2016 година, откако Цаи првпат беше избран за претседател. Во тоа време, Пекинг ја одби понудата за разговори и ги прекина сите комуникации на високо ниво со островот. Од тогаш Пекинг испрати борбени авиони и морнарички бродови на небото и водите околу островот и ги охрабри неколкуте преостанати формални сојузници на Тајван да ја сменат страната.

    Соочување со реалноста на демократската победа на Лаи

    По победата, Лаи рече дека се надева на враќање на „здрава и уредна“ размена со Кина и ја повтори желбата за разговори врз основа на достоинство и еднаквост. Иако Лаи победи на изборите, ДПП го загуби своето мнозинство во законодавниот дом, завршувајќи со едно место помалку од КМТ. Со оглед на тоа што ниту едната ниту другата партија нема мнозинство, релативно новата Тајванска народна партија, освои осум од 113 места.

    Оценувајќи ја постизборната состојба во Тајван, Рејмонт Куо (инаугуративен директор на Тајванската политичка иницијатива и виш политиколог во корпорацијата RAND, експерт за меѓународна безбедност, меѓународниот поредок и Источна Азија) за Journal of Democracy, предвидува влошување на односите меѓу Тајван и Кина, на сметка на победата на демократијата.

    „Пекинг најверојатно ќе го зголеми географскиот опсег, обемот и зачестеноста на своите принудни операции за да ја намали подготвеноста на тајванската војска, да ја деморализира јавноста и да го изолира Тајван на меѓународно ниво. Кина неодамна ги зголеми тарифите за некои тајвански производи и најверојатно ќе ги прошири овие санкции во следната прилика со цел да ја поткопа поддршката на ДПП во одредени области, особено оние на југот (традиционалната база за поддршка на ДПП) и оние што се потпираат на земјоделски извоз“, смета Куо.

    Сепак, заклучува Куо, изборите во 2024 година ја истакнаа зголемената политичка важност на тајванската самоидентификација, што ги ограничува политиките на сите партии кон копното. Центарот за изборни студии на Националниот универзитет Ченгчи откри дека мнозинството Тајванци сега се идентификуваат како „само Тајванци“ и тесно ја поврзуваат таа идентификација со (негативните) погледи на Кина.

    „Мнозинството Тајванци претпочитаат одржување на статус кво, што ги ограничува сите потези кон независност. Лаи постојано се придржуваше до формулата на Цаи дека Тајван е веќе независна земја: затоа не е потребна формална декларација, и секоја таква декларација прво треба да расчисти со јавен референдум (кој не е предложен). Што е уште поважно, Кина се закани со жестоки воени репресалии доколку Тајван направи таков потег, што дополнително ќе ја одврати секоја декларација. Сепак, изборните резултати ја покажуваат намалената привлечност за обединување во Тајван, бидејќи островот продолжува да негува посебен политички идентитет и култура. Ова само ќе ја зголеми фрустрацијата на Пекинг“, објаснува Куо.

    До инаугурацијата на Лаи во мај, останува доволно време да се зголемат тензиите меѓу Тајван и Кина. Лаи, па и ДПП избегнуваат формализирање на суверенитетот на Тајван. Лаи во своите изјави вели дека Тајван е веќе суверена држава, а ДПП како партија останува да ги гради своите одбранбени позиции и да ги јакне меѓународните релации со САД и неговите сојузници.

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version