Последни написи

МПЦ во Бермудскиот триаголник на Кремљ

  • Со или без деташирани свештеници од Москва, Руската православна црква, експонент на путиновската агресивна политика, си има свои „почесни конзули“ во МПЦ. И тоа дури тројца владици, кои со избеганиот Палчевски правеле внатрешни интриги против другите членови на Светиот синод.
  • Ако е нешто утешно, екстрадицијата на Палчевски може појасно да ја осветли неговата улога во „руска куќа“ во Македонија, па и во однос на сите нејзини жители.

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Во гостувањето на претседателот Пендаровски на Сител на 9 јануари  вечерта, добивме од него вест дека се договараат последните технички детали околу примопредавањето на бегалецот од правдата Палчевски на нашите власти. Оваа вест е секако добиена од овластени турски извори, кои споменатиот бегалец од земјава го држат во екстрадиционен притвор.

Оваа вест секако е и од јавен интерес. За најголем дел од граѓаните, тоа секако е знак дека убијците на малата Вања и велешанецот Панче Жежовски, сепак ќе се соочат со правдата во една комплетна постапка за обвинителите и судиите. Но не се малку ниту оние кои стрепетат од враќањето на Палчевски во земјата.

Цела една политичка номенклатура од десницата – почнувајќи од ВМРО-ДПМНЕ па до помалите партии прислужнички – го врзувала своето секојдневие со активностите на Палчевски безмалку последните две децении. Нема да се извлечат така лесно, за нивна жал, макар и од судот на јавноста, токму во овие моменти кога влегуваме во изборен период, кога драматично се одредува судбината на земјата.

Длабоко предавство на националните интереси

Но, не се само тие во прашање. Има тука едно многу подлабоко предавство на националните интереси, кое тлее и се пројавува како некаква зла судбина во историјата на оваа земја. Не помалку би требало оваа враќање на Палчевски во рацете на истражните органи да е од значење и за Македонската православна црква каде што (се потврдува и деновиве) тројца високи свештеници во секојдневието биле постојано во релација со споменатиот лик, а за кого во Цивил Медиа сме пишувале не еднаш. Во тој контекст е и текстот во кој се коментира што се крие зад посетата на високата руска црковна делегација на МПЦ-ОА во јануари 2022 година.

Инаку, освен заради екстрадицијата, за отворањето на оваа тема имаме и додатен мотив: во петокот, на 5 јануари, добивме уште едно сведоштво на новинарот Марјан Николовски, кој темелно и долго ја следи работата и дејствувањето на МПЦ. Во кусото, а сепак содржајно или, поточно, децидно тврдење на новинарот, се спомена и одвратната уценувачка функција која Палчо ја имал во содејство со дел од врвот на МПЦ.

„Да не заборавиме. Оваа личност (Палчо – н.з.) се закануваше директно на архиепископот Стефан, се закануваше на епископот Партениј (отецот на Бигорски – н.з.), на епископот Јаков, на владиците Пимен и Наум, можам да набројам уште десетици други… Не им се закануваше само на тројца владици – на Петар, на Агатангел и на Григориј. Со нив собираше потписи за наводно зачувување на старото име на МПЦ, што никој и не го барал!“ – вели овој колега во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

КИРИЛ И ПУТИН Актуелниот политички врв на Русија сè уште има силна поткрепа во црквата, некогаш посилна и од армијата

Прво се гледа во својот двор, а потоа кон надвор

Синодот одржал седница пред некој ден, вели Николовски, и донел заклучоци дека „Самоопределување“ од Косово не смее да се меша во нашите избори, а ниту збор нема како сочувство за она што се случи со Вања и велешанецот Жежовски во меѓувреме.

Марјан Николовски, уредник на порталот Религија.мк и уредник во Сител (второто не е толку важно во мигот), потврди дека споменатите тројца владици собирале податоци и факти со кои Палчо потоа ги напаѓал и плукал по другите членови на Советот на МПЦ и оцени дека е тоа срамота како за велокодостојници кои седат заедно. Но ова секако не е единствен проблем за Црквата.

„Ова е втор Божик кој МПЦ го прославува со признаена атокефалност од СПЦ, но истата не е целосна, бидејќи истото признание сè уште нема општо признание во православниот свет“ – изјави Николовски емисијата.

Тој додаде дека, де факто, МПЦ има своја автономија во рамките на СПЦ, дека но процесот не е завршен, бидејќи, вселенскиот патријарх Вартоломеј треба да го издаде канонскиот томос, а тоа се очекувало во годината што замина.

Проблемот, според овој познавач на приликите во овој домен, настанал ланскиот Божик, кога во Скопје ненадејно пристигнал рускиот митрополит Антониј, задолжен од Руската православна за меѓуцрковните релации. По заедничкиот молебен, уследиле многу неделни средби со претставникот на РПЦ, кој беше дојден од Софија, а кого нашите власти потоа го избркаа од земјава. По реакција на бугарската јавност, истиот (Васијан Змеев) беше протеран и од Софија. За овие настани во Цивил Медиа е навистина доста и подробно пишувано, на пример, во текстот со наслов „Игри зад олтарот: Како рускиот свештеник со шпионско досие работел против автокефалност на МПЦ“, дури и кога тоа делувало како ехо во некој празен кањон, за што се пишува и во текстот „Признавањето на МПЦ: Должината на времето покренува камења“.

Кој наш медиум навистина се грижел за ова тема? Макар подолго од една недела, како за пример?

И според уредникот на Религија.мк, по ланскиот Божик и ненадејната посета на висока делегација од Москва, потоа се изгубени цели 6 месеци во кои дијалогот меѓу МПЦ и Цариградската патријаршија е заглавен и со некои нови услови што доаѓаат од кај „фанариотите“!? Накусо, да не одиме во многу детали, бидејќи, можеби и пречесто сме го нагласувале тоа – МПЦ заглави во руската жива кал. Предвидливо за секој што го следел тоа прпелкање, кое само раѓа нови проблеми.

ПАЛЧО И ВЛАДИЦИТЕ Тие му давале нему „материјал“, а тој ги провоцирал неговите колеги

Црквата во Кијив нè призна нас, а сега треба ние нив!?

Сега Цариградската патријаршија бара да одржиме заеднички молебен со претставниците на Украинската православна црква и тоа го третира како некакво меко признание кое вистинското го одложува на подолг рок.

Нашата црква тоа го одбила, бидејќи повеќе се плаши од реакцијата на СПЦ, но и на Москва! Па секако се смета и ранлива одвнатре, бидејќи, се одложува расчистувањето со споменатите тројца високодостојници во своите редови! Од аспект на РПЦ, работите одат онака како што тие посакуваа. Со или без Змеев, ја оставаат МПЦ во бермудскиот триаголник кој вешто си го подготвиле московските стратези, а сега и заради парцијалниот интерес на Цариградската патријаршија стануваме дел и од потребата на независната Украинска црква да стекне меѓународно признавање.

А и таму, во Кијив, на овој план, иако се чинеше дека на планот на нивната црква работите се појасни, тие се компликуваат! Ребека Барт од Дојче Веле на бугарски, која е добар познавач на оваа тема, вели дека е забележливо дека во Украина некои го слават Рождеството Христово – по втор пат. Мнозинството Украинци го прифатија грегоријанскиот календар, токму наспроти традицијата на нивните претходни „старатели“ од Москва, но има и такви што не сакале да ја прекинат традиција и да го прослават Божиќ на 7 јануари.

Да потсетиме дека православната црква во Украина (OCU), новоформирана во 2018 година, годинава официјално го слави Рождеството Христово на 25 декември, како знак за посилно манифестирање на одвојувањето од РПЦ. Но тука е и Украинската православна црква (УПЦ) која продолжува да го слави Рождеството Христово според јулијанскиот календар на седми јануари, како и во Русија.

Со неа комуницира и митрополит Григориј кој на порталот Религија.мк беше критикуван дека си води самостојна надворешна политика.

„Кумановско-осоговскиот митрополит Григориј продолжува со своите скандалозни потези да ја провоцира јавноста и да ’креира’ надворешна политика на МПЦ-ОА по сопствен урнек, а Синодот јавно молчи“, пишува порталот.

Според овие сознанија, Григориј испратил честитка до Онофриј, поглаварот на Украинската православна црква, која е дел од Московската Патријаршија, за неговите 33 години архиерејска служба.

„Зошто Григориј настапува од позиција на поглавар на МПЦ-ОА, кога црковниот ред е јасен дека со поглавар комуницира поглавар на црква, а не локален митрополит?“ – прашува Религија.мк.

Понатаму, контроверзен е и дел од текстот на честитката во кој Григориј зборува за страдањата на УПЦ-МП изминативе години, алудирајќи на политичките постапки на украинските власти, но со ниту еден збор на ја споменува руската воена агресија врз Украина, од чии ракети настрадаа голем број верници на оваа црква, но и објекти на УПЦ-МП, според анализата на Религија.мк.

РУСКИ МАНАСТИР Еден од објектите од каде што се шири руска пропагандна литература – Пештерскиот манастир

Има ли точка за украинското црковно прашање?

За миг да се потсетиме дека по руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, Украинската православна црква беше под контрола на Московската патријаршија. Официјално се отцепи од Москва во мај 2022 година, но сè уште е обвинета за блиски врски со Русија.

Имаме или немаме двојство меѓу паствата во Кијив, како во многу други земји од стариот источен лагер? Жестокоста на судирот набрзо направи двете, за Москва расколнички цркви да се обединат и се чиниеше дека со тоа се става точка на црквеното прашање. Но гледаме дека „некој некому му го краде неговиот Божик“, бидејќи околу грегоријанскиот календар пак нема единство!

Така, после смирувањето од декември 2018 година, како резултат на обединувањето на двете расколнички групи, за патријарх беше избран сега 41-годишниот митрополит Епифаниј. Москва уште тогаш продолжува со обидите да го попречува признавањето на Украинската црква.

Рускиот патријарх Кирил му се закани на вселенскиот патријарх Вартоломеј со раскол, а рускиот претседател Владимир Путин дури и индиректно го обвини Вселенскиот патријарх за поткуп. Грчкиот политиколог Илиас Коскувелис за ДВ вели дека на овој начин Москва се изолира, бидејќи „вселенскиот патријарх ужива голема почит не само во Грција, туку и во целиот православен свет.“

Притоа, руската пропаганда во црквите воопшто не престана – напротив! Украинската служба за безбедност (СБУ) и обвинителството ставија под истрага свештеници од тамошните цркви, под сомнение дека вршат шпионажа за Русија или ја оправдуваат руската агресивна војна, како дел од руските пропагандни операции.

Во анализите, како посебно опасно, се посочува свештенството на познатиот Кијивски пештерски манастир, со митрополитот Павло. Тој веќе неколку месеци е во домашен притвор. Претседателот Володимир Зеленски дури размислува околу можноста за забрана на Украинската православна црква (УПЦ), иако тој чекор не го презема, поради определбата за почитување на слободата на религиозните чувства.

ПРОСЛАВА НА БОЖИК ВО УКРАИНА Дел од Украинците го одбележаа Божик два пати (фото: Џ. Дерала / ЦИВИЛ – Дел од внатрешноста на импозантната Катедрала „Св. Михаил“ во Кијив)

Многу работа за кијивската Служба за безбедност

Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави слики од летоци напишани на украински, на кои пишува: „Еден народ. Една вера. Една земја“. И повеќе: „Политички, Украина е посебна земја. Духовно и историски, таа никогаш не постоела. Пред Бога, ние сме една нација“.

„Но, воопшто не се работеше за псалмите. Луѓето ни укажаа на многу работи што требаше да ги провериме. Се работеше главно за она што луѓето го гледаат кога влегуваат во црквата – литературата што е изложена таму“, објасни за украинските медиуми Виктор Јахун, генерал-мајор во СБУ.

И сето тоа – придружено со портрет на рускиот патријарх Кирил, поглавар на Руската православна црква. Тој е доверлив човек на Путин. Неговата црква води „света војна“ и е под влијание на руската тајна служба ФСБ, вели Петро Бурковски, директор на кијивскиот тинк-тенк „Демократски иницијативи“.

„Преку оваа структура Русија повеќе од 30 години се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во Украина, да го уништи единството на украинското општество. Сето ова повеќе не може да се игнорира, ние мора да се бориме против тоа“, вели Бурковски.

Значи, и на црковен план, за Украина која е вистинска војна на живот или смрт, одвнатре сè уште има многу проблеми кои умешно ѝ ги наметнуваат луѓето во мантија од источниот сосед. Оттаму, Вселенската патријаршија се обидува да ја расчисти ситуацијата преку ширење на своето влијание врз другите ортодоксни цркви.

СРДЕЧНА СРЕДБА Владиката кумановско-осоговски како единствен црковен претставник на прославата на ВМРО-ДПМНЕ во октомври лани; неговиот говор е посебна приказна

Калкулации во православниот свет

Да се објасни повторно. Грчката православна црква прва ја призна одлуката на Вселенскиот патријарх во однос на Кијив. Веројатно ѝ се веруваше дека неа ќе ја следи Романската православна црква. Засега, сепак, не се очекува дека црквите тесно поврзани со Москва – како што се Бугарската православна црква и СПЦ – ќе ја признаат одлуката на Вселенскиот патријарх.

Реално, до сега во вистинска смисла, само Антиохиската патријаршија во овој спор меѓу Вториот и Третиот Рим целосно застана на страната на Москва – од разбирливи политички причини. Канонската територија на оваа црква е во Сирија, каде што многу христијани му се лојални на диктаторот Асад кој, пак, е поддржан од Москва.

Останатите автокефални православни цркви сè уште немаат заземено дефинитивен став по ова прашање. Теологот Кирил Ховорун смета дека чекаат да видат како ќе се развива ситуацијата отсега па натаму.

„Многу е важно каква ќе биде новата црква – дали ќе проповеда национални или дури националистички идеи или ќе стане навистина отворена и обединувачка црква, која се отвора и за националните малцинства“, вели тој.

Колку за читателите, Украинската црква меѓу првите ја призна МПЦ, како што е објавено во Цивил Медиа.

Но да се вратиме дома. Јасно е дека врвот на МПЦ е под своевидна окупација од руските интереси, претставувани и преку тројцата споменати владици. Го изгуби чекорот кон меѓународното признание, застана во некакво „мртво море“ и сега е во полоша ситуација отколку пред две години!

Рускиот владика Григориј со говор на прославата на ВМРО-ДПМНЕ

Во меѓувреме, владиката Петар доби дозвола од АВМУ да поседува телевизија, што со оглед на позицијата на овој регулатор на аудиовизуелниот простор не е можно да се случи без јасен абер од Палатата „Татарчев“. Впрочем, владиката Григориј бил единствен свештеник на прославата на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, лани на 23 октомври каде одржа и говор. Во дел од говорот, објавен на социјалните мрежи, тој зборува за ВМРО како код на Македонецот. Или, како што вели, само смртта може да го раздвои името ВМРО од Македонецот.

„Парадигма е ВМРО, бидејќи е аксиолошки постулат. Не постои дериватив, туку извор на постоење, егзистенција. ВМРО за Македонецот е неизмерлив категорички императив, неодвоив од себе. Не постои како хемиски процес, ниту досега постигнат научен метод. Освен смртта. Смртта е единствениот егзистенцијален факт кој може да го раздвои од срцето, од душата на Македонецот името ВМРО“, кажа г. Григориј.

Ова само за да се видат сите релации што ги има оној отворено проруски дел во МПЦ! А секако и релациите што ги негува ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа слика недостасува само уште да се врати Палчо и кругот целосно да се затвори, нели? Мозаикот ќе се склопи ама тој и не е толку шаренолик. Има темна гама.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај