Последни написи

Руска пропаганда на А1он преку „аналитичарот“ Скот Ритер, осуден за сексуалени престап врз малолетник

Секако не е прв пат, а по сè изгледа нема да е ниту последен, А1он, како еден од најистакнатите про-Кремљ медиуми во Северна Македонија кои шират руски пропагандни наративи и дезинформации, да се повикува на коментарите на својот омилен „аналитичар“ Скот Ритер како „релевантен извор“ за анализи за војната во Украина. Релевантноста на изворот е во најмала рака дискутабилна, а како што ќе се покаже подолу во текстот, поради неговото минато, неговото присуство не e погодно во близина на лица под 18 години.

Цивил Медиа веќе неколку пати пишуваше, и ги дебанкираше „прогласите“ од рашистичката оска А1он – Скот Ритер.

Следејќи ги изјавите на овој „голем познавач“ на приликите околу развојот на настаните во Украина кои ги пренесува А1он, зачудува како воопшто се уште и се води војната, бидејќи според неговите изјави, ревносно пренесени на овој проруски портал, Русија веќе победила.

Така, во текст од 16 октомври, Цивил веќе дебанкираше објава на А1он, во која овој проруски портал ја пренесува изјавата на „поранешниот американски разузнавач“ Скот Ритер дека руската армија постигнала фантастични успеси во регионот на Донецк. Понатаму во текстот се цитираат негови изјава од Ју Тјуб каналот „Гегенпол“ во кој тој ги „воспева“ ( иако во сите извештаи од реномирани светски медиуми ситуацијата е спротивна) руските успеси на бојното поле во Украина.

-Русите тргнаа во офанзива по целата линија на фронтот; Русија победува, Украина нема повеќе засилувања; Гледаме распаѓање на вооружените сили на Украина; Eден ден ќе се разбудите и ќе го видите руското знаме над Киев;, играта е завршена Украина, потпишавте смртна казна“, се дел од неговите изјави кои во периодот во октомври 2023 со нескриено воодушевување ги пренесе А1он.

Со истиот тон на „раштиманата балалајка“, А1он продолжува и во декември оваа година. Така, последните две објави од овој познат „експерт“, миленик на пропагандистите во Кремљ, пренесени на овој докажан проруски портал се дека Руската армија е најдобра на планетава и дека Руските војници бележат победи и постигнуваат сериозни успеси.

Како особено „аналитички“ изјави на овој, како што го нарекуваат во А1он, американскиот воен аналитичар и поранешен разузнавач на американскиот марински корпус, се оние дека нема вооружени сили на планетата кои имаат исто искуство како руската, а украинската армија можеше да има слично искуство, но сите се мртви…? Тогаш, кој ли се спротвставува, и тоа доста успешно, на руските агресори во Украина?

Единствено како веродостојна може да му се земе изјавата кога вели дека Русија денес има уникатен механизам за регрутирање и обука на армијата…само што различно од неговата перцепција, во негативен контекст, Русија денес регрутира осудени силувачи, убијци, наркомани, алкохолитари…

Во втората пренесена негова изјава, повторно ги споделува руските пропагандни наративи за „ќор-сокакот“ околу американското финансирањето на Кијив, и дека нема доволно пари во светот за да се смени она што се случува на бојното поле во Украина, каде според него, украинските сили претрпеле стратешки пораз со тоа што тргнаа во дефанзива, додека руските војници „секаде бележат победи и постигнуваат сериозни успеси“?

Сите ови наративи, лиферувани на прокремљ медиумите, секако не се потврдени, напротив, воените експерти во западните медиуми го тврдат токму спротивното.

Околу веродостојноста на изјавите на Ритер и неговите воено-политички- аналитички способности, како најексплицитна е изјавата од пред една година, кога за време на едно интервјуто на 6 април 2022 година, тврдеше дека Русија победи во оваа војна.

„Верувам дека тие се во процес на завршување на една од највпечатливите воени победи во модерната историја“, изјави Ритер во стилот на руските тврдења дека Кијив ќе биде освоен за 48 до 72 часа.

И уште еднаш за тоа кој е Скот Ритер, омилениот извор на А1он за веродостојни извори за случувањата на фронтот во Украина: поранешен инспектор за оружје, аналитичар и…осуден сексуален престапник

Скот Ритер е поранешен инспектор за оружје на ОН во 1990-тите и аналитичар на Маринскиот корпус за време на советската инвазија на Авганистан една деценија пред тоа, кој е меѓу групата Американци на кои им се додворуваа руските пропагандни извори.

Според Наталија Антонова, долгогодишна репортерка и уредничка од Москва, како и истражувач на ОСИНТ со големо познавање на Руски техники на дезинформација, Ритер е пример за типичен обесчестен Американец, човек кој се дискредитираше себеси во САД и сега сака да биде прифатен како извор на „чесна анализа“ во Русија како средство за постигнување обновена или зголемена слава, пренесува Еуроњуз.

Ритер, меѓу другото е осуден сексуален престапник, кој во неколку наврати бил фатен како се изложува на малолетници на интернет. Одлежал една и пол година затвор. И покрај тоа, тој тврди дека бил цел на американската администрација поради неговото противење на војната во Ирак.

Во 2001 и 2009 година, Скот Ритер беше под истрага за обвинение за сексуален напад и беше осуден во 2011 година за сексуални престапи со малолетник. Ритер „разменувал сексуални пораки со детектив кој се претставувал како малолетна девојка и мастурбирал дури и откако прикриениот службеник нагласил за време на разговорот дека е малолетна“, објави британскиот весник Гардијан на 15 април 2011 година.

Ритер беше осуден на 5,5 години зад решетки, но беше пуштен на условна слобода по 2,5 години затвор.

Русија продолжува да ги (зло)употребува дезинформациите на обесчестениот, дискредитиран поранешен член на Маринскиот корпус и осуден за сексуални престапи со малолетник, за својата пропагандна машинерија, во кои сесрдна помош добива преку тенденциозните објави со кои А1он шири руска пропаганда и дезинформации не запираат, напротив, тие дури и се засилуваат. Секоја објава за „достигнувањата“ на руските вооружени сили, украинските „порази“, американската „неспособност“, се проследени со дополнителни про-руски, анти НАТО содржини, преполни со руска пропаганда, инсинуации и дезинформации.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај