More

    Паѓаат цените на храната на глобалните пазари, очекувајте намалување на цените и низ маркетите во Македонија

    Цените на храната континуирано паѓаат на светските берзи, поради што се очекува цените полека да се намалуваат и низ маркетите низ Македонија.

    Иако, во моментов кај нас се уште се во сила замрзнати цени на основните продукти, очекувањата се дека цените дополнително ќе се намалуваат, поради падот на цените на светските берзи.

    Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) деновиве објави дека референтната вредност на светските цени на храната во декември 2023 година паднала во споредба со претходниот месец.

    Индексот на цените на храната ФАО, кој ги следи месечните промени на меѓународните цени за низа прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во декември 2023 година во просек изнесуваше 118,5 бодови, што е пад од 1,5 отсто во однос на ноември 2023 година и пад од 10,1 отсто во споредба со декември 2022 година.

    За 2023 година во целина, индексот беше за 13,7 отсто понизок од просечната вредност во претходната година, со тоа што само меѓународниот индекс на цените на шеќерот беше повисок во тој период.

    ФАО индексот на цените на житарките се зголеми за 1,5 отсто во однос на ноември, бидејќи цените на пченицата, пченката, оризот и јачменот пораснаа, делумно одразувајќи ги логистичките пореметувања што ги попречуваа испораките од големите земји извознички. За целата година, индексот беше 15,4 отсто под просекот во 2022 година, што ги одразува добро снабдените глобални пазари.

    ФАО индексот на цените на растително масло падна за 1,4 отсто во однос на ноември, како одраз на намаленото купување на палмино, соино, сончогледово масло, при што соиното масло е особено погодено од забавувањето на побарувачката во секторот на биодизелот, како и од подобрувањето на временските услови во главните области на одгледување во Бразил. За 2023 година во целина, овој индекс беше 32,7 отсто под нивото од претходната година.

    ФАО индексот на цените на шеќерот падна за 16,6 отсто во однос на ноември, достигнувајќи го најниското ниво во последните девет месеци.

    ФАО индексот на цените на месото падна за еден процент во споредба со ноември, достигнувајќи ниво од 1,8 отсто под она од декември 2022 година, под влијание на постојано слабата побарувачка за увоз на свинско месо од Азија. Регионалниот интерес за купување, исто така, е успорен за говедско и живинско месо и покрај големите извозни залихи во главните производни региони. Спротивно на тоа, цените на овчо месо се зголемија пред празниците.

    ФАО индексот на цените на млечните производи во декември 2023 година се зголеми за 1,6 отсто во однос на ноември, иако сè уште е за 16,1 отсто под вредноста во декември 2022 година.

    Извор: Центар

    Exit mobile version