More

    Сите 40 илјади земјоделци кои стекнале право, следната недела ќе добијат авансна исплата на субвенциите

    На вчерашната седница Владата на Република Северна Македонија донесе измени
    и дополнувања на програми и уредби, со коишто се овозможува земјоделците во
    државава за прв пат досега, да добијат авансна исплата на субвенциите.

    Сите 40.000 земјоделци кои се стекнале со право за субвенции, ќе добијат авансна
    исплата на 30 проценти од субвенциите, во текот на следната недела.

    Станува збор, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за
    земјоделство, шумарство и водостопанство, за предвремена, односно авансна
    исплата на субвенциите по програми за тековна година, согласно новиот модел на
    субвенционирање што го воведе Владата.

    Авансна исплата на субвенциите за прв пат ќе добијат и лозарите.
    Согласно донесените одлуки на вчерашната владина седница авансна исплата од 30
    проценти на субвенциите ќе добијат и лозарите, нешто што не се случило никогаш
    досега. Се овозможи со воведениот нов модел за субвенции, да има навремена
    поддршка на лозовите насади, тогаш кога им е најпотребна на лозарите.

    На седницата исто така Владата даде поддршка и да се продолжи рокот за
    аплицирање во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот
    развој, за дополнителните 70 проценти од субвенциите, што според новиот модел
    на субвенции, се поврзани со пријавување на количината на производство, од
    страна на земјоделците. Рокот за пријавување до 25 декември, е продолжен до 30
    декември. Според пријавеното производство на количините, на почетокот на
    годината ќе се направат пресметките за доисплатата на субвенциите, на
    земјоделците на кои им следуваат.

    Exit mobile version