Последни написи

Ковачевски: Пренаменети 32,5 милиони евра буџетски средства за рамномерен регионален развој

„Поддршката за развој на општините е континуирана и доказ за тоа е и денешниот
настан кој се случува верувам прв пат во историјата на државата, меѓутоа се
надевам дека нема да биде и последен пат, на кој присутните министри и
градоначалниците каде што ќе потпишат договори за реализација на проекти од
локален интерес, наменети за во најголем дел од општините во државата,“ порача
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски,
по повод денешниот настан на којшто беа потпишани договори со општините за
реализација на конкретни проекти од локален интерес.
Претседателот Ковачевски посочи дека заедничка цел на централната и на
локалната власт треба да бидат интересите и потребите на граѓаните, што
претставува еден од врвните приоритети на Владата.

Тој се заблагодари на успешната соработка на сите политички партии при
реализацијата на оваа значајна и голема активност.
„Сакам да се заблагодарам на сите пратеници во Собранието кои учествуваа во
амандманската расправа на прераспределбата на Буџетот. Тука сакам да се
заблагодарам пред се и на пратениците кои што го сочинуваат мнозинството
бидејќи на крајот нивните гласови одлучуваат, а гласовите одлучија дека без
разлика на тоа која општина од кој политичар или градоначалник од било која
политичка партија е номиниран и кандидиран добива финансиски средства за
реализација на проектите кои што ги има и кои што значат подобро живеење на
граѓаните. И тоа е навистина нешто што е за поздравување и што уверен сум дека
ќе оддекне исклучително позитивно во јавноста,“ порача Ковачевски.

Вкупно 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена
на финансиски средства од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно
од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика,
култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата
за млади и спорт. Овие пари се наменети за вкупно 66 проекти за 44 општини.

„Дел од проектите се наменети за реконструкција и изградба на училишта и
спортски сали во Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Охрид. Парите за овие
проекти во износ од 380 милиони денари (над 6,1 милиони евра) ќе се обезбедат од
Министерството за образование и наука. Додека пак, 250 милиони денари (над 4
милиони евра) се обезбедуваат од Министерството за труд и социјална политика,
за проекти за подобрување изградба и реконструкција на градинки, во општините
Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода. Ова се проекти што значат
подобрување на условите за згрижување на децата од предучилишна возраст, во
овие општини,“ посочи Претседателот на Владата на Република Северна
Македонија, Димитар Ковачевски.

Претседателот Ковачевски информираше дека, осум милиони денари (130.000 евра)
од сметката на Министерството за здравство ќе се пренаменат на сметката на
Општина Илинден за реконструкција на амбулантата во оваа општина, што е од
исклучително значење за заштита на здравјето на граѓаните.

Министерството за транспорт и врски ќе пренамени над 1 милијарда денари (16,2
милиони евра) за проекти за изградби, реконструкции и асфалтирања на улици и
локални патишта и мостови, во повеќе општини.

Над 183 милиони денари (3 милиони евра) од Министерството за животна средина
и просторно планирање ќе се пренаменат за проекти од областа за животната
средина, во Валандово, Прилеп, Берово, Чучер Сандево и во Пласница.
Во делот на културата, 30 милиони денари (487.000 евра) од Министерството за
култура ќе се обезбедат за реализација на проектот за Дом на културата во село
Матејче, Липково.

Преку Агенцијата за млади и спорт ќе се пренаменат 114 милиони денари ( над 1,8
милиони евра) за изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во општините
Штип, Велес и Ѓорче Петров, проекти со кои им овозможуваме на младите и на
граѓаните услови за спортување и рекреација.

Latest Posts

Не пропуштај