More

    Андревски: Плурализмот треба да се гледа како можност за различно толкување и вреднување на фактите и вистините

    „Беа големи очекувањата кога општеството се определи за плурализам во сите сфери, да не биде се сведено на политика и политички партии, туку во сфера на култура, образование, вклучително и на медиумите. Пошироко треба да се гледа плурализмот, повеќе како можност за различно толкување и вреднување на фактите и вистините. Различни видови на сопственици на медиумите и носители на новинарската медиумска дејност и дека во рамките на тој простор многу често беше освојувана таа слобода, а и многу често беше злоупотребена“, рече професор доктор Живко Андревски, комуниколог, во утринската програма на „Слободен печат“.

    Тој додаде дека под слободата на медиумите се појавиле елементи на непрофесионално, политизирано однесување. Андревски дополнително додаде дека со тоа дошло до заведување на публиката за прифаќање на определени невистини како точности.

    „Кога слободата на политичко промислување на нештата се злоупотребува и се верува дека политиката тоа го дозволува, иако политиката е сериозна област којашто треба да го води општеството, а не поради тоа што е некаква политика да се затскриваат интереси“, потенцираше Андревски.

    Тој констатираше дека најголем број на сопствениците на медиумите, освен што се сопственици законски, често практикуваат односно сакаат да бидат сопственици и на субјективитетот и персоналот на новинарите.

    „Кога некој влегува во овој бизнис, мора да разликува дека не влегува во фабрика за производство на месо, туку влегува во функционирање на медиум кој има облик на јавно влијание, и на тој начин има општествена одговорност за своето дејствување“, посочи Андревски.

    Тој заклучи дека сопствениците треба да знаат дека медиумот има свој ентитет. Затоа главните уредници на медиумите вработени во медиумите и сносат одговорност за содржините што се емитуваат и пишуваат.

    Дезинформации ќе си постојат исто како што постојат пеналите во фудбалот, општеството мора да може да бара начини да го намали нивното влијание

    „Не постојат лажни вести, или се вести или се лаги. Нема лажна вест, ако е вест, можеме да разговараме дали е професионално компонирана, дали соодветствува на фактите. Ако е лага, тогаш е производ на фикција. За лагите и дезинформациите на медиумите нема лек. Може само да се намалува нивното дејство и присуство“, рече професор доктор Живко Андревски, комуниколог, во утринската програма на „Слободен печат“.

    Тој на гледачите им препорача интелектуално да ги обработуваат вестите и информациите што ги добиваат, да видат дали тие се можни и точни и што им недостига. Андревски дополнително додаде дека гледачите треба да бараат логичко постоење на вистина од која произлегува некоја вест и да се информираат од повеќе медиуми за да можат да ја доловат вистината.

    „Дезинформации ќе си постојат исто како што постојат пеналите во фудбалот, пенал постои и кога се игра во финале на Светско фудбалско првенство, пенал постои на Лига на шампиони. Проблемот е ако може општеството, а мора да може да бара начини што е можно помало да биде влијанието на дезинформациите во општеството и да влијае врз помалку битни процеси во општеството“, заклучи Андревски.

    Exit mobile version