More

    Медиумите и меѓуетничките односи: Наместо одговорно известување – долевање масло на огнот

    Пишува: ЉУБИША АРСИЌ

    Во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија од ноември 2023 година, кој се повикува на наодите и препораките на извештајот на Европската Комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРН), се адресира проблемот со насилство мотивирано од етничка омраза, кое недвосмислено се поврзува и со говорот на омраза.

    „Повеќето случаи на говор на омраза во Северна Македонија се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците. Други етнички групи, како што се Ромите или Бугарите, исто така се жртви на говор на омраза“, се вели во дел од извештајот. Ова значи дека следењето на напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ се гледа и низ призмата на меѓуетничките односи, или попрецизно, на „македонско – албанскиот“ говор на омраза, но и на говорот на омраза против Ромите, Бугарите, па и антисемитскиот говор на омраза.

    Во оваа анализа, низ разговор со неколку релевантни соговорници, ќе се осврнеме на значењето на медиумите и нивната улога во промовирање на добрите меѓуетнички односи.

    Дали се медиумите промотори на позитивни и смирувачки пораки, или пак дел од нив се поттикнувачи на проблемот со меѓуетничките односи? Дали медиумите го сфатиле нивното влијание, дали преземаат соодветни мерки и дали уредувачките политики се накленети кон она што треба да биде дел од нивната улога – смирување на можните тензии и едукација на граѓаните?

    Тунева: Медиумите може да се дел од проблемот, но мора да се дел од решението

    Медиумите навистина можат да бидат дел од проблемот со меѓуетничките односи, особено кога ќе западнат во стапицата на пристрасност и заземање страни, вели д-р Марина Тунева, истакната истражувачка и експертка за аспектите на мултикултурализмот во медиумите.  „Пристрасноста неретко значи усогласување со нечии етнички или националистички перспективи, што се препознава со доминацијата на таквите гласови во медиумското информирање. Ова може да се должи на различни фактори, почнувајќи од сопственичките структури, политичките афилијации, општествените притисоци итн. Игнорирањето на поширокиот контекст, селективното информирање и ограниченоста во пласираните перспективи, значи и ограничени теми, ограничени перцепции, ригидни ставови во однос на многу прашања“, посочува Тунева во разговорот за Институтот за медиуми и аналитика ИМА.

    Сепак, дополнува таа, покрај тоа што медиумите навистина може да се дел од проблемот, може и би требало да тежнеат кон тоа да бидат дел од решението. „Важно е да напоменам дека и медиумите имаат потенцијал да бидат дел од решението. Низ одговорно информирање, кое дава приоритет на урамнотеженото известување, глас на различни поединци и информирање кое промовира конструктивен дијалог може позитивно да се придонесе кон решавање на проблемите“, смета Тунева.

    Трајчевски: Медиумите не смее да бидат извор на говор на омраза

    Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизеулни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, во разговорот за ИМА зборува за улогата на медиумите, за тоа дали тие ја исполнуваат општествената обврска во правец на смирување на меѓуетничките тензии и како ги третираат овие теми во известувањето.

    „Меѓуетничките односи се континуирано присутни во медиумите и можат да се појават при обработка на која било тема. Како регулаторно тело, ние ниту можеме ниту смееме да им наметнеме на радиодифузерите правила, освен ако станува збор за говор на омраза и дискриминација и тоа не во поглед на известувањето за нив, туку од аспект на тоа дека медиумите не смеат да го поттикнуваат или да бидат извор на ваквиот говор. Во тие случаи постапуваме и регулаторно – преку надзори и мерки, и превентивно – преку работилници, насоки, водичи. Инаку, и сфаќањето на радиодифузерите за нивната општествена обврска во поглед на јавниот интерес повторно варира од медиум до медиум. За жал, дел од нив и натаму ја гледаат својата работа само како бизнис“, вели Трајчевски за ИМА.

    Рашиди: Медиумите да не гледаат низ „македонски“ или „албански“ агол

    Финансиските и бизнис интереси на медиумите како причина за влијание врз медиумските содржини ги споменува и новинарот на Телевизија Алсат, Назим Рашиди, кој има големо искуство и со проекти што вклучуваат мултукултурна и мултиетничка димензија.

    „Сме имале искуство кога медиумите известуваа само еднострано, или со поглед на проблемот од една страна, со јасна, тенденциозна намера другиот да се декласира и да се претстави како непријател. Но, сме имале и ситуации кога медиимите биле посеопфатни, поаналитички и поконструктивни. И, секако, во која било форма да известуваат, нивното влијание врз публиката е големо. Мислам дека општествените текови, општата атмосфера, а особено практикувањето на политиката придонесуваат – какво новинарство и какви медиуми ќе имаме. Тука секако се наметнуваат и финансиските интереси“, вели за ИМА новинарот Рашиди.

    Тој воедно ја нагласува моќта на медиумите во правец на промоција на вредностите на меѓуетничките односи. „Мислам дека медиумите ја препознаваат својата улога во смирување на меѓуетничките односи, но прашањето е дали ја користат моќта што ја имаат за добра цел или и тие потклекнуваат на емоциите? Се почесто низ медиумите се гледа на настаните или низ албански или низ македонски агол. Но тука нема професионално новинарство, затоа мора да го надмине таквото поимање на нештата, особено кога известуваме за меѓуетнички односи“, смета Рашиди.

    Што недостасува: Соодветни институционални мерки, или мерки во медиумите?

    Главните препораки во извештајот на Европската комисија се содржани во делот за „насилство поттикнато од омраза“, во кој се адресира проблемот со непреземање соодветни мерки од страна на властите во однос на нападите мотивирани од омраза и нивниот „лежерен пристап“ во однос на насилството мотивирано од омраза помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци.

    Токму затоа, „Комисијата препорачува релевантните власти сериозно да го сфатат насилството мотивирано од омраза меѓу етничките Македонци и етничките Албанци и соодветно да реагираат, вклучително и со спроведување ефективни истраги за такви инциденти и подведување на сторителите на одговорност.“

    Нашите соговорници таквото постапување на институциите, но и непокажување јасна грижа за меѓуетничките односи го поврзуваат и со функционирањето на медиумите.

    Експертката Тунева смета дека, во принцип, улогата на медиумите, не само во нашата држава, туку и воопшто, подразбира стремеж кон поттикнување средина која ги спречува и ги ублажува потенцијалните етнички конфликти. „А тоа, пред сè, значи одговорно известување, кое е многу повеќе насочено кон афирмација на заедништвото, отколку на поделбите. Не би можела да генерализирам, но повеќе медиуми во државата продолжуваат да се движат по траекторијата на поларизираност, како во однос на многу други теми, така и во однос на оваа. Под различни влијанија, а посебно политички или идеолошки, тие во одредени моменти придонесуваат за влошување на тензиите. Дали тоа ќе биде преку селективно информирање, сензационализам, пласирање еднострани наративи, зборување низ призма на стереотипи и предрасуди, крајниот ефект е продлабочување на недовербата во општеството“, вели Тунева.

    Директорот на АВМУ, Трајчевски потсетува дека уште во 2015 година Агенцијата има Водич за мониторинг на говорот на омраза. „Тој  дава многу јасни правила за тоа како да не се завлезе во говор на омраза кога се известува за која било тема, вклучително и меѓуетничките. Препораки за можниот начин на постапување на медиумите има и во Методологијата за мониторинг на изборното известување како и во новиот Кодекс за однесување во онлјан просторот за време на изборни процеси, кој е резултат на соработката на АВМУ со ЗНМ, СЕММ, МИМ, ИКС и Метаморфозис. Агенцијата, секогаш кога тоа е можно, во рамките на обуките и работилниците што ги држи со радиодифузерите, вклучува и претставници од други организации кои ги презентираат нивните препораки и упатства. Исто така, редовно ги преведуваме и објавуваме релевантните препораки на Советот на Европа и ги користиме во нашите извештаи од мониторингот“, потенцира Трајчевски.

    Новинарот Рашиди, пак, смета дека токму недоволното постапување на државата, како што наведува ЕК во извештајот, е поврзано со она што го промовираат и медиумите.  „Играта на меѓуетничка карта, а тука може да се каже и меѓурелигиска, и нејзиното користење за предизвикување тензии мора да ја запрат државата и институциите. А тие во многу случаи не реагираат. Сето ова има цел да создаде тензии и нетрпеливост. Медиумите потоа само ги рефлектираат таквите појави а секако може да влијаат во смирувачки правец, не само со покривање на факти, туку да имаат прогресивен агол кон овие теми. Тука треба да се направи поделба на медиумите. Интернет медиумите, за разлика од традиционалните, секогаш предничат оти постојано се водат од сензационализам, а понатаму знаеме какви реакции ќе има и каде води тоа“, укажува Рашиди.

    Медиумите да овозможат и спроведат поголема саморегулација

    Но, не се само македонско – албанските односи горлива медиумска тема, од која отсекогаш профитирале партиите, а не е тешко да се претпостави дека добар дел од нив и ќе продолжат да дејствуваат така. ЕК предупредува и на насилството врз Бугарите, а во извештајот се нотира дека „насилството против Бугарите стана сериозен проблем во последно време“, доведувајќи го во врска со загрижувачкиот тренд на антибугарски говор на омраза и „антибугарскиот јавен дискурс“.

    Откако детално ги обработила инцидентите со насилство врз оние кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, како и обидите за откажување на регистрацијата или распуштање на здруженијата на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, Европската Комисија ја дава следната препорака:

    „Властите да продолжат да заземаат силен јавен став осудувајќи ги сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, како и да се погрижат властите на локално ниво да го сторат истото. Исто така, во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, властите треба да се воздржат од откажување на регистрацијата или распуштање на здруженијата на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, доколку тие не поттикнуваат, промовираат ширење или оправдување насилство, омраза или дискриминација. Доколку е потребно, треба да се побара експертско мислење од Советот на Европа за ревидираниот Закон за здруженија и фондации и соодветно да се разгледаат релевантните одредби.“

    Тунева не прави разлика кон кого се упатува говорот на омраза, оти тој секако има негативни импликации, кон кого и да е искажан.

    „Професионалните медиуми, коишто водат сметка за својот интегритет, но и за јавниот интерес водат сметка за влијанието на нивното информирање, особено за време на инциденти или конфликти од чувствителна природа. Вообичаено преземаат мерки за да се спречат штети, како што се внимателно проверување на изворите, контекстуализирање на изјавите, избегнување сензационализам, стереотипи, предрасуди, говор на омраза. За жал, не можам да речам дека во однос на инцидентите, провокациите или конфликтите од ваков тип тоа е случај со повеќето медиуми. Некои медиуми, предводени од стремежот да стигнат до поширока публика или медиуми кои се под влијание на одредени центри на влијание ја занемаруваат ваквата одговорност. Па, така тие многу повеќе се фокусираат на заканувачките и потпалувачките наративи, понекогаш и без доволен контекст или спротивставеност со друго гледиште, отколку на наративите што смируваат. Ова може да доведе до искривени перцепции кај граѓаните, а потенцијално да ескалира и во дополнителни тензии“, оценува Тунева.

    За да имаме што поголем број медиуми кои известуваат за вистината и на секој начин се обидуваат да промовираат меѓуетнички вредности наместо тензии, потребна е ефикасна саморегулација. „Начинот на известување од страна на медиумите е прашање на саморегулација, на почитување на професионалните правила и стандарди од страна на самиот новинарски еснаф. Агенцијата, во рамките на својот редовен мониторинг, надзор над начелата за вршење на дејност прави само врз основа на претставки, а и тогаш, се држиме до праксата воспоставена пред неколку години, анализата и одлуката на регулаторот да ги доставиме потоа до Советот за етика во медиумите кој, како саморегулаторно тело е надлежен за почитувањето на новинарскиот кодекс“, смета директорот на АВМУ, Трајчевски.

    Кога медиумското известување е искривено, се ограничува различноста на перспективите

    Во наодите на ЕК, покрај говорот на омраза против Ромите, се обрнува внимание и на проблемот со насилството, поконкретно со непријавувањето на насилство поради недостиг на доверба во полицијата. Токму затоа, се препорачува властите да ги интензивираат своите напори за спречување и борба против „антициганизмот во полициското работење“:

    „Притоа, властите треба да преземат решителни активности за да ги охрабрат Ромите жртви и сведоци на полициска злоупотреба да излезат јавно, да им дадат соодветна поддршка и да обезбедат поголема полициска одговорност, особено преку развивање ефективни механизми за внатрешен и надворешен полициски надзор, зголемување на обуката на полицијата за прашања поврзани со ромското население, промовирање на регрутирањето Роми во полициските служби и обезбедување еднакви можности за развој на кариерата на полицајците Роми“, се вели во Извештајот на ЕК.

    Во сето ова, медиумите може да одиграат важна улога, недвосмислени се соговорниците на ИМА. Кога уредувачките политики би имале поинаков пристап и мислење за оваа категорија граѓани, тие би можел да придонесат Ромите да имаат повеќе доверба во институциите.

    „Не забележувам дека доминираат смирувачки пораки од страна на медиумите, ниту, пак, дека се внимава на јазикот, контекстот, причините, последиците…Не се зборува многу низ призма на граѓаните. Или се игнорираат теми од ваков тип или пак се зајакнуваат стереотипите за другиот – како тој е лош или е тој кој што ни предизвикува штета. А ова може да ги влоши тензиите и недоразбирањата. Кога на тоа ќе додадеме дека и овие теми се гледаат низ политичко – партискиот визир тогаш јасно е дека сликата се искривува по забрзан пат. А кога медиумското известување е обземено, па и искривено од наративите на политичарите, се ограничува различноста на перспективите. Во општества во коишто медиумите се стремат соодветно да известуваат за етничките или социјалните прашања, тие прават дополнителни заложби да ги вклучат гласовите од заедницата, а не само на оние од позиција на моќ или влијание“, укажува експертката Тунева, додавајќи дека дури и кога нема инциденти, забележлива е тенденцијата медиумите повеќе да се фокусираат на конфликтни ситуации, а многу помалку на случаи на мирен соживот.

    „Тоа не мора да бидат посебни приказни, има начини како таквите пораки да се „вметнат“ во редовното медиумско информирање и да се насочи вниманието на јавноста кон нешто што е подзаборавено, игнорирано, исклучено од редовното инфомирање, а сепак е вредна сторија за објавување“, посочува Тунева.

    Новинарот Рашиди, исто така, укажува на недостатокот од новинарски стории кои во континуитет би обработувале сензитивни теми, но со сосема поинакви пораки.

    „Онлајн медиумите, како и  за многу друго, имаат многу неодговорност при објавување на ваквите содржини, додека во традиционалните сепак  повеќе се внимава. Но, не можеме да кажеме дека немало случаи низ кои јасно се гледа тенденциозниот наратив. Мора да се истакне дека Алсат ТВ е лидер во ова насока, и тоа го прави самостојно. За кохезија ни треба институционална грижа која ние ја немаме во никаква форма. Се останува на самите медиуми, кои, ако се водат од комерцијален интерес или сензација, лесно може да ги кршат приципите на објективност, одговорност и професионалност, а свесни сме дека последиците од тоа може да се погубни. Медиумите мора да искажуваат постојана грижа за новинарските теми поврзани со меѓуетничките односи. И во оние периоди кога реално немаме инциденти на терен. Но, таквата поддршка треба да се сфати дека овие теми несекогаш се атрактивни од комерцијален аспект. Проблемот е во тоа дека челниците во медиумите не сакаат позитивен наратив. Политиката, а често и медиумите се храната од тензиите и се додека е така нема да имаме константна грижа за меѓуетничките односи“, вели Рашиди.

    За жал, според него, меѓуетничките теми сè уште се гледаат од аспект на доминација. Па, ако се прокламира еднаквост тоа во јавноста се презентира како страв од губење привилегии од една страна, или зачувување на теренот од друга страна.

    „Ова свест доминира и кај самите медиуми па затоа немаме константна грижа за меѓуетничките односи. Сметам дека би требало од многу актери во општествениот живот да се поддржат константни медиумски продукти кои ке ја истакнуваат важноста на кохезијата, без при тоа некој да навива за некого, да се срами од нешто или да биде осуден во дел од јавноста“, посочува Рашиди.

    Што до изборите, и како со известувањето за меѓуетничките односи во предизборието?

    Предизборието е време кога генерално се заострува реториката во општеството што се одразува и во известувањето на медиумите, а кај некои од нив и во анализирањето на меѓуетничките односи, укажува директорот на АВМУ Трајчевски. „Кога говориме за ова, треба да се има предвид дека, согласно препораките на ОДИХР за медиумско известување, слободата на изразување на политичките субјекти, особено во време на кампања, е поширока, оти се смета дека е важно граѓаните да се запознаат што поцелосно со ставовите на оние меѓу кои треба да изберат при гласањето“, предупредува Трајчевски.

    Но тоа, според него, ги става медиумите во специфична позиција – континуирано да носат уреднички одлуки како да известат за целовитоста на настанот или изјавата, а да не станат фактор на подигнување тензии. „Позицијата на Агенцијата секогаш е дека – одговорите се наоѓаат во доследното почитување на професионалните новинарски стандарди“, потенцира Трајчевски.

    Во однос на медиумското известување за меѓуетничките односи, а во пресрет на изборната кампања, д-р Марина Тунева нагласува дека вистинитоста и кредибилитетот на медиумите се најважни.

    „Познатиот новинар Едвард Мароу еднаш рекол дека „за да бидеме убедливи мора да ни се верува, за да ни се верува мора да имаме кредибилитет, за да бидеме кредибилни мора да ја зборуваме вистината“. Во време на засилени политички, па и етнички тензии, вистинитоста и кредибилитетот на медиумското известување се најважни. Медиумите мора да одолеат на предизвикот да станат алатка за каква било националистичка или етничка агенда на која било партија и наместо тоа да се придржуваат на принципите на вистинитост и етичко новинарство, а не да ги извитоперуваат. Нема помоќна формула од таа!“, смета Тунева.

    Иако и претставниците на регулаторот, и експертите и новинарите посочуваат дека медиумите со нивното известување можат да одиграат важна улога во намалување на етничките тензии и подобрување на меѓуетничките односи, во праксата тоа изгледа поинаку.

    И во минатото, а и сега, видливи се тенденции за заострување на меѓуетничката реторика при важни општествени случувања и процеси, а особено за време на изборите. Иако до наредните избори има неколку месеци, во медиумите и јавната комуникација веќе се забележуваат вакви тенденции. Тоа укажува дека земјава, и овој пат, кога се станува збор за меѓуетничките односи и нивниот третман во медиумите, ќе се соочи со повторување на историјата. Освен доколку, во меѓувреме, и партиите, и институциите и медиумите не го сменат значително пристапот кон оваа проблематика. Од она што може да се види, такво нешто е, за жал, малку веројатно.

    Exit mobile version