Последни написи

Намален број на контроли, деловни трошоци и побрз транспорт се главните придобивки на „Овластените економски оператори“

камиониКамиони/ Фото: МИА

Во Северна Македонија вкупно 27 компании имаат меѓународна ознака „ОЕО“ (овластен економски оператор) за доверливост и усогласеност со законодавството. Ознаката ја доделуваат царинските органи на бизнис субјекти кои исполнуваат голем број пропишани критериуми и кои, потоа, имајќи го „ОЕО“, на меѓународниот пазар се препознаени како доверливи.

Намалениот број контроли, пократко задржување на камионите, побрз транспорт и намалени деловни трошоци, се само некои од придобивките на „ОЕО“ компаниите, велат упатените.

Олгица Накова од Регионалната Асоцијација за ОЕО посочува дека придобивките од оваа програма се големи.

Олгица Накова – Регионалната Асоцијација за ОЕО

– Едни од придобивките од системот е забрзување на царинските постапки, намалување на деловните трошоци, заштеда на време, а важна придобивка е препознатливоста на терен, бидејќи тоа значи дека е сигурен пазарен партнер за царинската служба. Во овој поглед, учеството во меѓународните трговски синџири често е условено со добивање статус на ОЕО. Она што е важно е дека кога ќе се исполнат условите за програмата да биде препознаена на ниво на ЦЕФТА-регионот, компаниите можат да ги користат придобивките што им ги носи статусот во сите страни на ЦЕФТА. Со поедноставување на процедурите и почитување на единствени правила, се стремиме да го поврземе пазарот на ЦЕФТА што е можно повеќе. Примената на програмата на овластени економски оператори, како и нивното меѓусебно признавање е многу значајна во процесот на исполнување на нашите приоритети, а тоа се регионални како и интеграција на ЦЕФТА економиите на единствениот европски пазар. Затоа почитувањето на стандардите на ЕУ е клучниот услов за признавање на оваа програма на ниво на ЦЕФТА, вели Накова

Таа додава и дека како претставник од компанијата Транслог Експрес ДООЕЛ, на денешната дискусија за Концептот на овластените економски оператори „Улогата и учеството на релевантните државни институции во неговата примена“, дека е важно и значајно тоа што ќе бидат вклучени повеќе државни институции во овој процес, а примената на критериумите за добивање статус на овластен економски оператор ја прави трговијата побезбедна, побрза и поефикасна, а крајниот резултат е производите и услугите побрзо да стигнуваат до потрошувачите.

Од друга страна Дамјан Сотировски од компанијата Беташпед ДОО вели дека концептот „овластен економски оператор“ е воведен од Светската царинска организација и базира на партнерство помеѓу царинските органи и економските оператори.

– Кога економскиот оператор, вклучен во синџирот на меѓународна трговија, исполнува одредени критериуми, тој добива статус на ОЕО, што истовремено означува и највисоко ниво на доверба. Процесот на одобрување ознака „ОЕО“ е тежок и може да потрае неколку месеци. Добивањето статус бара дополнителни напори од страна на компаниите – почитување на прописите, собирање документација, па дури и технолошки инвестиции за исполнување на строгите критериуми. Потребно е да има целосна деловна усогласеност со царинските и даночните прописи на подолг временски период, докажана финансиска ликвидност, уредно сметководство и лесен пристап до сметководствената евиденција, постоење на систем кој овозможува откривање на неправилности и измами, архивирање на евиденција и заштита од губење на податоци, исполнувајќи ги соодветните стандарди безбедност и сигурност. Другите услови се однесуваат на високо ниво на доверливост и квалитет на деловните процеси, како и на системот за внатрешна контрола. Довербата и безбедноста се клучни зборови во овој процес, објаснува Сотировски.

Слично размислува и Мухамед Ибраимеи, од Даути Комерц АД Скопје.

Мухамед Ибраимеи, Даути Комерц АД Скопје

-Генерално, придобивките од статусот Овластен економски оператор (ОЕО) се доволно познати за македонските компании-економски оператори, но дел од нив се уште се во фаза на добивање на истиот бидејќи е потребно исполнување на голем број безбедносни процедури. Со стекнување на статус на Овластен економски оператор, се смета дека економскиот оператор е сигурен во поглед на исполнувањето на царински поврзаните активности и согласно тоа има право на поволности во рамките на царинското подрачје на Македонија – појаснува тој.

Стекнувањето на статус на овластен економски оператор не е обврска за економските оператори по закон, туку со ваков статус по сопствен избор може да се стекне секој економски оператор, вклучувајќи ги и малите или средните трговски друштва без оглед на нивната улога во меѓународниот синџир на снабдување, доколку исполнува одредени услови. Исто така, не постои законска обврска за овластените економски оператори да побаруваат од своите деловни партнери да стекнат статус на овластен економски оператор вели Елена Тортеска Ристоска од АД Пекабеско.

Елена Тортеска Ристоска – АД Пекабеско.

-За да се добие овој сертификат и одобрение за Економски оператор, формиравме координативно тело кое заедно со претставници од различни сектори учествуваа во одговарање на Прашалникот кој требаше да се достави до Царинската управа, она што беше важно е тоа што компанијата требаше да исполнува различни критериуми за да станеме иматели на сертификатот. Во текот на целиот процес па и сега имаме големА поддршка од претставници на Царинската управа – ПОЈАСНУВА Тортеска.

Таа додава дека со овој серификат компанијата е побезбедна, посигурна  во работењето, како и изборот на партнерите за соработката и дека затоа е значајно што поголем број на компании да станат овластени економски оператори и секако да има вмрежување со другите институции за да има уште побрз проток на стоки и услуги.

Инаку настанот „Концепт на овластен економски оператор (ОЕО): Улога и учество на релевантните државни институции во неговата примена“ е организиран од Царинската управа на Република Северна Македонија во соработка со Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст и Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо. Иако носечка институција во имплементација на програмата за ОЕО е Царинската управа, постигнувањето на максимални ефекти од нејзиното спроведување во голема мерка зависи од активното вклучување на останатите државни институции кои имаат овластувања во прекуграничната трговија. Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст го поддржува овој настан со цел да им овозможи на институциите подобро да се запознаат со целите и суштината на концептот за ОЕО и во соработка со Царинската управа да бараат начин како да придонесат кон олеснување на прекуграничното движење на овластените економски оператори.

Извор: Слободен Печат

Latest Posts

Не пропуштај