Последни написи

Од метаморфоза до преобразба: Кон изложбата на Мартина Спасовска „Гласна тишина“

Пишува: Коста Милков

Во сликарството, портретот важи за техника која изискува најмногу од уметникот. Оваа тематика, колку што го потенцира појавното на лицето, толку и го соголува внатрешното на сликарот. Марина Спасовска настапува смело со својата прва самостојна изложба бирајќи таа да се состои исклучиво од портрети, некои од нив во голема димензија. На овој смел пристап му соодветствува и насловот на изложбата, „Гласна тишина“. Парадоксот е очевиден, но како и кај секој парадокс кој навистина е тоа, исто така е и успешен; секоја од сликите е безгласен глас кој одекнува во внатрешните одаи на умот.

Во моите размисли нишката која ги поврзува сликите е ранливоста. Иако портретите се на женски лик(ови), ранливоста е состојба која ги надминува категориите пол. Пред публиката е претставена „човечноста“ во нејзината кревкост, и тоа не само на телесниот дел – лицето, туку на она што симболично се именува како душа, дух, ум или срце.

Притоа, парадоксалниот контраст на насловот на целата изложба е дополнително нагласен со сликата именувана како „Топол мраз“. Мојот осврт е во четири точки при што во три од нив сликите се групирани тематски, освен веќе споменатата слика која е засебна. Оваа портретна композиција покажува дека уметникот е на ниво на зададената задача. Изразот на лицето, аголот од кој е претставено, вниманието на секој детаљ сведочат за тоа. Усните кои се во прв план, заедно со „топлината“ на образите „излегуваат“ од „студеноста“ на синиот мраз. Таква е силината на животот, на срцето што го пумпа крвотокот така што мразот мора да попушти. Го гледаме како растопено се разлева по грлото онаму од каде што „излегува“ гласната тишина. Телото ја плаќа цената кога со својата топлина се бори против замрзнат свет – против замрзната свест, замрзната совест и замрзнати стереотипи. Сеедно, дури и ако се потклекне во оваа битка, секое „топење“ на мразот значи дека со своето срце, со својата крв, со својата пот и со своите солзи – некој живеел!

Топол мраз

Секоја од тука групираните изложени слики е триумф на животот за што се бара да се одживее секој миг, а не за тоа да се чека некаква светла иднина. Правилно согледана иднината е сега и тука – поточно таа е веќе со нас зашто е во нас.

Исто е и со животот и со смртта. Од раѓање сме потсетувани на нашата смртност. Умираме од мигот кога ќе го земеме првиот здив. Крвта е извор на животот, од нејзината циркулација зависи секој орган и секоја клетка во телото. Крвавењето не е само симбол на умирањето, туку и буквален знак за тоа. Во првата група на слики е сликата со наслов „Крварење“. Погледот е насочен настрана. На оваа слика би можело да се гледа како на портрет од птичја перспектива. Во легната положба со главата врз крвава постела очите како да сакаат да го избегнат соочувањето со она над нив, со метафизичкиот миг кога последната капка крв ќе истече и кога ќе настапи состојбата за која се расправа, дури и се војува откога постои човештвото. Прашањето не е пред сѐ, „Што е смрт?“, туку „Што е по смртта“?. Или поставено на поинаков начин, има ли воопшто смисла и ако ја има каква е таа смисла на крвотокот кој значи живот? Без разлика што не претендира дека може да даде каков било одговор, Марина Спасовска посочува на фактот на тоа да се биде жив и да се живее додека животот трае.

Крварење

Тоа го кажува со неколку портрети, „Имобилизирана“, „После хируршка интервенција“, „Лузна“ и „Чии лузни броиш?“. Во „Имобилизирана“ положбата е повторно хоризонтална. Тоа е подготовка за операција од субјективна гледна точка. „Стерилното“ бело во вакви ситуации на „пациентот“ му изгледа како крвавото небо при изгрејсонце или зајдисонце. Лицето како и погледот се статични, како во филмска сцена каде што сцената е „замрзната“ додека во заднината нештата продолжуваат непречено. Ова се мигови во кои пациентот знае дека ништо повеќе не зависи од него, судбината му е во нечии други раце – ранливоста го достигнала највисокиот степен. Колку ли само сме кревки; на природата не ѝ треба речиси никаков напор за да нѐ однесе со виорот. Но, и неверојатно сме жилави. Сами се изненадуваме од нашата издржливост. Нѐ обединува заедничкото искуство да сме минале низ длабоко и мачно премреже за кое знаеме дека тукушто ни претстои, сигурни сме дека не би го издржале.

Имобилизирана

Сепак, издржуваме. Марина Спасовска ни го кажува токму тоа со сликата „После хируршка интервенција“. Портретот сведочи за исклучително добро познавање или запознавање со постоперативната состојба на максилофацијална хируршка интервенција. За нештата да станат подобри, првин треба да станат полоши. Лицето е отечено, со крвави подливи на подочниците. Погледот е на личност, која на интимен начин ја запознала болката. Устата е затворена, а и зошто би се отворала да изусти нешто, зарем изгледот не кажува сѐ? Сеедно има надеж во тој ист поглед. Очите се бистри, сини и нема никаква зацрвенетост во нив. Го отсликуваат небесното синило на ведар сончев ден. Два мали прозора низ кои минува светлината врамени во маки и во јадови. Како што одминува животот, така сѐ повеќе е одбележан со лузни. Не знаеме кои ни се пострашни, нашите за кои зборува сликата „Лузна“ или туѓите кои се тема на сликата „Чии лузни броиш?“. Двете слики се различни според композицијата, според изборот на боите и според насоката на погледот.

После хируршка интервенција

На сликата „Лузна“, изгледот на лицето е оној на изненаденост. Ненадејна средба при што се станува свесен за видливоста на лузната? Прво соочување во огледало по симнувањето на завојот? Мачнина заради потсетувањето на трауматичниот настан? Или можеби храброст да се чекори со „крстот“ на чело пред сите? Од друга страна, на сликата „Чии лузни броиш?“ портретот е со решителен израз додека го поставува ова прашање. Во погледот има и благост, дури и сочувство. Потсетува на „ранетиот исцелител“ еден од највпечатливите термини на Карл Густав Јунг, заснован врз кентаурот Хирон од грчката митологија. Но, има и јасен христијански пандан, оној на Христос. За ова пишува Хенри Нувен во истоимената книга Ранетиот исцелител. Токму раните, кои ни биле нанесени, со сите нивни последици, се темелот на емпатијата потребна за да им се помогне на патот на исцелувањето на другите. „Чии лузни броиш?“ на Спасовска ја доловува емпатијата на насликаниот портрет. Ова лице има многу лузни и пресни рани и токму тие се „мелемот“ за нечии туѓи рани.

Лузна

Чии лузни броиш

Хенри Нувен е релевантен за оваа изложба зашто и тој зборува за „гласната тишина“. На пример, во неговата книга за молитвата Со отворени раце тој пишува, „Сме се отуѓиле од тишината. … Изгледа дека не можеме да го поднесеме звукот на тишината.“ На колку ли начини тишината нѐ плаши?! Колку децибели на музика, ревење на моторот и скандирање на стадионот се потребни за да го затапат, па дури и да го убијат крикот на тишината што нѐ повикува да престанеме да бегаме од самите себеси, да дозволиме срцето да му ги постави неумоливите прашања на умот, и духот да ја соочи волјата со страшниот избор да се биде или не.“ Две реченици со вкупно неколку десетини зборови, а во себе содржат мисли и зборови што може да ја исполнат вселената.

Од темата на крвавењето и на лузните се префрламе на друга група слики чија тема е повеќе општествена, а не толку физичка. Станува збор за четири слики кои зборуваат за тоа дека сме тело и душа, психосоматска целина и дека душата може да биде ранета и да боли повеќе од телото. Современото општество е сѐ посвесно и сѐ по-вокално за ова прашање, прашањето за универзалните човекови права. Едно од нив е правото на секој човек да може да ги ужива сите придобивки на живот во заедница од нејзиниот најтесен до нејзиниот најширок опсег. Особено треба да се внимава на оние на маргините. Токму таков е насловот на една од сликите во оваа група, „На маргина“. Марина Спасовска, покрај вештината, креативноста и уметничкиот стил, со овие слики покажува дека е созреана за ваков уметнички потфат. „На маргина“ е добар пример кој сведочи за нејзината зрелост како уметник. И овој портрет е од птичја перспектива. Но, овој пат се работи за вертикален агол при што портретот добива „антигравитациски“ квалитет, глава која изгледа дека самостојно лебди над телото. Главата, симбол на душевното е издвоена од телото. Ова е метафора за свесноста на едно маргинализирано лице за тоа дека единствената свесност на околината за него е обидот тоа да се избегне и да не се стапи во очен контакт зашто погледот во очи „обврзува“. Во некои студии за бездомни лица добиени се изненадувачки резултати од нивните интервјуа. Се разбира практичните проблеми како што се студот, гладот, немање засолниште и начин како да се одржува лична хигиена се јасно нагласени. Она што е фрапантно е дека нивната навидум рамнодушност е чин да се одбранат од уште поголеми трауми. Сите без исклучок нагласуваат дека имаат насушна потреба со некого да поразговараат. Лишеноста да разменат по неколку значителни зборови ги маргинализира на пожесток начин од лишеноста од основните состојки за егзистенција. Но, Марина не е уметник кој го гледа само гротескното во постоењето.

На маргина

Го гледа таа и доброто. Не се работи само за маргината, има и праг кој треба да се помине за да се пристигне … таму каде што може да се припаѓа. Портретот „На прагот“ е моќна метафора за припаѓањето. Неконвенционалниот накит во форма на „пирсови“ го носи лице со самодоверба. Ова е лице кое точно знае дека колективните придобивки на човештвото треба и мора да му бидат на располагање на секое човечко битие, а не само на некаква избрана група по која било основа. Лицето на портретот како да вели, „Еве ме тука сум и никаде не заминувам“. Говорот на оваа тема Спасовска го продолжува со сликата „Воздржана“. Воздржана од што? Можеби од тоа да се каже нешто на глас, но нели изложбата е наречена „Гласна тишина“? На портретот е претставено лице во профил, но во движење. Очите се доведени до нивниот краен досег и се вперени директно во „соговорникот“. Без да изусти ни збор портретот на Спасовска прашува реторички, „И што?“. Во ова прашање се сумира решителноста да се раскрсти со секоја состојба на жртва; да се разобличат сите манипулации кои создаваат општествени жртви од секаков вид поддржувани од систем кој го овозможува тоа. Овој „воздржан“ поглед води до последната слика во оваа група – „Една од вас“ која видно отскокнува од востановениот пристап на уметникот. Соочени сме со блага насмевка, со топол поглед и со општа смиреност во погледот. Ова е слика за личност која си е „своја на своето“ и која без никакви двоумења знае дека „Една од вас“ значи и „една од нас“

На прагот

Воздржана

Една слика за вас

Уметникот и неговите слики го заокружуваат гласот на тишината со четири слики со слична тематика. „Метаморфоза“ е мечтателен портрет. Дали е ова нечиј крај или почеток? Но, токму тоа и го претпоставува метаморфозата, и почеток и крај. Што почнува тука, а што завршува? Во оваа положба очите повеќе сокриваат отколку што откриваат. Зениците и ирисите се „стопени“ едни во други. Мали точки на рефлексија сведочат дека очите гледаат во нешто. Раката е нежно положена врз лицето, додека спротивниот образ како да излегува или да влегува во црвената подлога – „уловен“ миг на метаморфоза при што суштината останува иста, но формата е различна. Во природата овој процес е дел од развојот на една животна единка чија конечна состојба најчесто е крилата. Дали тоа уметникот на своите портрети им дава крилја за лет?

Метаморфоза

Слобода! Слична е замислата и со сликата „Регенерација“ и „Повторно раѓање“. Ако метаморфозата укажува на промена на формата која е ослободувачка за дадениот жив организам термините повторно раѓање и регенерација укажуваат на промена на етосот или на парадигмата на постоењето. Уште еден термин со идентично значење „Ренесанса“ го доближува ова значење на уште повпечатлив начин. Почнувајќи со проторенесансата чиј водечки претставинк е сликарот Џото, светот почнува да се гледа со нови очи и со ново разбирање. Ова е почетокот на нов светоглед. Во „Регенерација“, Марина Спасовска го дава контемплативниот аспект на новиот етос и на новата парадигма. Ликот е дојден до определено спознание и оттука нема назад. Отворени се хоризонтите за нови согледувања и за нови откритија. Во „Повторно раѓање“ контемплацијата е заменета со загадочен, но сигурен поглед. Нешто ново е родено во овој поглед и ништо не може да му застане на патот. Лицето е сѐ уште од крв и од месо. Ранливоста и кревкоста го пратат во чекор. Светот е тоа што бил, е и ќе биде. Но, сега се гледа со нови очи, со нова смелост и со нова решителност.

Регенерација

Повторно раѓање

Конечно на изложбата сме соочени со сликата „Преобразба“. Оваа слика секако тематски припаѓа со сликите наведени погоре. Етимологијата нуди една мала, но важна разлика. Затоа и мојот осврт го нареков „Од метаморфоза до преобразба“. Во метаморфоза етимологијата посочува на терминот μορφή (морфе) што значи форма, облик или појавност. Зборот „преобразба“ е во некоја смисла синоним, но со една важна разлика. Во овој случај терминот „образ“ во словенските, а со тоа и во македонскиот јазик е пандан на εἰκών (еикон) од каде што доаѓа и одомаќениот термин „икона“. Преобразувањето во себе го содржи преобликувањето, истовремено надминувајќи го. Во филозофските и теолошки текстови на оваа тема, ова ја подразбира способноста на човечкото постоење не само да стигне до форма која ослободува, туку и до битисување кое трансцендира и преобразувајќи ја човечката природа онтолошки ја сообразува со највозвишената метафизичка категорија. Тоа христијанското предание го нарекува θέωσις (теосис), а што значи „обожување“. Според преданието на исихазмот во рамките на развојот на христијанската теологија секоја икона сведочи за и повикува на ваква преобразба.

Со циклусот слики „Гласна тишина“ младата сликарка Марина Спасовска успеала да проговори со глас кој не може, а да не се слушне.

Извор: Окно.мк

Latest Posts

Не пропуштај