More

    Наместо да преземе мерки, Град Скопје ни кажува на кои ранг листи да гледаме колку е загадено

    Град Скопје последниве денови е во топ десетте најзагадени (главни) градови во светот, според податоците на сервисот Ај кју ер.

    Попладнево, Скопје е на осмото место во светот, а мерната станица во 15.30 часот денеска (20 декември) измерила високо ниво на загадување од 167,51 микрограми на метар кубен.

    Но, од Град Скопје, наместо да преземат мерки со цел да се намали загадувањето, утрово излегоа со препорака да не му веруваме на сервисот Ај кју ер.

    „Имено, неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото“ порачаа од Градот преку соопштение.

    Како редакција, решивме да ги послушаме советите од Градот, па го отворивме сервисот што тие го препорачуваат.

    И навистина, од Градот се во право, постои разлика во бројките, но за жал на сите жители на Скопје, на сервисот „WAQI“ загаденоста во Скопје е уште поголема.

    Па така, според овој сервис денеска мерната станица во Ѓорче Петров (општина во Скопје) измерила екстремна загаденост од дури 183 микрограми на метар кубен, додека во Гази Баба исто така скопска општина загадувањето попладнево изнесува 178 микрограми.

    И додека граѓаните се гушат, Град Скопје освен што полемизира за светските ранг листи за загаденост во суштина не презема ниту една мерка за да се ублажи енормното аерозагадување.

    Како најголема единица на локална самоуправа, Град Скопје може да преземе низа мерки за намалување на загадувањето како итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје,  Чистење на улиците и јавните површини со помош на цистерни, времено ограничување на работа на градилишта, но и засилен и постојан ангажман на градските инспектори.

    Извор: 24инфо

    Exit mobile version