Последни написи

Премолчениот Судан

Премолчениот Судан

Граѓанската војна која пред осум месеци избувна во Судан, третата најголема држава во Африка, доведе до тоа Обединетите нации да ја наречат „моментално најголемата криза на раселување во светот“. Откако во април во главниот град Картум еруптираше вооруженото насилство помеѓу државната војска и паравоените групи на Силите за брза поддршка (РСФ), ОН денес бележи повеќе од 12 000 убиени, дури седум милиони внатрешно раселени и закана од „катастрофален глад“ ако меѓународната заедница не ја зголеми доставата на хуманитарна помош.

Сето тоа се случува во време кога западните земји донесуваат сè порестриктивни политики за азил, и покрај декларативниот став дека проблемот со илегалните миграции треба да се решава во земјите од кои бегаат луѓето. Се случува и покрај тоа што САД и ЕУ го сметаат Судан за стратешки важна африканска држава, сместена на брегот на Црвеното море, истото она во кое јеменските бунтовници Хути деновиве напаѓаат трговски бродови, загрозувајќи ги глобалните снабдувачки текови и економските интереси на земјите извознички на нафта и стока за широка потрошувачка. Затоа пиратските активности на јеменските бунтовници, наводно поддржани од Иран, промптно се прогласени за веројатно нова голема криза со глобални размери, за разлика од хуманитарната криза во Судан, држава со речиси 46 милиони жители која веќе еднаш, по низата граѓански војни, во 2011 година се распадна на Судан и Јужен Судан, а сега ѝ се заканува дополнителна фрагментација.

Омар ал-Башир

Практично, од 1956 година Судан е во перманентна граѓанска војна. Од 1993 до 2019 година на власт беше диктаторот Омар ал-Башир, воен злосторник кого Меѓународниот кривичен суд во Хаг го обвини за геноцид во покраината Дарфур, но никогаш не беше екстрадиран. Башир беше соборен во 2019 година, од кога постојано трае конфликтот помеѓу војската, која сè уште е поврзана со елитите на поранешниот режим, и РСФ, одметната паравојска која за време на војната во Дарфур работеше за суданската, тогаш баширова, влада а сега се бори со неа за контрола над Картум. РСФ, тогашната милиција наречена Џанџавид, во времето на војната во Дарфур ги предводеше злосторствата над тамошното население, а нејзините припадници сега повторно убиваат цивили во регионот над кој ја преземаа контролата. ОН извести дека досега добиле само 39 проценти од 2,6 милијарди долари нужни за адресирање на хуманитарната криза, а иако од Вашингтон се очекуваше да ја преземе улогата на медијатор помеѓу завојуваните страни, моменталната американска администрација не може да се занимава со тоа заради военото финансирање на Израел и Украина. Американската администрација ги обвини двете страни за воени злосторства и воведе санкции против челните луѓе на РСФ, додека од друга страна Обединетите Арапски Емирати воено го поддржуваат РСФ во замена за пристап до рудниците со злато во Дарфур.

Моменталниот конфликт е последица на неизвесноста во која е заглавен Судан од соборувањето на Башир. Во борбата за превласт двете страни го тероризираат населението, што доведе до слабеење на демократската опозиција која учествуваше во рушењето на режимот на Башир. Иако станува збор за земја со речиси целосно исламско население, таму не се присутни странски џихадистички движења, но тоа може да се промени ако ескалира можноста за распад на земјата. Во тој случај Судан би можел да стане новата Сомалија, земја која е прогласена за „пропадната држава“ зашто од раните деведесетти заради постојаните граѓански војни не успеа да воспостави функционална централна власт.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portalnovosti.com/

Преземено од: Окно.мк

Latest Posts

Не пропуштај