Последни написи

РУСКИ ЧАЈ ВО ПОСТИЗБОРНА СРБИЈА: Преку етикета за „Мајданизација“ до алиби за апсења и бруталност

РУСКИ ЧАЈ ВО ПОСТИЗБОРНА СРБИЈА: Преку етикета за „Мајданизација“ до алиби за апсења и бруталност

  • Политичкиот врв во Белград, со помош на Путин, се обидува своите внатрешни противречности и флагрантно кршење на принципите за одржување демократски и слободни избори да ги префрли на ниво на меѓународните заострени односи.
  • Кој го измисли терминот „новиот Мајдан“ – збор кој најголем дел од приврзаниците на Вучиќ и Брнабиќ не го ни разбираат?
  • Или поточно, кому му користи тоа за продолжување на периодот на противправно однесување на власта, по одржаните парламентарни, покраински и делумни локални избори?!

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА

Непосредно по затворањето на избирачките места во соседна Србија пред десеттина дена, за време на првите, нецелосни прес конференции на партиите, за првпат, во јавноста на овој дел од Европа го слушнавме подзаборавениот збор „Мајдан“. Го искористи секако најнеобичниот учесник во политичката трка, д-р Несторовиќ, како лидер на партијата „Ние“ – кој со своите шест места во Градското собрание на Белград стана клучен и ненадеен фактор за тоа кој ќе ја формира власта што ќе раководи со главниот град.

Овој пулмолог, близок на претседателот Вучиќ кој му го додели висок орден, есента во 2020 година, додека ја раководеше антиваксерската кампања (!) рече дека ќе остане самостоен, освен ако опозицијата не се обиде да направи немири „ала Мајдан“!

На стартот на таа вечер, кога од сите страни, пред сè од Белград, пристигнуваа вести за најразлични неправилности, кои битно влијаат на конечните резултати (појава на околу 40 илјади гласачи однадвор и дополнително отпечатени гласачки ливчиња во друга боја од официјалната), во воздухот почна да се насетува дека оние резултати што ги прочита Вучиќ на пресот на својата партија СНС тешко дека ќе бидат признаени. И дека работите лесно ќе излезат на улица. Не долго потоа, сфативме дека асоцијацијата која веднаш укажа на важната улога на Москва во овие избори, сепак, произлегува од деструктивните кругови на Кремљ, од каде тие претходно веќе подготвиле стратегија со која би сакале да ја заштитат Вучиќевата наводна победа која треба да значи дека тие за истата станале најважен „жирант“.

Оттаму, судирот на наводните големи сили на полето на изборите во Србија не можат да се изедначат на начин на кој тоа го прави тамошната власт и нејзините медиуми во постизборниот период. Најнапред, можното влијание на САД, видливо и од соопштенијата и изјавата на амбасадорот Хил, дури пројави кај дел од аналитичарите горчлив вкус дека, од аспект на Вашингтон, врв на приоритетите е да продолжи примената на Бриселската спогодба (2013 г.) и неодамнешниот Охридскиот договор (непотпишан и сепак важечки).

ЈАС ТЕБЕ, ТИ МЕНЕ Одлична кооперација на слични системи

Ова значи дека оној кој дал согласност за примената на истиот (истите), а тоа е за Србија најпрвин тогашниот премиерот Дачиќ, а потоа и претседателот Вучиќ, кој на овие избори го стави под хипотека целиот свој политички и морален капацитет, од американски аспект треба да го сочува своето место, барем додека да се оствари завршување на конфликтот Србија – Косово со отворање, меѓу другото, на патот на целосно признавање на независноста на Приштина и влез во меѓународните институции.

Ова секако може и не мора да се прифати. Впрочем, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ во прелиминарниот извештај на 18 декември објави дека изборите во Србија ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.

Дел од европратениците повикаа на независна истрага за сите пријавени неправилности. Притоа, САД ги повикаа и властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи. По немирите на 25 декември, Стејт департментот повторно го повика Белград да соработува со мисијата на ОБСЕ, нагласувајќи дека насилството врз новинарите, набљудувачите и изборните службеници е „неприфатливо“.

„Фокусирани сме на соработката со Србија за зајакнување на демократското владеење и владеењето на правото, подобрување на регионалната соработка, продолжување на економскиот раст и забрзување на напредокот на Србија на патот кон членство во Европската унија. Иднината на Србија е на Запад“, заклучи Стејт департментот на прашањето на Гласот на Америка за новите протести во Белград.

НОЌ НА ДОЛГИТЕ ПЕНДРЕЦИ Стара тактика: Полицијата ќе ја нападнат орди на фудбалски навивачи во качулки и ќе побегнат, за да ѝ даде повод на жандармеријата да стапи на сцена

За разлика од западните меѓународни набљудувачи, кои по изборите укажаа на нерегуларности, руските набљудувачи оценија дека изборите поминале во „фер и коректна атмосфера“. Очекувано.

На покана на Изборната комисија на Република Србија, изборите ги следеше сенаторот Дмитриј Василенко, кој е под санкции од САД, Велика Британија и ЕУ за поддршка на инвазијата и анексија на украински територии.

Што се однесува до Унијата, сигурно е дека само Орбан е тој кој му честиташе на победата на Вучиќ, што е дел од вкупниот парадокс на изборите кои не беа, нели претседателски, ама како да беа!

Но затоа, другата велесила доживеа еден дипломатски преседан. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, се сретна со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко. Иако фактите за изборите се познати и на пошироката јавност, а да не говориме за директните актери (според српската премиерка Брнабиќ, нели, руските информатори биле „до гуша“ инволвирани во настаните за кои станува збор, како што објави РСЕ на српски, амбасадорот добива извештај директно од претседателот на една држава.

Дури и кога во амбасадата навистина немаат претстава за она што се случува во Белград и Србија на политички план, таквото информирање може да доаѓа само од далеку пониски службеници и тоа, секако, во што е можно поголема дискреција. Ова значи дека политичкиот врв на Белград отворено и јасно сакал да покаже дека зад себе има една моќна машинерија, додуша навистина во војна подолго време и под меѓународно ембарго; ама тоа е важно како претстава пред српскиот народ, за да се покаже дека какво-такво заштитничко сидро постои, особено што популарноста на Кремљ е грижливо и упорно негувана во Белград.

ПРОТЕСТИ, ОСМИ ДЕН Ова се сериозни луѓе кои не дозволуваат да бидат излажани и замолчени – демонстрантите од „Србија против насилството“ на пат кон седиштето на полицијата

Српските медиуми, што за оваа средба се повикуваат на руската агенција Спутник (!) пренесуваат дека на почетокот на средбата рускиот амбасадор на Вучиќ му ја подарил книгата „Строго доверливо“ од поранешниот дипломат и долгогодишен амбасадор на СССР во Вашингтон, Анатолиј Добрињин. Постоело и т.н. дипломатско озборување насочено кон САД и Германија.

„Нема докази дека западните земји организираат протести и овие тврдења се целосно неосновани“, вели Предраг Петровиќ од невладиниот белградски Центар за безбедносна политика за РСЕ на српски.

Тој оценува дека ваквите пораки се обид за „криминализирање и делегитимирање“ на потезите на опозицијата по изборите на 17 декември.

„Ваквите изјави можат да претставуваат чекор кон заострување на односите со западните земји, но поважно од тоа е што ќе направи Вучиќ во пракса, бидејќи и претходно знаел да дава многу остри изјави и дека во пракса не се оградувал толку многу од Западот“, вели Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика. Тој додава дека Вучиќ сè уште се обидува да „игра на двете карти и двете да ги држи во некаква политичка неизвесност“.

ТРАНСПАРЕНТИ Дел од транспарентите што ги носат студентите на белградските протести

„Ова е и за тоа што гласачкото тело на СНС е многу проруско и тие ги гледаат настаните на Мајдан како нешто негативно. Со испраќањето на овие пораки, Вучиќ сака да маргинализира сè што прави опозицијата по изборите“, рече Петровиќ.

Да појасниме и за нашите читатели дека протестите на Евромајдан, или Мајдан, започнаа во ноември 2013 година, кога демонстрантите се собраа на главниот плоштад во Кијив за да протестираат против одлуката на тогашниот претседател Виктор Јанукович да не го потпише клучниот трговски договор со Европската унија, претходно усвоен од Парламентот. Наместо тоа, тој бараше поблиски економски врски со Русија. Дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата, со стотина мртви на 18 и 20 февруари 2014 година, кога Јанукович и поголемиот дел од неговата влада побегнаа во Русија. Москва потоа ја започна својата окупација на украинскиот Крим и поттикна смртоносен сепаратистички конфликт во делови од двата источни региони на Украина.

Бојан Клачар, извршен директор на ЦеСИД, потврдува дека Мајдан е добро познат во Србија и дека српските граѓани имаат став кон него, што не е позитивен кај мнозинството од населението.

МИРНИ ДЕМОНСТРАЦИИ Студентите на улица играат и карти, кога жандармеријата не дејствува

„За ова тврдење нема студии кои точно би го потврдиле, но претпоставката е дека перцепцијата за Мајдан во Србија е лоша, односно дека се подразбира како настан во кој биле инволвирани странски служби, што дополнително довело до мешање во внатрешните работи на една држава. Токму затоа се инсистира на терминот „мајданизација“. Значи, тоа е всушност некаква ефикасна метафора, имајќи предвид дека перцепцијата за тоа не е во позитивен клуч. Јас не навлегувам во тоа што е поконкретно Мајдан, затоа што овде суштински и не дебатираме за тоа“, вели Клачар, според белградски НИН.

Оттаму, споредбите на протестите на опозицијата за оние што флагрантно ги прекршија изборните правила, со она што се случило во кијивски Мајдан е израз на голем страв на Москва дека, во случај на промени на политиките на Србија, би се изгубило клучното сидро на проруската империјална политика на Балканот, откако во Софија работите стојат „фифти-фифти“.

Практично, во двете историски позиции што Кремљ ги смета со столетија за свои би се случувале настани кои битно ја слабеат неговата позиција! Ова со исфрлувањето на Мајдан како слика за некаков геостратешки симбол доста му користи и на Вучиќ кој смета дека може да лавира меѓу Истокот и Западот до бесконечност, иако ниту според законите на физиката, тоа просто не е можно: некои политички кредити се трошат. На едната или на другата страна. Секако, притисокот на рускиот амбасадор бил потребен за Вучиќ и лично, кој не е толку мирен како што неговите медиуми сакаат да го прикажат и го даваат како јаде јаболка (во периодот 24/25 декември, за 24 часа, четири пати се вклучи ненајавено во директни јавувања на некоја од телевизиите со национални фреквенции).

Користењето на познатите навивачки орди со напади врз институциите, во име на инаку мирните демонстранти во Белград, секако е направено според стари полициски методи (да се сетиме како уфрлените силеџии на протестите на 5 мај 2015 година кај нас дадоа повод за користење на несразмерна сила врз демонстрантите), секако е само причина да се повлече орозот за поагресивно однесување на власта, особено откако клучните агресивци се повлекоа во мир, за полицијата потоа да ги претепува и апси студентите и да ги сокрива местата каде се тие однесени, спротивно на правилата и да ги држи без можна адвокатска заштита.

Утринското приведување на Воислав Остоиќ од Движењето на слободни граѓани веќе укажува дека се посегнува и кон повисоки актери на протестите, пак да посочиме – после средбата на Вучиќ со рускиот амбасадор (!), со „правната“ оценка за настаните како „обид за рушење на уставниот поредок“. Тоа беа првите клаузули под кои ги апсеа протестантите во Белград.

Зборот Мајдан е тука точката која дозволува продолжување на беззаконието и користењето на мерки за присила. Во исто време, органите на управата и оние задолжени за заштита на законитоста покажаа максимална приврзаност на личната моќ на претседателот Вучиќ.

ДНЕВНИ АКТИВНОСТИ Протестното секојдневие на улиците на Белград

„Обидите на Западот да ја раздвижи и онака напнатата политичка ситуација во Србија, користејќи испробан рецепт за поттикнување пуч во стилот на Мајдан, се очигледни и целосно транспарентни“, изјави Захарова за агенцијата ТАСС на 25 декември.

Слична изјава по средбата со претседателот на Србија даде и рускиот амбасадор во Белград.

„Опозицијата ги започна протестите, кои се охрабруваат однадвор. Вучиќ зборуваше за тоа, не можам да навлегувам во детали, бидејќи тоа е доверлива информација. Но, тој има непобитни докази дека поттикнувањето и поддршката доаѓаат од Запад“, вели Боцан-Харченко за „Россия 24“.

Да не остане покус и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „трети страни и странски земји се обидуваат да предизвикаат немири во Белград“ и додаде дека „нема сомневање дека српските власти ќе можат да обезбедат ред и мир во земјата“. Ова повеќе наликува на сугестија да се воведе ред и мир со сите средства!

„Можеби на некој начин ќе му испратат порака на Вучиќ, бидејќи му даваат некаква дополнителна поддршка за неговиот курс, да не воведува санкции кон Русија“, оценува Предраг Петровиќ.

НОВОГОДИШНА АТМОСФЕРА Белград не сака да се помири со изборната измама

„Мајдан и Шарената револуција што не смее да се случат во Белград“ е пораката на десет од најголемите проруски канали на комуникациската платформа Телеграм.

„Ситуацијата е болно позната во земји со влада што не е блиска до САД – порано или подоцна ќе се случи Мајдан“, наведува еден од најпознатите руски канали на Телеграм „Сајбер фронт Z“.

Според нив, протестот се одвива „по сите шаблони на ЦИА“, а до Мајдан не стигнал бидејќи, како што наведуваат, нивните „специјалци го предупредиле лидерот на Србија за подготовка на бунт“.

Добро, прво значи доаѓа предупредувањето од Москва (!), потоа се лажираат изборите, па се апсат учесниците заради „рушење на уставниот поредок“, па на ред доаѓаат помалите лидери на партиите од опозицијата (Остоиќ).

Сега, според рецептите за готвење на рускиот чај недостасува некој српски Навални? Опозицијата го знае ова и затоа храбро истапува и се одрекува од своите пратенички имунитети.

Амбасадоре, кој е следниот чекор?

Извор: ЦивилМедиа

 

Latest Posts

Не пропуштај