More

    Две милијарди евра за европеизација на земјата, а ВМРО-ДПМНЕ се фемка, чекале подобра прилика

    За само три години, речиси едната милијарда од 2007 до денес, ќе биде удвоена и ќе достигне 2 милијарди за поддршка на европеизацијата на земјата. Тоа е инвестицијата на ЕУ во нашата земја затоа што во проекциите за проширување Северна Македонија е важна точка во геостратегијата на унијата. Ако не го запреме процесот на преговори.

    Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

    Со оглед на тоа колку средства се влезени досега преку ИПА фондовите од 2007 година, повеќе од 800 милиони евра во сите сектори и сите региони низ Северна Македонија, можеме најодговорно да тврдиме дека Европската Унија има потреба од нашето присуство во унијата, истакна, меѓу другото заменик претседателот на Владата одговорен за европски прашања Бојан Маричиќ на панел дискусијата тема „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“.

    Поточно, до август минатата година, во нашата земја се слеани точно 812 милиони и 457 илјади и 807 евра и 62 центи. До април 2024 година, кога е предвидено да „легнат“ првите 100 милиони евра за макрофинансиска поддршка од Планот за раст, оваа сума продолжува брзо да се приближува до една милијарда евра.

    Со тоа, со други зборови, политичката и финансиска инвестиција на ЕУ во Северна Македонија говори дека Европската унија има потреба и сака да ја види нашата земја во европското семејство. Зошто инаку би трошела пари на Северна Македонија кои до 2027 година ќе бидат зголемени за уште цела една милијарда евра, според Планот за економски раст за регионот за кој се наменети 6 милијарди евра?!?

    За само три години, речиси едната милијарда од 2007 до денес, ќе биде удвоена и ќе достигне 2 милијарди за поддршка на европеизацијата на земјата.

    Со Планот за раст дури шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан, создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, за удвојување на моќта на економиите и за намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.

    Ова се дел од целите на амбициозниот, но комплексен План за раст што на 8 ноември го презентираше Европската комисија (ЕК). Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а Северна Македонија очекува од шесте, да ѝ бидат на располагање една милијарда евра.

    Од вкупната сума за регионот, предвидено е две милијарди да бидат дадени како неповратни средства, а останатите четири како поволни заеми.

    Со комбинирање на новите средства од Планот за раст на Западниот Балкан со веќе програмираните и достапни средства од третата фаза на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и тековните инвестиции низ Инвестициската рамка за Западен Балкан, се создава безмалку идентична алокација на помош по глава – жител како што е просекот во ЕУ. На овој начин Унијата изразува решителна солидарност со нашиот регион како одговор на оправданите повици за намалување на социо-економскиот јаз и диспаритети преку создавање на можности за посилна социо-економска конвергенција.

    Што подразбира европеизацијата на земјата? Овој процес, европеизацијата, е всушност постигнување на стандардите на ЕУ на земјите кандидати за членство за време на пристапниот процес и тој во Северна Македонија се спроведува преку ИПА средствата распределени во сите плански региони.

    Според севкупната досегашна статистика, на национално ниво, за оваа цел досега се искористени 812.457.807,62 евра за 1855 проекти и тоа: за Демократија и добро владеење 121.301.463,00 € за 332 проекти; за Владеење на правото и основни права 85.300.849,00 € за 104 проекти; за Конкурентност и иновативност 102.834.027,00 € за 163 проекти; за Земјоделство и рурален развој 60.571.555,00 € за 188 проекти; за Образование, вработување и социјални политики 97.265.366,00 € за 922 проекти; за Заштита на животна средина и климатска акција 122.181.575,00 € за 92 проекти и за Транспорт 223.002.970,00 € за 54 проекти.

    Тоа се, всушност, 1855 проекти за европеизација на земјата, односно за приближување до стандардите на ЕУ. Тоа е инвестицијата на ЕУ во нашата земја затоа што во проекциите за проширување Северна Македонија е важна точка во геостратегијата на унијата.

    Кога би си играле со јазикот од филмовите можеме да парафразираме една реплика од „Среќна Нова ‘49“: Исток прво нѐ отпиша, сега пак сака да нѐ запише, а Запад сака да нѐ запише, ама ВМРО-ДПМНЕ се фемка и чека подобра прилика.

    Затоа, нека ни е среќна 2024 година. Нека биде година на изнаоѓање на политички консензус и продолжување на евроинтеграцијата.

    Со продолжување на европскиот пат ќе добиеме пристап кон нови европски фондови и кон отворање на поглавјата кои ќе ни донесат реформи по европски стандарди. Тоа се стандардите што се во интерес на сите граѓани кои ќе ни помогнат да дојдеме до целта да бидеме заедно и еднакви со другите во Европската Унија.

    Извор: Рацин.мк

    Exit mobile version