Последни написи

Исмет Рамадани за ЦИВИЛ МЕДИА: Го препливавме морето, а сакаме да се удавиме во реката

Исмет Рамадани е влијателен и реномиран интелектуалец и општествен деец, поранешен политичар и пратеник во македонскиот парламент, и прв човек на Евроатлантскиот совет. И како политичар, и како општественик, Рамадани е познат по својата смиреност, конструктивен пристап и отвореност за дијалог.

ЦИВИЛ МЕДИА направи интервју со Рамадани на клучни прашања за нашата земја кои се и ќе бидат актуелни на подолг рок. Неговите ставови произлегуваат од неговото огромно искуство во повеќе области, што може да биде пресудно во процесите кои ѝ претстојат на Северна Македонија. Во лепезата од прашања, спаѓаат и оние што се однесуваат на политичките состојби во контекст на евроатлантските интеграциски процеси и воопшто.

Покрај тоа, големо внимание посветивме и на дезинформациите, националистичките пропагандни наративи, малигното влијание од Кремљ и прокси центрите на Балканот и низ Европа, како и за перспективите на нашата земја во поглед на актуелните настани и процеси.

Ова интервју претставува своевиден документ од кој може да се извлечат низа насоки и препораки за понатамошните чекори што им претстојат на македонските политички чинители и институциите, но и општествените фактори, како што се граѓанското општество и медиумите.

YouTube player

ЏАБИР ДЕРАЛА/ЦИВИЛ МЕДИА: Г-не Рамадани, која е вашата оценка на политичката состојба во Северна Македонија, особено во контекст на евроатлантските интеграциски процеси?

ИСМЕТ РАМАДАНИ: Во однос на евроатлантските интеграции, односно процеси, навистина сум разочаран како човек кој се бавам повеќе од 25 години со евроатлантски вредности и промоција на евроатлантските вредности. Разочарувањето ми доаѓа од ова последното, што дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ не се согласи да ги изгласа измените во Уставот и нормално очекувано беше дека нема да се одржи наредната заедничка седница на Европската Унија со нашата земја и ние да продолжиме по некои автоматизам со отворање на поглавјата, односно, првото поглавје што во исто време значи 23, 24, кое се однесува на функционирање на правото, односно правната држава и ефикасната борба против криминалот и корупцијата.

Така што навистина сум разочаран затоа што дефинитивно дојдовме до таа ситуација која тоа пусто вето некако како да ги доведе во ситуација нашите политички партии, сега нормално дека во сето тоа предничи ВМРО-ДПМНЕ како главна опозиција, да го блокира патот кон членството во ЕУ со едно несогласување кое за мене е банално со самиот факт дека ние и така сме мултиетничко општество.

Имавме една убава шанса и другите помали заедници да ги ставаме во Уставот, односно во преамбулата на Уставот и дефинитивно да го заокружиме можеби и тоа што е како убава перцепција за нас од ЕУ, токму за мултукутурата и мултиетничоста во нашава земја. Но, не ја искористивме таа шанса и за жал очекувам дека понатаму ќе имаме една комплетна апатија, меѓутоа, таа апатија ќе биде скриена апатија затоа што сепак имаме ние, се надевам дека мнозинство од граѓаните на Република Северна Македонија кои се определени поодамна за дискурсот што значи ЕУ, односно еве не успеавме да го забрзаме тој пат што значеше членство во ЕУ во овие прилики кои се моментуми затоа што геополитиката диктира, геостратешката цел и навидум не е само мислам дека, на крајот на краиштата не убедија Европјаните, односно од ЕУ, дека искрено сакаат Западниот Балкан да го видат во нивните прегратки. Дури тие и ја проширија нивната спремност до Украина, Молдавија и веќе и до Грузија.

Така што, ако не го искористиш моментумот, односно, шансата која ти се дава, тогаш доаѓаат ситуации кои можат да бидат со последици, а со последиците ако се занимаваме, тогаш нормално е дека ние сме кревка демократија, кревка сме и затоа што сме и мултиетничко општество. Во мултиетничко општество не е добро да има судир на идеологии кои создаваат тензични состојби, затоа што сепак и меѓу партиите кои се со различни идеологии и ако одиме понатаму и со различен дискурс, односно опција, дали е прозападна, дали е происточна, и сето тоа во една мала земја ако е судир на опции, судир на дискурси, тогаш се плашам дека внатрешната безбедност во државата може да биде под знак на прашање токму поради овие состојби.

ЦИВИЛ МЕДИА: Веќе се наѕираат контурите на описот на тоа што нè очекува. Навистина, кои се перспективите, каква иднина, еве, во непосредниот период пред нас нè очекува? Имаме неуспех на уставните измени, меѓутоа имаме и крупни процеси на меѓународно ниво. Само два да издвојам, тоа се европарламентарните избори и американските избори во 2024, кои се извонредно важни, како за нас, така и за целиот свет. Каков период нè очекува, дали ние можеме да очекуваме посериозна политичка криза во текот на наредната година, без оглед на изборните исходи и дали можеме да очекуваме нарушување на стабилноста, па и безбедноста на земјата?

РАМАДАНИ: Па да, прашањето веќе, речиси, има и одговор. Ние сме членка на НАТО, во однос на безбедноста на границите, тоа е ОК, значи во ред, затоа што тука го користиме членот 5 и тука сé е во ред. Значи, не очекуваме некој конвенционален напад или офанзива, инвазија од некоја друга држава. Меѓутоа, без разлика што ние сме членка на НАТО, во однос на внатрешната стабилност и внатрешните состојби, ние можеме тука самите да заглавиме, затоа што тука одговорноста е наша.

Секогаш треба да внимаваме кога се бавиме со политика, односно, имаме некакво лидерство во политиката, иако кај нас тоа лидерството малку е девалвирано со самиот факт дека некако во нашиот вокабулар една политичка партија која нема ни еден пратеник сите ние ги викаме лидери, а лидерството значи нешто друго.

Лидерот кој има полн легитимитет во државата, со легитимитет даден од граѓаните, мора да биде и поодговорен, затоа што малите партии не внимаваат многу што декларираат, како ги опишуваат состојбите, што им е намерата. Ние имаме такви што ги нарекуваме лидери, кои, да не банализирам, имаат минимум гласачи и големи зборови, изјави. Тие, на некој начин, се под индукција од други идеологии кои доаѓаат од надвор.

Затоа велам дека многу треба да бидат одговорни идеолозите, односно лидерите на политичките партии, кои сепак значат нешто во државата, затоа што тие, по сé изгледа, досега како што беше, наизменично се власт и опозиција. Меѓутоа, тоа што ме загрижува во последно време, опозициските партии колку се подеструктивни, кога ја имаат власта или ја добиваат власта од гласачите, тогаш стануваат толку и полукративни, затоа што некако не им се верува докрај дека намерата им е искрена да создадат функционална демократија, функционални институции, да следат геополитика, геостратешка цел. Сето тоа некако е под Б, не под А, како лидерство.

Понекогаш дури и сум спремен и да се заколнам во тоа што е најблиску или најинтимно во мене, дека како да сум сто отсто убеден дека намерите не им се искрени во однос на перспективата на Република Северна Македонија, односно за доброто на граѓаните.

ЦИВИЛ МЕДИА: Впрочем, кога се работи за деструктивен вокабулар, со кој се внесуваат поделби во општеството, се прават обиди да се внесат тензии, па и да се предизвика политичко насилство, ние можеме да очекуваме, впрочем, таквите партии целосно да го занемарат владеењето на правото, а да владеат врз основа на емоциите на луѓето. И во таа смисла на зборот, се генерираат дезинформациските кампањи, хибридните напади, националистичките пропагандни наративи, не само внатре во општеството, туку како бранови доаѓаат и од надворешни центри за малигно влијание, во прв ред Кремљ и прокси центрите на Кремљ. Тие дејствуваат деструктивно на македонската стабилност, па и безбедност во голема мерка. Ние се наоѓаме во една таква ситуација веќе со години, со различен интензитет, зависно од општествено-политичките процеси. Кои се Вашите опсервации, заклучоци, во поглед на овие напади и како тие може да реперкутираат во претстојниот период? Изборните процеси се секогаш најчувствителни во една земја, а особено во една земја како што е нашата. Како ги гледате овие влијанија визави изборните процеси кои нé очекуваат – претседателски и парламентарни?

РАМАДАНИ: Па вака, почитуван Дерала, ние во некои сегменти работиме нешто заедничко во однос на тоа што значи дезинформации, лажни вести, хибридни закани итн. И во сето тоа сме навлезени во суштината на тоа што значи дезинформација, што значи лажна вест и како одредени структури јас би рекол најнапрегнато, односно импрегнирани, кај нас доаѓаат од тие руско-српски структури кои пласираат дезинформации, лажни вести и богами и руско-бугарски доста се присутни.

Јас со мојата организација, Евроатлантскиот совет, работевме на еден проект заедно со Вишеградските земји и Западен Балкан. Значи, бевме вклучени десет држави и морам да ви кажам, да ви се пофалам, бевме лидери во тој проект и навистина по тоа што ангажиравме експерти, анкети и тие разговори со многу луѓе кои се професионалци во занаетот да откриваат дезинформации и хибридни закани, дојдовме до едни податоци и лично да ви кажам, дури бев и малку исплашен, затоа што добро што обичниот граѓанин не ги знае сите тие структури како ги употребуваат нивните медиуми.

Знаете зошто сум загрижен – во политичките партии, мислам дека тие полесно продираат и затоа што тие тоа го прават, партиите лесно дури и свесно ги прифаќаат. Можеби и тука има лукративност, не можеби, туку има сигурно и тие тоа подоцна го користат за да го манипулираат граѓанството и на еден начин да освојат власт. Меѓутоа, тоа што ме загрижува, е тоа што во фелата на интелектуалците, академијата, во луѓето кои ние ги сметаме за добри публицисти, и тие се заглавени во таа идеологија која доаѓа врз основа на овие дезинформации.

На крајот на краиштата, Република Северна Македонија е држава која во комшилак ја има една Бугарија каде што руските структури се доста присутни, и тоа на високи функционери и институции, во Србија да не зборуваме повеќе, затоа што таму веќе многу јавно и гласно функционираат и TASS и Sputnik и Russia TV, па тие и не кријат, мислам дека процентот проруско во Србија можеби е тука некаде рамно со процентот во Русија. И нормално дека после агресијата на путиновата Русија во Украина, тоа уште повеќе зема замав. Тука добро е што се повлекоа некои европски лидери малку, затоа што имаше еден период пред инвазијата во Украина како Путин да им беше како идол на некои екстремно десни партии, во Франција Ле Пен, па и Мелони денешната, па и Салвини да речеме, имаме во Унгарија сега Орбан итн., има од нив кои малку се повлекоа од кога се разобличи таа вистина на персоналитетот на Путин.

А што се однесува до нас, мислам дека тргнуваат од една, дали е тоа парадигма, дали е тоа убедување, дека Путин е тој што го брани и го чува пан-славизмот, православието, така што некогаш овие работи, како што знаете, одат преку црковните експоненти.

ЦИВИЛ МЕДИА: Тоа не се само медиумите и политиките партии, туку како што споменавте и академијата и интелектуалците, меѓутоа и преку црквата…

РАМАДАНИ: Но, чудно ми е како нашите интелектуалци, кои јас и ти добро ги познаваме луѓето тука, како кога ќе разговараш со нив и им поставуваш прашање до прашање, понекогаш во тие разговори моето прашање е како е можно Путин да го брани православието или пан-славизмот, кога првите негови сојузници се Кадиров и Иран, односно, Хамнеи. Како е можно…

ЦИВИЛ МЕДИА: Да ги напаѓа една православна држава?

РАМАДАНИ: Вие бевте во Украина, Во Кијив и видовте таму, ги читав вашите репортажи. Некои податоци ни укажуваат дека многу поправославна држава е Украина него Русија, како федерална држава, затоа што таму има најмалку дваесет милиони муслимани, има и други итн., така што во проценти мислам дека поголем е процентот во Украина. Така што луѓето кои мислиме дека имаат добри познавања, добри интелектуалци, добри академци, и се прашуваме а што е причината, зошто такви ставови, зошто таква идеологија? Затоа што таа идеологија после тоа создава и други проблеми во државата. Значи, на еден начин тие ја опструираат таа наша определба кон членство во ЕУ и евроатлантските вредности.

И уште еден момент ќе го потенцирам – ние имаме една морална обврска кон нашите луѓе, нема семејство во Северна Македонија кое нема некои од роднините, дали син, дали ќерка, дали родител во западниот свет, односно, во евроатлантскиот свет. И сега ние ако промовираме друга опција, значи спротивна, велам морална и вредносна, затоа што ние се оддалечуваме од нашите деца, од нашите луѓе. Нашите луѓе се во Европска унија, во Америка, во Канада, во Австралија, значи секаде каде што се држави кои или се трансатлантски или се во кругот на НАТО итн., и навистина правиме голема грешка.

Во однос на економската соработка, мислам дека трговската размена со Европската унија е веќе достигнува некаде до 75 отсто, што значи многу работи не врзуваат. Колку години, колку милијарди имаме донации од ЕУ и САД. Сето тоа, човечки е да го почитуваш, затоа што нашите млади, јас понекогаш велам, одете до кај скопскиот аеродром, дали има интерниран авион кој оди за Москва, да одат нашите млади да работат таму. Мислам, примери има многу да не мора да имаш знаење и информации затоа што секојдневието сепак диктира нешто што значи каде би требало ние да се движиме во нашата опција.

ЦИВИЛ МЕДИА: Ова, всушност, зборува за последици од една силна, систематска, повеќеслојна пропагандна активност, како на Кремљ, така и на прокси центрите на моќта кои на македонското општество не му сакаат ништо добро. Во таа смисла, споменавте интелектуалци и академија, кое е нивото на одговорност на недржавните актери во една земја, како што се интелектуалците, граѓанските организации и медиумите? Што прават тие, а што би требало да прават? Кои се вашите препораки?

РАМАДАНИ: Па тоа ми е зборот, дека интелектуалците можеби немаат одговорност да донесуваат непосредно одлуки. Меѓутоа, интелектуалците можат многу да влијаат во структурите на одредени политички партии, какви одлуки тие ќе донесат. Затоа што, ако тие секојдневно настапуваат со нивните пишувања, ставови, на разни нивоа, на конференции итн., тие создаваат јавност и таа јавност тогаш на еден начин влијае кај тие што донесуваат одлуки, дали се тоа пратеници, дали се членови од опозицијата, владата итн. и затоа треба да се внимава, затоа што личната одговорност како интелектуалец, според мене, е многу поголема од тие што ги донесуваат одлуките колективно. Затоа што зад, или во рамките на колективните одлуки, личноста понекогаш може и да се камуфлира, да се крие. Меѓутоа, интелектуалец со јавниот збор и со перцепција од обичните луѓе дека кажал човекот со име и презиме, кој го знаеме како добар писател, добар научник, научник во светски размери итн., и ако тие тоа го прават, затоа што не веруваат обичните луѓе дека тие го прават од незнаење. Перцепцијата е секогаш дека тие се информирани, луѓе начитани, луѓе чесни, и сега ако понатаму се поставува прашањето, тогаш доаѓа и сомнежот за кој ние зборувавме пред малку дека има индукција од некаде, има некое влијание, има можеби, не би се резервирал и да кажам, дека можеби раката на таа корумпираност и во интелектуалната фела стигнува и до таму, што ние се чудиме човекот со име и презиме го знаеме со години и одеднаш има ставови кои апсолутно се против евроатлантските вредности и тогаш што би било тоа?

Ако одиме со тоа дека па еве сака романтичен Македонец да биде, голем Македонец, меѓутоа и тоа загрижува затоа што уште не ставил точка на идентитетот македонски. Значи уште поставува прашалници после идентитетот. Затоа, јас не можам да го сфатам никако ни како интелектуалец, ниту како интелектуална фела, да биде во таа ситуација уште да има дилеми, што станува со македонштината. Мислам дека нема смисла во овој степен на развиеност на академија, универзитети, книги, библиотеки, пишувања, да кажеш – ама ќе не асимилираат Бугарите. Мислам дека дури е малку потчинето или како да ви кажам,  не доликува еден интелектуалец да го повторува често ова дека – се плашам дека ќе не асимилираат. Тоа мислам дека веќе е наивно и апсурдно е така да се мисли, односно да се влијае и кај тие граѓани кои ние после ги доведуваме во ситуација да бидат уплашени од нешто од што не треба апсолутно да се плашиме. Тоа е дежа ву, тоа е завршена работа.

ЦИВИЛ МЕДИА: Што ќе се случи ако македонската евроатлантска иднина биде блокирана целосно? Што ќе се случи, ако ние како држава, ете и после изборите, не успееме да најдеме заеднички јазик за да ги отвориме поглавјата и на тој начин останеме заглавени? Албанија ќе се одвои, тоа е прилично извесно во претстојниот период, имаме една жестока општествено-политичка активност која се вика европарламентарни избори… Тогаш државите ќе се затворат во себе, ќе почнат да си ги гледаат своите прашања, своите изборни програми… САД на ист начин ќе се однесуваат, дури и сега ги гледаме тие колебања, особено во однос на прашањата поврзани со кризните жаришта во Украина, а од неодамна и Израел-Палестина. Што ќе се случи со една голема заедница како што се Албанците? Нели таму постои можност, одреден дел од политичките лидери Албанци да кажат ние сакаме да одиме во ЕУ, што е ова? Да бидам уште подиректен, дали мислите дека постои можност, да не кажам опасност, едноставно дел од населението, еве, етничките Албанци, албанската заедница, да каже – ние не можеме повеќе да ги чекаме своите сограѓанки и сограѓани Македонци да одлучуваат околу својот идентитет – ние сакаме во Европа? Истото може да се случи и на интраетнички план. Според истражувањата, меѓу другите, и на Вашиот Евроатлантски совет, голем дел од етничките Македонци се евроатлантски ориентирани и тоа е повеќе од очигледно. Што ако и тие кажат ние не можеме повеќе да го издржиме овој притисок и да побараат некакви, условно кажано, алтернативни решенија за да се надмине оваа ситуација? Дали мислите дека има можности едноставно да се појават порадикални ставови, и на меѓуетнички план и на интраетнички план, и како тоа би изгледало?

РАМАДАНИ: Кога ни се поставуваат вакви прашања на нас аналитичарите, посебно кога сме Албанци, треба многу да внимаваме затоа што првата реакција кај опозицијата, мислам македонската, условно кажано, опозиција е – еве ни се закануваат. Ние имаме потреба да ги кажуваме нашите мислења и нашите предвидувања, па нека бидат и предупредувања, затоа што точно е тоа дека ако ние не успееме да ја реализираме оваа наша стратешка цел, членство во ЕУ, опција која најмногу не обединува сите нас во нашава држава. Мислам 30 години ако имаме нешто заедничко, ако имавме нешто заедничко, беше евроатлантската интеграција. И тука немаше никакви проблеми во однос на нашата определба.

Јас се сеќавам како пратеник, кога сите координатори излеговме на говорница и ја кажавме нашата опција, каде се стремиме како држава и мислам дека оттогаш ни е јасно која е нашата цел, без разлика што во одот кон тој развој, демократски, економски и сето тоа што значи мултиплурализам, ние во едно бевме секогаш, а мислам дека тоа и јавноста добро го знае, дека опција без алтернатива ни е евроатлантската. Ако не успееме, не дај боже велам да не успееме, тогаш мислам дека во државата ќе се случуваат судири и интра, значи идеологии, прозападна, происточна или што измислуваат други опции, а во исто време уште поопасна ќе биде состојбата во однос на судирот македонско-албански, мислам за тие кои се обидуваат да ја напуштат оваа опција.

Јас им велам многу искрено дека ако победи таа опција, а јас не верувам дека ќе победи затоа што знам и процентот проевропски, условно кажано, кај Македонците е многу поголем, никогаш не бил под 65, 70 отсто, да кажам дека ако има обид и тоа да се случува Албанците таму нема да ги има. Мислам искрено да ви кажам, ако јас тоа го велам, може други ќе го кажат уште пооштро, уште поотсечно, дека никаква, дури и природна да биде опцијата за такво нешто, Албанците таму ги нема.

Сега се враќаме на тоа што се повикуваат во име на народот, некои проценти кои ги измислуваат тие кои се под канџите на тие структури, што рековме руско-бугарски, руско-српски итн., тие се повикуваат на народ, меѓутоа ние ги знаеме определбите на граѓаните, и по етничка основа и по идеолошка, можеби тие претставуваат едно 25 отсто во државата, тука се тие бројки. И ако ние дозволиме тие 25 отсто да не скршнат, што би рекол јас, од оваа наша опција за која се боревме години и години, јас понекогаш велам го испливавме морето сакаме да се давиме во реката, мислам дека не држи тоа, не е природно. На крајот на краиштата, не е фер кон граѓаните и мислам дека ќе мора малку поефикасно да настапуваме секаде каде што можеме за да ги разобличиме ваквите опции кои се против евроатлантската опција, затоа што ако тие земаат и понатаму замав, може да не доведуваат до ситуации кои можат да бидат и тензични. Јас тоа слободно го кажувам, затоа шти вие рековте, ако да речеме што се однесува до Албанците, ако Албанија веќе се оддели, односно го продолжи патот кон членството во ЕУ и ако Косово после либерализацијата и нормализацијата на односите со Србија, затоа што тоа е процес кој веќе е надгледуван и по сé изгледа ќе има епилог за година дена, а што правиме тогаш ние?

Мислам дека голема е грешката што граѓаните ги ставаме пред такви прашалници и пред такви дилеми, дури мислам дека, или да кажам, гревота е да ги манипулираме обичните искрени граѓани кои сакаат подобар живот, социјален, економски, сакаат да бидат со нивните деца, со нивните поколенија итн., а ние да им изложиме нешто што апсолутно и нема шанси по некој мирен пат и да се оствари, затоа што тоа е веќе за нас страна, ние немаме географија таква за да можеме да се приклучиме таму каде што некои ги промовираат, дали се тоа источни или некои асоцијации кои навистина не нé доликува. И на крајот на краиштата нека биде порака и тие кои сакаат да се реализираат како нација, мислам еве признавам добри патриоти се, меѓутоа едно укажување од моето искуство или од тоа политичко искуство затоа што имам поминато многу конференции светски. Јас сум, за себе велам, дека сум опен мајнд, затоа што 12 години бев во Интерпарламентарна унија и поминав од Филипини преку Сеул и Кенија и Јужна Африка и Мексико, Чиле и Вашингтон и овие европскиве.

ЦИВИЛ МЕДИА: Вашето искуство е многу богато и верувам дека овие ставови и препораки ги темелите токму на тоа долгогодишно искуство…

РАМАДАНИ: Токму на моето искуство. Сум видел функционирање на држави кои се тоталитарни, кои се парламентарни, кои се диктатури, кои се полу-диктатури, авторитарни. Меѓутоа, нема нешто поубаво, на крајот заклучувам, од функционална демократија. Затоа јас не им замерувам на овие сегашните, многу не им замерувам што има многу пропусти во однос на функционирањето на правната држава, на институциите, затоа што ако на чело на институција е демократ, а има девастирани институции или наследува девастирани институции, многу тешко се справува со такви институции. Понекогаш и ние бараме поцврста рака, меѓутоа, од моментот кога бараш цврста рака ти веќе ја намалуваш демократијата и поминуваш во нешто што е авторитарно. Авторитаризмот мислам дека не е добар за една демократија за која ние се стремиме и тука треба да внимаваме. Меѓутоа, ќе мора тука малку да бидеме сите ангажирани, и невладини организации, па и опозицијата која секогаш со право ќе претендира да биде дел од власта, односно да ја земе власта. Меѓутоа, само со развој на демократијата.

ЦИВИЛ МЕДИА: Г-не Рамадани, вие сте на чело на една многу угледна организација. Евроатлантскиот совет ужива голем углед, не само во земјата, туку и многу пошироко. И во меѓународни рамки Вие лично сте цитирани, а се разбира имате и безброј проекти кои имаат суштинско значење за овие процеси, за овие вредности за кои говориме денеска. Кои се вашите следни чекори, и како човек интелектуалец, експерт, аналитичар, а се разбира и како човек кој го води Евроатлантскиот совет?

РАМАДНИ: Јас мислам дека и како Евроатлантски совет и како човек кој се бави 25 години со промовирање на евроатлантските вредности, не се давам, не се предавам. Мислам дека кога во нешто си убеден до крај дека е најдоброто што може да им се случи на граѓаните или најдоброто за државата, затоа што кога ние спомнуваме вредности, тоа не е ништо апстрактно. Безбедност, демократија, економски развој, слободни медиуми, човекови права, права. Ако ги има човекот овие на дофат и ги практикува и живее со овие квалитети, со овие стандарди, тогаш овој човек, без разлика од која националност е, од која вера е, тој секогаш е порасположен, поинвентивен, покреативен и е многу попрофитабилен во тоа што го работи. И зошто да нема мотивација и понатаму јас да ги промовирам овие вредности и зошто да се откажам. Тука сум малку разочаран.

Мислам дека нашите партнери стратешки, и Американците и од Европската унија, понекогаш се тие кои не разбираат, односно се прават дека не слушаат и не гледаат. Не треба секогаш да им се зборува само со дипломатски јазик, затоа што дипломатијата е добра ако од другата страна, од спротивната страна, имаш луѓе, имаш субјект кој ја разбира дипломатијата, кој ја разбира пораката меѓу редови кажана и постапува. Ние имавме пораки, дојдоа од американската администрација, дојдоа луѓе кои се за респект од големи силни демократски држави од Европската унија, ни кажуваат, ни зборуваат, односно им кажуваат, им зборуваат и тие си тераат тврдоглаво со нивните, така да кажам, намери. А јас знам која е намерата. Аут тоа што е демократија, аут тоа што е интерес за граѓаните.

Главната цел е да се дојде на власт или да се сочува власта, мислам тука зборувам за сите тие кои прегоруваат за власт и на крајот власта ја злоупотребуваат за лични или групни интереси или интереси кои немаат врска со општиот развој на државата. Тоа ме загрижува и тука мислам дека, и како претседател на Евроатлантскиот совет и како организација, заедно со сите организации кои функционираме, еве заедно со вас и со други организации и понатаму ќе бидеме еден параван преку кој не може да се помине од тие што ни увезуваат идеологии кои се штетни за нашата држава и за регионот.

А во исто време, ќе работиме многу за да ги придобиеме на еден начин, не во субјективна смисла, туку да ги убедиме и тие кои за момент или во одредени услови се манипулирани од такви структури, кои промовираат за жал идеологии кои се многу опасни за нашата држава, пред сé, поради таа мултикултура и мултиетничност. Дај да продолжиме да бидеме пример.

Навистина ми е криво и жалам што кога одам надвор, одете и вие надвор и учествувате во разни форуми, таму повеќе нé фалат и кажуваат поубави зборови за нас него нашите тука. Ние имаме слабости, имаме корупција, имаме криминал, имаме слабости во здравството, во образованието и сето тоа. Меѓутоа ако ни ги почневме, односно, ги почнеме конкретните преговори со отворање на поглавјата со Европската унија, тогаш ние ќе имаме еден мониторинг без кој ние не можеме да функционираме за жал. Ни треба тој мониторинг. Тој ќе биде интензивен. Во одредени области може да биде и субординативен, ама ќе даде резултати. На крајот, кој ќе биде задоволен од тие резултати – ние како граѓани кои живееме тука, и вертикално и хоризонтално во општеството.

И зошто да не го правиме тоа? Зошто да правиме самите пречка, да не влеземе во тоа море каде што ќе ни се даде гума за пливање од Европската унија ако не знаеме и додека научиме. Затоа што сами пробавме. Јас имам долго искуство, мислам од 90-тите години па наваму, и навистина знам дека, за жал, скоро никогаш немавме консензус за големи одлуки кои беа компромисни, меѓутоа многу добри за државата, за иднината на државата.

Ние се бавиме, како што рекол Черчил, имам еден голем товар на историја и никако да се движиме. Па, на крајот на краиштата, многу е логично со историјата да се бават историчарите, со политиката денешна и за иднината на државата, овие наши лидери кои водат политика. Мислам дека е многу лесно да се сфати ако нема некое влијание кое ги пореметува и нашите мисли понекогаш и нашата определба и тогаш е лошо. И се чувствувам понекогаш виновен дали дадов сé од себе за оваа моја држава за да биде денес многу подемократска, многу побогата, многу поинтегрирана. Затоа што велам, сепак, можеше и поинаку и поубедливо да настапиме за да не им оставаме многу простор на тие кои не ѝ сакаат добро на нашата земја. Значи, овие се моменти кои нé прават да бидеме загрижени, меѓутоа верувам уште дека има потенцијал во оваа наша држава која сепак ќе ги движат, ќе ги придвижат понатаму.

Дури мислам дека сега е моментот кога треба да се создаде тој политички, дали партиски-политички фронт кој мора да ја победи деструктивноста, односно да ги победи тие на кои им е јасно како, но ние уште не можеме да разбереме каде нé води таа политика, иако за нас кој се бавиме секојдневно е многу јасно, меѓутоа велам за обичниот граѓанин нема смисла, го истоштуваме граѓанинот Како што вие велите почесто, граѓанките и граѓаните се истоштени од манипулации, од таа пресија деструктивна политика што не наликува на нешто што е јасна и добра перспектива за нашите граѓани.

ЦИВИЛ МЕДИА: Јас верувам дека и Вие како личност, а секако и Вашата организација, заедно со сите прогресивни сили во земјата, ќе дадат силен придонес во претстојниот период, токму за продолжување на тој евроатлантски пат на Северна Македонија. А, што се однесува до дилемите кои ги поставивте во поглед во вашата работа и вашиот ангажман, општествен и политички, верувам дека одговорот е јасен, меѓутоа ќе оставиме на идните генерации да го донесат тој суд, а Вам да ви заблагодарам на ова сеопфатно интервју, на искрените одговори и да Ви посакам и Вам и на сите нас многу среќа во претстојниот период.

РАМАДАНИ: Благодарам и јас на вашите и гледачи и читатели и им посакувам сé најубаво и среќна Нова Година и празниците што доаѓаат, така што им порачувам дека ќе најдеме сили, ќе најдеме можности сепак да го правиме тој чекор напред кој ќе ни донесе, односно, ќе им донесе на граѓаните помирен, спокоен и подобар живот и во нивните семејства и во нивната сакана држава.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај