More

    Ризаов: Се вади милитантен арсенал за наводно предавство, има сериозни сили кои се против членството во ЕУ

    Со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија, се вади милитантен арсенал за наводно предавство и распродажба на националните интереси. Пред избори треба да се излезе на чистина кој за што е

    Кога едноставните работи се усложнуваат со манипулации и лаги резултатот е тој што го гледаме со години во Македонија. Почнатите преговори со ЕУ по успешниот скрининг треба да продолжат по одлуката на Собранието за уставни промени. Ако не се донесе таква одлука станува неизвесно кога тоа ќе се случи бидејќи релевантни политички партии за тоа немаат навестување, ниту некоја поцврста определба. Ова е таа едноставна ситуација со едноставно решение.

    Ова го изјави за „Фронтлајн“ новинарот и политички аналитичар Ерол Ризаов.

    Тој нагласува дека „со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија, се вади милитантен арсенал за наводно предавство и распродажба на националните интереси“.

    „Сведоци сме како со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија. Притоа се вади милитантен арсенал со кој се алармира јавноста за предавства и распродажба на националните интереси, на македонскиот идентитет, на јазикот, на историјата, се тврди дека никогаш нема да влеземе во ЕУ, што сè заедно предизвикува голема конфузија кај граѓаните. Тоа е сеење на отров што кај голем број граѓани предизвикува слепило да не се видат јасно работите, вели Ризаов.

    Или, додава тој, еве го едноставното објаснување што значат преговорите. „Ништо друго освен спроведување во практиката на сè она за што меѓусебно се обвинуваат со децении големите партии“.

    – Тука се воспоставување на: правосуден систем како што прилега на демократска држава; независно судство; владеење на правото; сведување на криминалот и корупцијата на едно ниво кое не дозволува јадење на супстанцата на државата; успешни економски реформи; праведен даночен систем; подобро образование и здравство; повисок стандард на населението; слободни медиуми; повисока еколошка свест; ефикасна администрација; современо земјоделство; изградба на комплетна инфраструктура и уште многу реформи предвидени во над 30 поглавја кои треба да се реализираат за 5, 10, 15 години, зависи од нас. Тоа за Македонија објективно е можно за шест до седум години ако има меѓупартиски консензус да се мери успешноста на секоја влада според тоа колку од овие реформи остварила, нагласи тој.

    Според него, пред избори треба да се излезе на чистина кој за што е.

    – Има сериозни сили во Македонија и во партиите и во деловниот свет и во науката кои се против членството на Македонија во ЕУ, или попрецизно кажано – против европеизација на Македонија. Тие јавноста треба да ги препознае и на изборите да ги казни. Само така може да се отвори патот кон европските вредности. Победата на тие кои се на погрешната страна на историјата води кон распад на државата, подвлече Ризаов во изјавата за „Фронтлајн“.

    Извор: Фронтлајн

     

    Exit mobile version