More

    Стојкоски: Повиците за земја до 3 ха се одлична мерка на МЗШВ за земјоделците, интересот е голем

    Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство распиша четири јавни повици за добивање по закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари, рапоредени во 34 региони во 878 катастерски општини. Преку овие четири повици се опфаќа земјоделското земјиште во сите села низ државата, односно повикот опфаќа површини вон градско подрачје.

    -Една од целите која ја зацртав на самиот почеток на мандатот беше земјата да дојде во рацете на вистинските земјоделци. Изминатиов период објавивме неколку повици и огласи за земја, склучивме илјадници договори, имавме благодарни земјоделци на кои им решивме децениски проблем со земја која немаше правен статус, а како држава ефектот беше намалување на земјоделските површини кои не се обработуваа со години. Последниве 4 јавни повици за земја до 3 ха наиде на одличен прием кај земјоделците уште првиот ден од објавата што е уште една потврда дека носиме добри мерки кои се во интерес на земјоделските производители и на вкупниот македонски аграр – изјави за Бриф, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

    Јавните повици за земја до 3 ха наидоа на одличен прием кај земјоделските производители кои веќе користат земјоделски површини за кои немаа договори поради правни проблеми. Со овие повици им се овозможува да ги регулираат површините, а за државата тоа значи системско решавање и евиденција на обработливото земјоделско земјиште.

    -Повиците се за поздравување, доста земјоделци кои ја обработуваа земјата без договори, сега можат да се пријават и да работат легално. Исто така и други земјоделци на кои им треба земја, имаат замислено нешто да произведуваат сега можат да се пријават и да си добијат земја. Овие повици се одлични за помалите земјоделски производители, потенцира Петре Стојковски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

    Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост се: Подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии, за период до 30 години; подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години; подигање на маслинарници за период до 50 години; одгледување на други земјоделски култури и за поставување на пчелни семејства за период до 15 години; ливади за период до 15 години; за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа нанадморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години и рибници до 20 години.

    Јавниот повик бр.01/23 опфаќа 11 региони (Гостивар, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Кисела Вода и Чаир), со објавени 246 катастерски општини.

    Кај вториот Јавен повик бр.02/23 опфатени се 10 региони (Берово, Пехчево, Битола, Македонски Брод, Валандово, Виница, Гевгелија, Прилеп, Штип и Велес), со објавени 206 катастерски општини.

    Јавениот повик бр.03/23 опфаќа 13 региони (Делчево, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Крушево, Кратово, Кавадарци, Росоман, Неготино, Струмица, Пробиштип, Радовиш и Гази Баба), со објавени 344 катастерски општини.

    Кај четвртиот Јавен повик бр.04/23 опфатени се 7 региони (Кавадарци, Росоман, Неготино, Валандово, Делчево, Виница и Гевгелија), со објавени 82 катастерски општини. Овој јавен повик се однесува за доделување на земјоделско земјиште на кое веќе има подигнато долгогодишен насад и на кое можат да аплицираат сопствениците на тој насад со цел да го регулираат правото на користење на тоа земјиште.

    Право на учество на јавниот повик за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.

    Рокот за поднесување на апликации е 30 дена од денот на распишувањето на јавните повици.

    Exit mobile version